Наталија Теодосиева: Снимавме во вонредни услови, целата екипа на „Мими“ е за огромна пофалба

Важно ми е што сè повеќе се обработуваат теми поврзани со времето во кое што живееме и најважно ми е тоа што јас преку мојата професија можам да го дадам гласот на оние кои ја немаат таа можност – вели актерката Тамара Ристоска

Вториот долгометражен филм на режисерот Даријан Пејовски вечерва во 21 часот на Кровот на Градскиот трговски центар во Скопје ќе го отвори .. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Оваа психолошка драма зборува за повлечена девојка, која се запознава со екстровертната Сара и се раѓа опсесивно пријателство. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Хрватска и Косово, а наш продуцент е „Скопје филм студио“.

Пејовски досега има снимано неколку краткометражни, го сними „Три дена во септеври“, а има работено и на ТВ-серииите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.

Наталија Теодосиева

– Снимањето помина глатко и лесно, би рекла. Имавме интензивни подготовки и проби, па така спремни улетавме на сет. Тамара ми беше партнерка со која имам најмногу сцени и многу беше важна нашата комуникација, но уште на самиот кастинг, многу брзо се изгради заемната доверба и тоа многу ми помогна лесно да стигнам до резултат, се надевам и нејзе – вели Теодосиева, која ја толкува насловната улога.

Ова е прва нејзина соработка со Пејовски.

– Тој дефинитивно е режисер со кого постојано би работела. Неговата прецизност во однос на решенија и индикации, ја прави работата лесна и во исто време мотивира и охрабрува за мој влог во неговата слика. Иако филмот го снимавме во вонредни услови, во екот на пандемијата, целата екипа која работеше на „Мими” е за огромна пофалба – вели Наталија.

Во филмот играат и: Сашко Коцев, Оливер Митковски, Ненад Митевски, Стефан Спасов, Владимир Петровиќ, Петар Мирчевски и др.

Теодосиева има неколку филмски улоги во последните години. Повеќето се кратки филмови, пред некоја година играше и во „Врба“, „Исцелитетот“ и „Втора шанса“. Самата смета дека не снима многу често, но е среќна за приликите што ги имала досега.

-Едноставно ми се допаѓа сработеното односно ликовите кои сум ги портретирала на филм, затоа, сè повеќе се гледам себе на филм. Дефинитивно процесот на снимање и речиси се’ што носи со себе би сакала почесто да ми се случува – смета Наталија.

Тамара Ристоска

За Тамара Ристоска улогата на Сара е прва голема на големото платно. За неа е едно од најдрагоцените филмски искуства.

– Снимањето долгометражен филм бара поинаква дисциплина и посветеност. Кога имаш добро сценарио и добро изработени ликови, предизвикот е уште поголем. Не можев да посакам подобра работна атмосфера, режисер што точно знае што сака и неверојатни колеги. Наталија е царица! Како за прва соработка имавме доста сцени заедно, кои навистина беа обемни и бараа труд. Но, со партнер како Наталија, тоа многу лесно го совладавме. Мими и Сара се ликови кои зависат една од друга, па затоа и разговараме многу за нашите карактери, за нивните намери, динамиката и каков е нивниот однос. Сите овие разговори и проби што ги имавме, многу ни помогнаа за време на снимањето – вели Тамара.

Таа е среќна што работи на филм со современа тематика. Во последните неколку години сме сведоци на квалитетни сценарија кои ја покажуваат насоката во која треба да се развива македонската кинематографија.

-Важно ми е што сè повеќе се обработуваат теми поврзани со времето во кое што живееме и најважно ми е тоа што јас преку мојата професија можам да го дадам гласот на оние кои ја немаат таа можност – завршува Ристоска.

Владимир Петровиќ во улога во „Мими“

Фестивалот „Синедејс“ и годинава ќе понуди многу богата програма. Премиера на неколку македонски филмови ќе се организира во рамките на фестивалот. За целата програма, читајте на линкот.

 

Сподели