Пишува: Александра Јуруковска
На 18 Мај – Денот на музеите, беше емитувано 4.444-то издание на емисијата
Емисијата „Културна клучалка“ на Македонско радио на 18 Мај – Денот на музеите, го „изброи“ своето 4.444-то издание. Нејзиното опстојување во оваа форма бележи скоро 18-годишен континуитет, веројатно рекорден во третирањето на културната проблематика на овој медиум кај нас. Клучалката се емитува секој работен ден од 13 до 14 часот на фреквенцијата на Македонското Радио – Радио Скопје и им овозможува на слушателите да ѕирнат низ тоа што го пропуштиле минатиот ден или да го одберат својот „културен фаворит“ за тековниот ден. Нејзин идеен творец и често водител е Тони Цифровски, уредник на културната програма на МРА.
– Идејата за емисијата „Културна клучалка“ пред многу години се роди како неопходност, за да се направи разлика помеѓу опасноста од естраден третман на културата (процес кој за жал неминовно „нè окупираше“ во меѓувреме) од една страна и обидот истата да се приближи до пошироката публика разобличувајќи ја наводната „салонска“ нишка. Така, приодот во неа е еден вид мамка да се разбуди, задржи и продлабочи љубопитството кај публиката за одредени случувања. Честите препораки или забелешки, нашиот јасно изречен став или резерва, многу пати се покажале како соодветен водич и насочувач на публиката која знае и да полемизира со нас. Можеби токму таа внимателно градена доверба придонела толкаво долго опстојување низ етерот – вели Цифровски.

Тони Цифровски
И додека тој најчесто e задолжен за дневното водителство, во доменот на темите тука се филмот, театарот, балетот, дел од музичките случувања… долгогодишниот ангажман на Душко Христов во областа на македонскиот јазик и литературата му донесоа на Македонското радио неколку признанија, повелби и награди. Ликовната уметност, архитектурата, археологијата и заштитата на културното наследство се наградуван редовен предизвик за Корнелија Буклеска.
Програмските содржини на Редакцијата за култура и уметност, освен низ Клучалката се реализираат и низ неделната емисија „Културен мозаик“ (секој петок од 16,30 до 18 часот) со посериозни анализи, прилози, осврти, рецензии за културните случувања, подолги разговори со актуелни уметници. Саботата е резервирана за „Радиоспектар“ со интервјуа или радиорепортажи и други прилози од областите на културното живеење.
Редакцијата редовно учествува и во дневните информативни емисии кои Македонското радио го издвојуваат од другите медиуми. И покрај обемноста и сериозноста на работата, како и мисијата за одржувањето на децениската традиција, редакцијата по заминувањето на Александра Јуруковска и Наташа Димовска, како и по пензионирањето на филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре и на театарскиот критичар Тодор Кузманов, е сведена на „тројцата мускетари“ – Душко, Корнелија и Тони, кој на ова гледа како на алармантен проблем.

Тодор Кузманов, Корнелија Буклеска, Тони Цифровски и Душко Христов (од лево кон десно)
– Децениите традиција на Македонското радио, зачнати со легендарните зборови: „Зборуе Радио Скопје…“, се дополнителна обврска кон зачувување и унапредување на вредностите на единствениот државен радиодифузер. Во периодот кога медиумскиот примат е на страната на интернетот и телевизијата, токму спецификите на овој медиум за аудиоизразување ги истакнуваат сите негови предности над спомнатите „протежирани колеги“ на радиото. Програмското богатство на брановите на Македонското радио ја илустрира сета некомерцијална суптилност и сериозност што со себе ја носи предзнакот на национален радиодифузер. За жал, немањето подмладен кадар во Македонското радио е алармантен проблем. На програмата ни недостигаат не кадри од 20-годишна, туку немаме ниту на 30 или 40-годишна возраст. Тоа е загрижувачки феномен во опстојувањето на националниот радиодифузер што се соочува со ситуација на човек-редакција, а при тоа со јасно дефинирани обврски за содржините кои треба да му ги обезбеди на слушателот. „Стареењето“ на Радиото е поткрепено и со отсуство на соодветна техничка поддршка, па нивото на програмските содржини во моментов е препуштено да го одржува само постојниот кадар со своето драгоцено искуство и неисцрпен ентузијазам. До кога? – прашува Цифровски.





