Што е компас и како работи, каква е бојата на светлината, зошто небото е сино? Колку видови јаглики постојат во Македонија и како ќе ги разликувате? Дали магнетот може да привлече метал и преку човековото тело? Ова се само дел од прашањата на кои вчера размислуваа стотина умни глави во фоајето на зградата на „Телеком“ на скопскиот плоштад „Македонија“. Тимот на платформата „Наука за деца“ која е составен дел од Фондацијата „Кантарот“ успеаја дури три часа да им го задржат вниманието на децата од 7 до 12 години. Под мотото „Од атом до шрафче, наука за секое главче“ десетина едукатори и научници преку експерименти, видеа и практични примери им објаснуваа и разјаснуваа поими од биологија, физика, информатика.

Децата активно креваа раце да одговорат на прашањата. Некој погаѓаше, друг грешеше, но сите помагаа да додјат до точен одговор. Најмногу се смееја на делот по биологија. Драгана Стикова им објаснуваше зошто на некои животни очите им се напред, на други – странично на главата. Па им покажа фотографии како некои животни би изгледале кога очите би им биле напред. Децата низ смеа одговараа и поставуваа прашања.

Најмногу се одушевија на холограмите кои ги подготвија сами. Од проѕирна тенка пластика исекоа пирамиди со пресечен врв. Потоа свртени наопаку врз мобилен телеком во импровизирана темна комора создаваа холограми.

„Од атом до шрафче, наука за секое главче“ беше конципирана како конференција чија цел беше популаризација на науката кај најмладите. Попладнето се одржаа два панела. На првиот д-р Тања Павлеска, истражувачка на институтот „Јожеф Стефан“, Словенија, а панелисти се д-р Бојана Стојанова, професорка на Универзитетот на Острава, Чешка, д-р Менка Стојанова, експериментална физичарка и м-р Маја Виденовиќ, наставничка во ООУ „Крсте Мисирков“ и докторанд на УКИМ разговараа за учењето низ игра. Тие дебатираа колку играта ја вклучуваа во својата секојдневна работа со деца и колку е таа важна за да се задржи вниманието на децата.

На вториот панел д-р Никола Стиков, професор на Универзитетот на Монтреал, Канада, а панелисти се Нина Геометриева, дизајнерка за корисничко искуство во Инстаграм/Мета, д-р Андреј Ристески, професор на Универзитетот „Карнеги Мелон“, САД и д-р Петар Поповски, професор на Универзитет „Алборг“, Данска зборуваа за технологијата и иднината на образованието. Конференцијата е финансирана од С(ц)иеста заедницата, која ја сочинуваат над 300 научници родум од Македонија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.