Пишува: Трајче Кацаров
По завршувањето на Меѓународниот фестивал за кукли „Двајца се многу, тројца се малку“ во Пловдив, Бугарија, жири-комисијата (јас како трет член во неа) требаше да ги прогласи победниците. Јулија Огњанова (театарџиите во Бугарија ја нарекуваат мама), пред да почнеме со оценувањето, скокна од столчето на кое седеше и гласно извика: „Најмлад си во жири-комисијата, затоа сакам прв да почнеш! Ги сакам папагалите, но не и луѓето што ги имитираат.“
Ги оценив претставите. Ниту една од оценките не беше ни погоре, ни подолу од нејзините. Скокна возбудена, цврсто ми ја стегна раката и рече: „Ти благодарам.“ „Зошто ми благодарите?“- ја прашав. „Оти не ме разочара. Морам да ти признаам дека имам слаба верба во естетските критериуми на младите.“
По завршувањето на изборното собрание на ДПМ, се најдов во истото расположение како бугарската театарска мама. Поради тоа, од се’ срце им благодарам на „младите писатели“. Зошто? Затоа што не ме разочараа.
Живееме во време во кое секој сè може и сè сака, па недовербата се јавува како консеквенца од потребата за огромна слобода во изборот. Огромната слобода , пер се, подразбира слаба одговорност. Не еднаш се покажало како на поедини членови на партија која е на власт сè им е дозволено. Можат џинот да го наречат џуџе или за народен херој да кажат дека добро направил непријателот што го убил и за тоа да не одговараат.
Кога еден од двајцата кандидати за претседател на ДПМ, во своето обраќање до членовите рече (парафразирам): „Се кандидирав за да ве видам, да ве запознаам“, ме штрека нешто во џигерот, а мозочната маса, поточно мислата секавично ми ја остави безусловно да капитулира пред маршот на Цезаровото изречение Veni, vidi , vici (Дојдов, видов, победив).
Се чини дека кандидатот за претседател дошол да види (оти ги немал видено, ниту запознато пред тоа) и да победи. Не му се победува на слепо. Колку што нè учи учителката на животот, историјата, односно колку од неа сме научиле, Цезар, сентенцата ја употребил во неговиот извештај пред сенатот. Победата над Понтскиот крал Фарнак II за него била неочекувано брза. Брзата победа те возгордува, т.е. ти ја намалува одговорноста. А, да се избегне таквата нус појава, оној што сакаш да го победиш, дај, прво види го, односно запознај го. Така ќе дознаеш кој е и зошто е, и дали има потреба да се победи.
Поаѓајќи од фактот дека ДПМ нема ниту сто години од раѓањето, не е тешко да се видат, т.е. да се запознаат неговите членови. Не се булук. Малку се и не ти треба многу време да ги видиш, т.е. да ги запознаеш. Но, како што вели Блаже Конески во едно од своите интервјуа (парафразирам): „Ние Македонците сме нарцисоидна нација, сакаме на секој десет години да ни се раѓа по еден генијалец“ (во даденив случај би рекол вистински водач на писателите).
Ете тоа е причината што повеќето од нас скаат да победат без да си направат есап. Или ако некои си прават, треба да знаат дека: „Домашниот не е ист со оној на пазарот.“
Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.
Фотографија: Pixabay





