За најмрачните одаи каде што се уриваaт човекот и светот

Има и нешто Фокнеровско во делото на Свидерски. Поточно, има многу „и бука и бес“, посебно онаму каде што го слушаме и гласот на оној кој во реалноста не говори – немиот, болниот, оној со попречености, поттурнуван, запоставен и заборавен од сите

Пишува: Александра Јуруковска

Најновиот роман на Михајло Свидерски „Синовите на Адам“ е згуснато, збиено четиво за кое е потребно малку време, но многу сила за читање. Приказна со длабоки корени и многу веродостојност во неа. Роман што шокира, длабоко потресува и сепнува – можно ли е ова да се случува пред наши очи, пред мене, а да не знам? Дали е ова моето гратче? Моето село? Нашето Скопје? Ги познавам ли овие луѓе?

Семејна драма проткајана со тајни и гревови, раскажана низ гласот на главниот лик, видена и низ негови очи, но и раслоена од повеќе агли и страни. Почетокот е мултиплициран, до читателот доаѓаат повеќе гласови (полифоничност) и приказна видена од повеќе гледни точки (полифокалност). Гласовите се мешаат, нема рез меѓу нив, приказната продолжува онаму каде што запрела, само е поземена од следната инстанца. На места оваа раскажувачка постапка на авторот потсетува на Вирџинија Вулф и нејзината култна книга „Бранови“. Се брануваат ли веројатноста, веродостојноста и вистината ако ги видиме и чуеме од повеќе страни? Роман на тек на свест.

Има и нешто Фокнеровско во делото на Свидерски. Поточно, има многу „и бука и бес“, посебно онаму каде што го слушаме и гласот на оној кој во реалноста не говори – немиот, болниот, оној со попречености, поттурнуван, запоставен и заборавен од сите. Слично на Фокнеровиот Бенџамин, и овој син и(ли) брат е гласот што ја извикува, ја крикнува Шекспировата метафора: животот не е ништо повеќе од бука и бес!

Фасцинантно е што токму низ сликата на оној од кој сите се срамат и плашат, оној што е казна и наказа за семејството, авторот решава да ја даде и сликата за отсуството на љубовта – првиот и последниот бедем на човековата душа.

Втората оска околу која се гради ова густо набиено прозно остварување е етиката, моралот и нивната ерозија од лично до колективно ниво и повторно назад. Самиот наслов наведува кон архетипското и библиско име за гревот – прародителот Адам. Авторот во насловот неслучајно ја изостава онаа поради која Адам греши, се огрешува. Ева ја нема! Таа е отсутна низ делото, иако повремено го слушаме нејзиниот глас. Постапката женската фигура во „Синовите на Адам“ да биде извор на болката и тежа на гревот е исто така многу важна и моќна. Молкот на мајката е дел од гревот. Морбидната штама е причина за многу крици потоа. Принудена ли беше на такво нешто? Навлекува ли нејзиниот грев друг по него? Ги стига ли судбината и казната нејзините деца? Главниот лик е плод на грев и мрачни тајни, а потоа бидува жртва на мрачен круг на злобни моќници за кои се’ е достапно и дозволено.

Дали пеколот на едните е рај за другите? Го купуваат ли парите и светот и човекот? Колку длабоко може да отиде човекот во своите ѕверства? Остана ли нешто свето? Многу, многу прашања и исто толку нови по секое ново читање.

Романот се чита брзо, но долго се преживува. Авторот свесно ги отвора и најмрачните долапи и ходници каде што човекот е уриван и однатре и однадвор. Во тие одаи и во тие куќи несомнено се урива и светот.
Крајот пак нè враќа на библиското и исконско прашање за простувањето. Треба ли да (им)се прости ако знаат што прават?

За да се прочита „Синовите на Адам“ не треба многу време, но за да го напише на Свидерски, освен знаење и умешност, му била потребна и многу, многу храброст.

Сподели