Сашо Саздовски, првиот македонски скулптор со монументално дело во дворецот Острожец

На јубилејното издание на „Острожац 2022“ учествуваат и истакнатите босански скулптори Самир Суќеска и Дарко Шобот, професори на Академијата за ликовни уметности во Сараево и академскиот скулптор Адис Фејзиќ од БиХ кој живее во Австралија

Сашо Саздовски е еден од четворицата академски скулптори што се поканети да учествуваат на еден од најдолгогодишните уметнички настани за изработка на монументална скулптура во Босна и Херцеговина – скулпторскиот симпозиум „Острожац“ што го организира Центарот за култура и туризам. Симпозиумот е во тек и ќе трае 9 јуни. Покрај Саздовски, покана за учество на јубилејното издание на „Острожац 2022“ добија истакнатите босански скулптори Самир Суќеска и Дарко Шобот, професори на Академијата за ликовни уметности во Сараево и академскиот скулптор Адис Фејзиќ од БиХ кој живее во Австралија. На симпозиумот како придружба се четворица студенти од Португалија кои моментално се на студентска размена во БиХ.

Сашо Саздовски, во процес на работа

– Оваа година е многу важна бидејќи се прославува јубилејот – 55 години постоење на симпозиумот, така што програмата ќе биде збогатена со повеќе културни содржини во паркот на скулптури во Стариот град, тврдината Острожац, ќе има постхумна изложба на дела од истакнатиот босански уметник Нурија Љубијанкиќ, еден од основачите на симпозиумот

На некој начин, годинашниот симпозиум е омаж на делото и достигнувањата на овој уметник. Изложбата е наречена „Цазин во делата на Нурија Љубијанкиќ“ која беше специјално најавена пред официјалното свечено отворање на симпозиумот – објаснува Саздовски.

Во рамките на програмата се реализираат работилници за деца од предучилишна возраст, на кои ќе се демонстрира изработка на скулптури со материјали прилагодени на нивната возраст, а моделирани по скулптурите на годинашните учесници. Саздовски е првиот и единствен македонски скулптор чие монументално дело ќе биде дел од богатата колекција на скулптури во дворецот Острожец, Стариот Град во Босна и Херцеговина.

Неговите дела се веќе во колекциите на многу реномирани светски музеи, галерии и јавни простори во и надвор од границите на Македонија. Како најзначајни се издвојуваат неговите монументални скулптури поставени во Музејот на Марк Ротко во Даугавпилс, Летонија, Музејот Оскар Кокошка во Похларн, Австрија за која има добиено специјална награда, Музејот на современа уметност АКАМ во Абу Даби – ОАЕ, Паркот на скулптури во Баку, Азербејџан, Јавниот парк во Сохар – Оман, скулптурата во метал во Хасенкамп, Аргентина, Општината во Проштејов, Чешка Република, Општината во Торж Ведраш, Португалија, Паркот на скулптури во Есен, Германија, Нови Сад, Србија, Даниловград, Црна Гора, Бад Шлема во Германија, Хотелскиот комплекс, парк на скулптури во Доха, Катар, Најголемиот парк на скулптури во градот Порторож во Словенија, Маколе, Словенија, Монументална скулптура во градот Верњако, Удине –Италија, две скулптури откупени од страна на Собранието на општина А-дош-куњадош во Португалија, Националениот музеј Дворец Балчик во Бугарија, како и дел од приватни колекции во ОАЕ, Русија, Франција, Белгија, Германија, Австрија, Словенија, Турција, Данска, Америка и Македонија.

Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедрата за скулптура и графички дизајн, каде пагистрирал под менторство на проф. Драган Поповски-Дада. Уметничката практика на Сашо Саздовски е научно истражувачка, фокусирана на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот.

Сподели