Автор: Анте Поповски
Македонскиот поет не може да остане рамнодушен пред фактот дека јазикот на неговите предци од Суха и Висока, Солунско, израснал во прв литературен и литургиски јазик на сите Словени! Македонскиот поет не може да остане рамнодушен пред фактот дека зборовите од јазикот на неговите предци се осветени, претворени во леб и вино, во тело и крв Исусови! Македонскиот поет е горд што и самиот се остварува во јазикот на кој и свети Кирил му ја испеал химната на својот духовен идол, св. Григориј Богослов, „класично ремек-дело, напишано во византиски хексаметар. Таа претставува образец на високо поетско мајсторство на словенски”. На тој јазик, свети Кирил – со исклучителна поетска дарба – го напишал и Прогласот на Светото евангелие, за кој Р. Јакобсон ќе каже дека се одликува со „монументална композиција, прецизен и суптилен ритам, разнообразност и хармонија на синтаксичките фигури…”
Познатиот бугарски историчар и славист д-р Влад. Топенчаров, во својата исклучителна студија „Кирил Философ – А Б В на ренесансата”, укажува дека средновековната црковна догматика ги затворала литературата и прогресот во обрачот на тријазичноста. Всушност, тој принцип бил наложуван и од Рим и од Византија, преку догмата за само „три светски јазици: грчкиот, латинскиот и еврејскиот…” Аргументот врз кој се потпирала таа догма е „на тие три јазици Пилат заповедал да биде натписот на Господовиот крст…” Според Топенчаров, старите јазици, латинскиот и грчкиот, служеле како мост меѓу античноста и средновековието, за да се пресоздадат подоцна во бариера на развојот: „Во таква социјална клима, ќе забележи проф. Топенчаров, иницијативата на Кирил, кој во 863 година започнал да проповеда на четвртиот јазик – словенскиот, и да воведува нова писменост, тоа во Европа означува пресврт и интелектуален и политички. Не би било изнасилено ако се каже дека: подвигот на Кирил и Методиј го прави првиот пробив од континентален размер во догматиката на тријазичноста.
Се наложува еден факт: хронолошки, четвртиот литературен јазик во Европа, јазикот употребуван од Кирил и Методиј, е првиот нов јазик на епохата, воведен во европскиот духовен живот… Впрочем, според својата форма и според својата историска насока, ударот што и’ е нанесен од Кирил и Методиј на тријазичноста е предвесник на подоцнежните борби на еден Џон Бол, на еден Томас Минцер, на еден Мартин Лутер, на еден Јан Хус, на хуманистите…
Доколку веќе „светите јазици” – латинскиот и грчкиот, во таа епоха беа јазици „мртви и апстрактни”, кои веќе извршиле цивипизациска и прогресивна улога во античноста, тие, сепак, „во средновековието, можеа да одиграат извесна и значајна улога во универзитетското образование. Но, тие јазици веќе беа непознати за новоформираните европски народи и не соодветствуваа на нивните социјални изискувања и социјални потреби. Тие, попрво, беа црковна мистерија отколку инструмент за општествена дејност”.
Македонскиот поет не може да биде рамнодушен, не може а да не биде горд на тој факт, „уникален според својата хуманистичка содржина во Европа во IХ век”, кога јазикот на неговите предци е воведен како жив јазик, како јазик на една нова литература. Македонскиот поет не може а да не биде горд на тој факт кога веќе знае дека Евангелието, преведено на старофранцуски јазик во самиот премин на ХII во ХIII век, ќе биде јавно запалено по наредба на папата Инокентиј 111, а во името на тријазичниот опскурантизам; кога веќе знае дека дури во XIV век Виклиф ќе ја преведе на англиски Библијата, дека дури во почетокот на XV век Јан Хус својата проповед ќе ја соопшти на говорен чешки јазик, а Мартин Лутер ќе ја преведе Библијата на германски! Колку векови пред тоа светите книги веќе биле преведени на старословенски јазик, втемелен врз говорот на Македонските Словени од Солунско?
„Ова чудесно културно средство, заедничкиот јазик, ја пробудило совеста за народното самопотврдување на Словените”, ќе рече акад. Петар Хр. Илиевски во „Појава на словенската христијанска култура” и ќе продолжи: „Од самиот почеток делото на Солунските браќа било замислено како општословенско. Тоа се гледа од Прологот кон Св. евангелие, со кое Константин го промовирал преводот на Словенското четвороевангелие и ја објавил програмата на словенската просветителска мисија. Таму тој им се обраќа на сите Словени: Слушајте сега, сите народи словенски, слушајте го словото, кое од Бога доаѓа и ги храни човечките души, словото кое ги закрепнува и срцето и умот… Македонскиот поет не може да остане рамнодушен и пред фактот дека христијанството во Македонија прераснува во официјална државна религија на македонското Самоилово царство, а Охридската архиепископија во – Охридска патријаршија! Не може, значи, да остане рамнодушен пред фактот дека „хроничарот на епохата името на Охрид го вбројува до имињата на Рим и Византија”, сите ги именува како „трите столици на културата”.





