„Синедејс“ со години наназад го гради својот имиџ и ми се чини дека полека достигнуваме ниво. Имаме одлична екипа, одлична работна и фестивалска атмосфера, па така и самите си привлекуваме и убава програма – вели Маргарита Арсова, програмска координаторка
Со премиерата на филмот „Мими“, втор долгометражен игран филм на Даријан Пејовски, беше отворен 21. Фестивал на европски филм „Синедејс“. Жешките летни ноќи дефинитивно неделава ќе ги разладува богатата програма на фестивалот што ја слави европската кинематографија. Блиску до сите, со многу опции за гледање филмови под ведро небо, дел бесплатни, дел по симболична цена – „Синедејс“ ќе биде простор за љубителите на филмот да го видат највозбудливото од европските кинематографии и дефинитивно ќе виде место каде што ќе можеме да видиме и премиери на неколку македонски и копродукциски филмови. Разговараме со Маргарита Арсова, програмска координаторка на „Синедејс“.
– Најпрвин, бевме принудени да го преместиме фестивалот во летен период, поради ковид-пандемијата и пропишаните епидемиолошки мерки. Од 2020 и 2021 година, за време на летните периоди, мерките попуштаа, а во тоа ние видовме шанса да излеземе со проекции на отворено и по секоја цена да одржиме физичко издание на фестивалот. Додека светските и домашните фестивали нудеа онлајн или хибридна програма, или воопшто не се одржаа, ние решивме да не правиме компромис. Дури и за време на најстрогите карантински мерки, во 2020-та, правевме програма и во полициски час, по скопските населби. Не знаеме да седиме мирни, тоа е најголемата причина.
Дури и откако се укинаа сите мерки, заклучивме дека публиката одлично реагира на нашето летно издание. Тоа се должи најмногу на фактот што на лето, атмосферата во Скопје е жива, публиката е надвор и расположена за настани. Така и не понесе идејата дека можеби „Синедејс“ и ќе остане летен фестивал. Друга причина е што сакаме да освојуваме нови локации, да имаме пред себе други предизвици за да можеме да стигнеме до што повеќе публика, да го донесеме филмот кај нив, во нивните заедници, населби, места. Летото за тоа е совршена прилика.

„Синедејс“ годинава има можност за ексклузивно прво прикажување на филмовите од програмата на Канскиот филмски фестивал во Гала селекцијата. Како дојдовте до оваа можност?
– Ова се случи благодарение на досегашното искуство и докажаната доверба во кругот на европските филмски фестивали и годините соработка со регионалните дистрибутери. Драго ни е што во МКЦ и „Синедејс“ гледаат партнер со кој можат да имаат успешна соработка и да токму нам ни се нуди програма која воопшто не заиграла на ниту еден друг фестивал/кино по нивната премиера во Кан. И многу мејлови, упорност, желба. Покрај тоа, „Синедејс“ е единствениот категоризиран фестивал во државата, што е гарант за исполнување на стандарди во одржувањето на фестивалот. Самата категоризација е своевиден знак за препознавање што ни овозможува доволна предност.
„Од високо подобро се гледа“ вели слоганот, со кој сакате воедно да ги претставите и вашите чести физички и финансиски вончовечки напори кои ги правите за фестивалот. Па на што сте горди на ова издание?
– Горди сме што стигнавме до 21 издание. Горди сме што и пред „Синедејс“ во МКЦ постоела неверојатна кинопрограма која 30 години пред првото издание на фестивалот ја формирала публиката, ја одржувала кинокултурата, создавала плодна почва за раѓање на еден филмски фестивал. Горди сме на сите во МКЦ кои 50 години ја одржувале институцијата жива, а со тоа и културата во градот. Горди сме и на колегите кои решиле да ја преземат европската иницијатива за создавање на „Недела на европски филм” со наслов „Синедејс“ за потоа да препрасне во вистински филмски фестивал.
А на ова издание, горда сум дека и покрај сите препреки, финансиски, човечки и емотивни, цврсто стоиме на почва истовремено летајќи во облаци. Ќе имаме сериозна програма со многу гости, одлична придружна програма и прекрасни вечери со настани под отвореното скопско летно небо.
Во последните неколку години се чини дека „Синедејс“ е се попривлечен за филмаџиите кои сакаат своите премиери да ги прикажат токму на овој фестивал. Претставува ли и ова признание за растот на фестивалот?
– Баш така. Од една страна ние како организатори, не ги оставаме да размислуваат многу и веднаш им се јавуваме со информација за датите на одржување. Тоа е наша домашна задача. Од друга страна, знаат дека ќе направиме се да изгледа како што треба, да се случи домашна премиера, од од светски размери. „Синедејс“ со години наназад го гради својот имиџ и ми се чини дека полека достигнуваме ниво. Имаме одлична екипа, одлична работна и фестивалска атмосфера, па така и самите си привлекуваме и убава програма.





