На 8. издание на фестивалот „Скопје синема сити“ артист во фокусот е Ник Кејв кој ја доби наградата за животно дело
Целта ни е не само да има убава програма, туку и да е забавна. Затоа се потрудивме за содржајна, шарена, забавна и убава програма, вели Ненад Георгиевски во пресрет на 8. издание на фестивалот „Скопје синема сити“. Годинава артист во фокусот е Ник Кејв. Фестивалот почнува вечерва во 19 часот со изложба на фотографии од Ник Кејв од реномираниот српски фотограф Немања Ѓорѓевиќ, што ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Фестивалот ќе трае до 5 јули, а годинава се вклучува и Ана Василевска, филмски аналитичар која ќе модерира неколку настани.

Ненад Георгиевски
– За овие неколку фестивалски денови публиката ќе има можност да види шарен избор од разни продукции, светски, регионални и локални. Веќе најавивме дека артист во фокус е Ник Кејв и ќе го отвориме фестивалот и со изложба од негови концертни фотографии од Белград, Загреб и Нови Сад на Немања Ѓорѓевиќ, но и со документарниот филм „20.000 денови на земјата“. Ова не е прв документарен филм за него кој ќе се најде на програмата на ССС. Во 2015 година за првото издание го прикажавме филмот „Патот за Господ знае каде“ на Ули Шупел кој ни беше гостин, но се трудиме за почетокот да имаме некое посебно отворање што би било омаж за уметникот во фокус. На Кејв и ќе му доделиме награда за животно дело во име на фестивалот – вели Георгиевски.
Земја во фокус годинава е Србија. На фестивалот ќе има избор од четири филма во избор на Сандра Ранчиќ, директорка на сестринскиот фестивал „Докенритам“ во Белград. Лани на тој фестивал се одржаа Денови на македонски филмови, а годинава тие возвраќаат со најдобрите филмови прикажани на нивниот фестивал. Георгиевски објаснува дека ќе има и омаж на филмови на македонскиот режисер Јане Алтипармаков. Ќе биде прикажан опус од неколку негови филмови како „Канал 103“, „Фолтин“, „Бадминтонс“, „The Hip“.

– Тука се и странските продукции со убави филмови за Ела Фицџералд, Рони Вуд од „Стоунси“ и го затвораме фестивалот со филмови за електронската музика – „Сестри со транзистори“ за историјата на композиторки на електронска музика раскажана преку Лори Андерсон и „Моби: Мобидок“ за музичарот Моби. Целта ни е не само да има убава програма, туку и да е забавна. Како што се вели „Ако не му е забавно на авторот, тогаш нема да му биде забавно ни на читателот.“ Затоа се потрудивме за содржајна, шарена, забавна и убава програма – објаснува Георгиевски.
Поддршка од институциите има, приватниот сектор изостанува
Според Георгиевски, за ваков тип манифестации најважна е поддршката од институтциите, а годинава ја добиле од Министерството за култура, Агенцијата за филм, КИЦ и од Кинотека.
– Поддршката од приватниот сектор секогаш изостанува. За организирање вакви фестивали ограничувањата и препреките се скоро секогаш финансиски – вели тој.

Георгиевски и Василевска првпат соработуваат на „Скопје синема сити“, иако се познаваат долго, професионално и приватно и имаат заеднички интереси за филм и за музика.
– На „Скопје синема сити“ му се радувам секогаш како гледач, зашто овие филмови не може да се видат на редовен репертоар. Фестивалот е единствена можност да се негува жанрот на музички документарни филмови. Многу се радувам на соработката, уште повеќе што оваа година фесивалот е посветен на Ник Кејв, артист кој оставил длабока трага на мојата музичка и воопшто уметничка идеологија – вели Василевска.
Таа ќе го модерира неформалниот мастер-клас со Немања Ѓорѓевиќ, авторот на концертните фотографии што ќе бидат изложени вечерва. Слично излагање ќе има и Сандра Ранчиќ од сестринскиот фестивал од Белград.
– Се надевам дека Кинотеката овие неколку дена ќе биде место каде што ќе се дружиме и ќе дискутираме за видените филмови, ќе размениме некои убави мисли, за што всушност и се наменети фестивалите – да ја слават содржината и да ни го облагородат умот и духот – вели Василевска.

Ана Василевска
На прашањето колкав потенцијал носат музичките документарци и има ли во Македонија публика за овој жанр, таа одговара дека ѝ припаѓа на онаа генерација на која не ѝ било лесно да дојде до новите музички албуми и филмски остварувања.
– Пешачевме по цел град за да стигнеме до „Баги шоп“ за да најдеме плоча, резервиравме видеокасети за побрзо да ги гледаме новите филмови. Концертите и секаков тип на културни манифестации ги впивавме жедни за едно ново искуство. Немавме мобилни телефони, па се „тепавме“ да добиеме фотографии од концертите, од оние среќници што имаа фотоапарат. Скопје беше град на информирани луѓе кои сакаат убави и модерни нешта. Последниве години е очигледен напорот на некои наши колеги да прават записи за музичката историја како Тошо Филиповски или книгите на Ненад Георгиевски со собрани музички критики и интервјуа. Тие ги чуваат нештата од заборав и оставаат соџвакан материјал за новите љубопитни генерации кои ќе сакаат да се занимаваат со истото. Мислам дека е време да се размисли овој жанр на музички документарци да стане поголем предизвик за авторите. Имаме извонреден музички потенцијал, сите тие бендови имаат зад себе куриозитетни приказни, како личности се интересни што е една доволна подлога за да се вклучи камерата и да се направи запис, а да не зборувам колку е креативна оваа авантура. Публика има, а треба да создадеме и повеќе – вели таа.
Големите ѕвезди тешко се носат во Македонија
Според Василевска, ССС е млад фестивал кој за кусо време си ја нашол својата публика, но како и сè поврзано со културата во оваа држава, зависи од финансиската поддршка на ресорните институции.
– По толку години, сега е препознаен и мислам дека ова издание ќе покаже дека и во иднина може да донесе уште побогата и позначајна содржина. Фактот што овие великани во музиката се почесни лауреати на фестивалот ја прави неговата тежина неспорна. Ние немаме друг начин светот да го донесеме кај нас, а и ние да се промовираме надвор од овие мали граници освен преку уметност и спорт. Посакувам уште многу изданија на овој фестивал и се надевам дека тој ќе биде еден од двигателите да се подигне културолошкото ниво, музичката и филмската писменост – вели Василевска.
Досега наградата за животно дело ја добиле Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019), Влатко Стефановски (2019), бендот New Order (2020) и Олафур Арналдс (2021) и годинава, Ник Кејв. Освен на Стефановски кому наградата му беше врачена во Скопје, статуетката до сите добитници стигнале поинаку. На прашањето колкави се шансите во иднина сиве овие големи имиња да дојдат во Скопје, Георгиевски вели:

Фото: Немања Ѓорѓевиќ
– Фестивалот расте од година в година и како и сите други се соочува со секакви предизвици, пандемиски, организациски, финансиски. За луѓето на листава, освен за Влатко Стефановски, наградите им беа врачени таму каде што живеат преку наши пријатели и познаници. Нам ни беше важно да се погодат документарните филмови со нив, а наградите се случија последователно. За повеќето од нив беше невозможно да им се предаде награда во Скопје, од различни причини. Повеќето од нив се постојано на турнеи или со други ангажмани и чини многу за да скршнат под предвидените распореди и ангажмани. Ник Кејв е моментално на турнеја и сигурен сум дека цената да се донесе во Скопје среде светска турнеја, би била вртоглаво огромна. Веројатно и би одбил, што не значи дека ние нема нему да му тропнеме на врата и да му ја врачиме – завршува Георгиевски.





