Во Археолошкиот музеј на Македонија денеска во 13 часот ќе биде отворена изложба на фотографии на златните археолошки артефакти од 4 и 3 век пред новата ера, пронајдени кај селото Тремник, Неготинско. На археолошкиот локалитет „Орманков гроб“ во непосредна близина на Неготино, на јужната страна од селото Тремник, пронајдени се монети-статери со ликот на Филип Втори и Александар Трети, фибули од малоазиски тип, златни висулци со копјеста форма и во вид на лешник, кружни алки украсени со гранули, златни завршетоци од ѓердан во вид на палмети, пиксида и друго.
Во август 2008 година при археолошко истражување на стручна екипа од Музеј на град Неготино, под раководство на кустос-советник археолог Кире Ангеловски, пронајдени се повеќе предмети од златен накит и монети од 4 и 3 век пред новата ера. Археолозите претпоставуваат дека гробот припаѓал на истакнат војник-офицер по потекло од Антигонеа, кој сигурно бил во војската на Александар Македонски додека војувал во Азија, и по враќањето го носи сиот овој златен накит, со кој потоа бил погребан. Артефактите денес се наоѓаат во Археолошкиот музеј на Македонија.





