Слепите лица го почувствуваа културното наследство на родната Битола

Ова е лична донација на проф. д-р Игор Неделковски кој обезбеди и опрема за изработка на 3Д тактилни модели

Слепи лица од сите возрасти од Битола за прв пат можеа да почувствуваат како изгледа културното налседство на нивниот роден град. По повод 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите, проф. д-р Игор Неделковски, проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ пред експертите на музејските работници во Битола презентираше Методологија за изработка на 3Д тактилни мапи и слики на културно-историски споменици. Методологијата е развиена во соработка со м-р Јове Парговски и во консултации со д-р Ирена Ружин од Заводот за заштита на спомениците на кулутрата и музеј во Битола и Весна Софрониевска од Сојузот на слепи во Битола.

Методологија се заснова врз дигитализација на постојните културно-историски споменици кои потоа се печатат во 3Д тактилни модели според стандардот за тактилна графика објавен во 2010 од Брајовата асоцијација на Северна Америка (BANA). Слепите лица преку 3Д тактилните модели може преку допир да почувствуваат како изгледаат објектите. Ова е лична донација на Неделковски кој обезбеди и опрема за изработка на 3Д тактилни модели. Тој во битолскиот Завод и музеј го демонстрираше користењето на оваа методологија и технологија, а изработените модели ги тестираа слепи лица од сите возрасти од Битола.

– Оваа технологија за трансформација на фотографии во тактилни слики е новина на овие простори, а релативно и во Европа и пошироко. Методологијата овозможува фотографиите да се претворат во 3Д тактилни графики, на начин кој е разбирлив за слепите лица. Преку допир може да ги почувствуваат фотографиите, освен бојата која можат да ја доловат преку наративен опис. Со експертите од Заводот и музеј од Битола подолго време работиме на оваа проблематика и веќе имаме искуство со изработка на 2Д тактилни слики од уметнички дела како што се слики и фрески кои повеќе пати ги имаме како изложби презентирано на слепите лица. Сега ја надградивме оваа технологија во 3Д со која го визуелизиравме како тактилни 3Д модели најзначајните културно-историски објекти во Битола – вели Неделковски.

Тактилните модели преку NFC и QR технологија се поврзани со апликаација за паметни уреди (телефони, таблети) која содржи наративен опис за објектите и видео на знаковен јазик. Со ова Битола ќе биде прв град на Балканот и меѓу првите во Европа што ќе ги направи „видливи“ своите најзначајни културно-историски споменици за слепите лица. Пристапниот туризам наменет за лица со попречености во Европа и светот се повеќе добива на значење, не само од аспект на креирање инклузивно општество, туку како и сериозен извор на приходи.

Сподели