Јана Манева-Чупоска: Ова е последниот воз за ДЛУМ

Главните почетни активности ќе бидат обид за излегување од финансиската криза која ја наследив. Искрено се надевам дека нема да биде фокусот само кон тоа бидејќи ДЛУМ е здружение кое постои 75 години, вели Манева-Чупоска

Обид за излегување од финансиската криза, одбележување на 75 години постоење на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и есенска офанзива кон надлежните инстистуции за решавање на децениските проблеми што го мачат Друштвото, најавува Јана Манева-Чупоска, новата претседателка на најстарата уметничка асоцијација во земјава. Манева-Чупоска веќе го почна активно својот мандат. Минатата недела со претседателите на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на композитори на Македонија потпишаа мемерандум за соработка, а на средбата присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која ги сослуша нивните барања. Манева-Чупоска се заблагодарува на довербата од членството и со Управниот одбор и Уметничкиот совет на ДЛУМ ќе се обидат да ги решат горливите проблеми со кои се соочува Друштвото.

Од средбата на претстедателите на СОКОМ, ДЛУМ и ДПМ со министерката за култура

Ја преземате раководната позиција на најстарата ликовна асоцијација во земјава, Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во исклучително тешки времиња. Што ќе биде во фокусот на Вашите активности во наредниот период?

– Управниот одбор и Уметничкиот совет во овој период понесоа огромен товар поради сериозните внатрешни финансиски и организациски проблеми поврзани и со незадоволство од раководењето на ДЛУМ од страна на предходниот претседател Филип Фидановски. И покрај сите турбуленции колегите од двете тела успеаја да ја организираат годишната програма, особено многу значајната изложба 75 години постоење на ДЛУМ. Управните тела и претседателот на асоцијалцијата Христијан Санев од 2015 до 2019 година ја стабилизираа финансиската состојба на здружението оставајќи позитивно салдо на сметката овозможувајќи одличен почеток на работењето на идното раководства.

Од  годишното собрание на ДЛУМ

Главните почетни активности ќе бидат обид за излегување од финансиската криза која ја наследив. Искрено се надевам дека нема да биде фокусот само кон тоа бидејќи ДЛУМ е здружение кое постои 75 години и неговата примарна цел е да го следи, промовира и презентира уметничкиот развој и концепт на уметниците. Јас сум член на ДЛУМ од 1996 година и помнам дека финансиите секогаш биле проблем во Друштвото. Од една страна апсолутно ни е потребна поголема финасиска заштита од државата, но мора да изнајдеме нови форми на самофинасирање преку апликации и учество во проекти. Ќе се потрудам видливоста да се зголеми и преку други активности – организирање на дебати, конференции за уметност, гости-предавачи, контакт со други здруженија во регионот и пошироко, контакти со амбасадите во Македонија, културните центри. Треба да се засили комуникацијата со сите членови преку поголема отвореност и ангажираност и кон нив и кон јавноста. Ќе се обидеме да го вратиме ДЛУМ на пиедесталот кој реално го заслужува.

Презентацијата на творештвото на уметниците и нивниот развој е главната оска по која ќе чекориме. Лично верувам во колективниот принцип на менаџирање. Друштвото има капацитет да организира, осмисли и промовира изложби и проекти со сериозен уметнички концепт и тоа е докажано со многуте досегашни изложби. Сите членови ќе бидат навреме информирани за сè што се планира, за да се избегне чувството дека друштвото е централизирано и функционираат само организациските тела на ДЛУМ. Со своите 75 години и целокупниот сериозен уметнички багаж кој го носи, ДЛУМ навистина заслужува сите ние да се влоиме во него.

Во неколку наврати изминатиот месец ДЛУМ објави за злоупотребата на финасиски средства од претходото раководство. Какви правни постапки се преземени во однос на тоа?

– Веќе има најава за инспекциски надзор од Министерството за култура за реализирани проекти во 2021 година финасирани од министерството. Се надевам дека сè ќе има позитивен исход и ревизија за да можеме да продолжиме со работата и со мисијата на ДЛУМ – грижа за ументичкиот развој и уметнички концепт на членовите преку промоција и презентација на нивното творештво. Не би издвојувала ништо, освен официјалните финансики извештаи на Управниот одбор и Уметничкиот совет каде се забележува користење на финансии на ДЛУМ за приватни цели.

Јана Манева-Чупоска

На годишното собрание тие беа јавно презентирани пред членството. Ова беше навистина тажен момент, бидејќи Друштвото немало досега вакво искуство со ниту едно претходно раководство. Не сме имале искуство претседател да биде разрешен и да се исклучи комплетно од здружението поради несовесно работење. ДЛУМ секогаш имал финансики проблеми, но од друг карактер. Членството е многу револтирано и разочарано и секако дека бара од нас како раководство да се разреши оваа финансиска дубиоза и да се побара судска разврска. Ќе постапиме во согласност со правната регулатива. Веќе била поднесена кривична пријава во Пазарен инспекторат, а предметот е пријавен и во Финансиска полиција. Од двете институции се чека одговор. Во меѓувреме колегата е поканет да се состане со раководните тела за да го каже својот став околу оваа финансиска афера.

Во каква состојба на Друштвото ја преземате раководната позиција?

– ДЛУМ најмногу е изложен на финансиски трошоци поради неможноста конечно да го добие својот официјален галериски дом на уметничко делување. Како долгогодишен член сум била сведок на многу ветувања од сите политички гарнитури дека ќе ни го решат големиот проблем со просторот. Едни вака, други онака – ветувања колку сакате. Зошто државата треба да ни помогне? Често слушаме, ако сме здружение самите треба да изнајдеме начини на финансиско делување и одржливост. Но, не е така. Која било друга држава да има здружение со ваква културна и историска важност, кое постои 75 години, до сега ќе го решеше овој проблем. Државата има морална одговорност за да се зачува ДЛУМ. И тука е таа општесвена одговорност што ние сите ја имаме кон Друштвото. А реалноста е дека ДЛУМ е сираче во Домот на Армија со мала административна канцеларија (благодарност до Дом на АРМ кој сепак ни излегува во пресрет долги години). И сè уште кубури со административен простор, камоли изложбен или галериски.

Во однос на членството, ќе се ажурира на активни и неактивни членови. Ќе добијат шанса почесто да конкурираат со свои авторски изложби и проекти на конкурси преку ДЛУМ, така ќе им се помогне и во однос на финансиската состојба. Ако редово ја плаќаат членарината, ќе има и нови програмски содржини. Тоа вреувам дека ќе ги мотивира. ДЛУМ има интенција да го задржи професионалниот статус во општеството како здружение на исклучиво професионални ликовни уметници – автори со завршени ликовни академии и богати ликовни биографии на самите членови. Веќе стигнуваат барања за членство од млади колеги кои ги завршиле своите студии. Многу ме радува што младите уметници имаат интерес за ДЛУМ и така треба да биде. Потребни ни се младите колеги да донесат и нов ликовен инпут во Друштвото, свежи и нови идеи кои верувам ќе придонесат за многу промени во самото здружение. Секоја генерација носи со себе нов ликовен и современ идентитет, а тоа му е потребно на ДЛУМ. Во однос на новите членови, сметам дека треба уште повеќе да се засилат и критериумите за влез во Друштвото. Тоа е секако работа на Уметничкиот совет.

Со децении ДЛУМ никако да излезе од проблемите што го мачат. Од земањето на Павилјонот Поткале, преку Салонот на ДЛУМ на кејот на Вардар, селидбата кај Нова железничка станица, па преселбaта во Домот на АРМ, последниве години – „Арт хаб“ во ГТЦ. Зошто ДЛУМ има ваква „карма“?

– Да, тоа е историјата на ДЛУМ во однос на сите патешествија кои ги помина сиве овие години. Сите овие простори беа дел од Друштвото кое сега нема никакви услови за работа. Да не звучи патетично, но навистина срамота е. Сиве изминати години говорат само едно – дека бизнис интересите секогаш биле пред размислувањето и идејата за продолжување и зачувување на континуитетот на македонската ликовна сцена преку постоењето на ДЛУМ. Сведок сум на многу ветувања од страна на сите политички гарнитури и влади во Македонија дека ќе се реши овој најголем проблем на ДЛУМ. Ветувања колку сакате, но досега ништо. Навистина сакам да верувам дека оваа голгота ќе заврши и државата ќе изнајде механизам да ни помогне. Знам дека тоа може да се заврши ако сериозно се сака и се засукаат ракавите да ни се помогне.

Членовите на ДЛУМ

Во септември ДЛУМ почнува офанзива со еден куп барања до сите владини и градски инстанци. Мора да се реши овој сериозен проблем кој Друштвото го носи со децении. УЛУС – Друштвото на нашите колеги од Србија, нивните простории се во Блград, на „Кнез Михајлова“, на централнато градско шеталиште, во најубавата галерија. Убавина и гордост за градот Белград. Зарем на Скопје не му е потребна? Само трговски центри и бетонски игралишта и згради, згради, згради… На Скопје му е потребна градска галерија која ќе ѝ припадне на ДЛУМ што како здружение апсолутно ја заслужува.

Каква поддршка очекувате од државата во наредниве четири години? Како да се воспостави партнерски однос меѓу ДЛУМ и Министерството за култура?

– Оптимист сум и верувам дека ДЛУМ ќе има поголема поддршка. Не дека досега воопшто не сме ја имале. Неколку наши проекти редовно се финансираат од Министерството за култура, Град Скопје. Но, тоа не е доволно. Затоа ќе мора да изнајдеме и други начини на самофинансирање. Ќе се обидеме да конкурираме во проекти кои овозможуваат развој и функционирање на вакви здруженија.

Но, главниот проблем е просторот. Кога тој проблем би се решил и тука државата ни помогне, финансиските проблеми на ДЛУМ ќе бидат значително намалени. Ќе побараме од средби со претседателот на државата, со Владата, министерства, со локална самоуправа, со Град Скопје, со сите. Дали овојпат ќе даде резултат – не знам. Но сакам да верувам дека тоа е можно, бидејќи сметам дека ова е решлив проблем и може да се изнајде начин да му се помогне на ДЛУМ.

Вашиот татко, реномираниот сликар Коле Манев, пред повеќе од 15 години беше претседател на ДЛУМ. Кој е најдобриот совет што сте го добиле од него во однос на Друштвото?

– Да, тој раководеше со ДЛУМ од 1999 до 2001 година. Според стариот Статут на ДЛУМ мандатот на еден претседател траеше две години. Сега е во времетраење од четири години. Тој имаше одличен тим со кој ги спроведуваше своите размисли и идеите на сите други членови. И тогаш и денес Дијана Томиќ Радеска беше претседателка на Уметничкиот совет, тука се многу други драги колеги. И во неговиот мандат постоеја овие проблеми, и со просторот, немање соодветна галерија, трошоци, камати… Во една прилика тој ми кажа: „Добро би било да се нафати некој новинар да спроведе сериозно новинаско истражување како би се увиделе сите патешествија на ДЛУМ поврзани со овие преселби, омаловажувања и недостоинстевни услови на ликовните уметници во Македонија. Започнувајќи од павиљоните Поткале, па галеријата на кејот на Вардар итн.“

Апсолутно се согласувам со ова негово размислување, добро би било да ја имаме комплетната слика за ДЛУМ. Нека биде еве ова една позитивна провокација дадена до новинарите. Тука некаде беше и мојот мотив да ја прифатам оваа функција во прилично бурен и турбулентен период. Мораме да се обидеме сите заедно да го спасиме ДЛУМ. Ова е „последен воз“. Сакам да верувам дека ќе успееме да раскажуваме на следните генерации ликовни уметници убави спомени за ДЛУМ и дека тој ќе успее да блесне во еден прекрасен градски галериски простор. Да ве викаме на отворање на постојаната галерија на ДЛУМ… Ех, тоа би бил бил навистина значаен и голем културен настан за сите нас…

Сподели