Прави го она во што веруваш и верувај во она што го правиш

Мусовска е дел од проектот БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Роми, чија цел е да го помогне и промовира социо-економскиот развој како и да ја подобри вклученост на ромската заедница што живее во населбата Баир, општина Битола

Филиза Мусовска е амбициозна млада девојка родена во Битола. Од мала сонувала да стане докторка, па со другарките најчесто играла прегледување на кукли со шпатула и пишување рецепти. Филиза можеби не станала докторка, но го завршила Средното медицинско училиште, со што со гордост ја носи титулата медицинска сестра, а во моментот е студентка на последна година на Високата медицинска школа во Битола.

Мусовска е дел од проектот БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Роми, чија цел е да го помогне и промовира социо-економскиот развој како и да ја подобри вклученост на ромската заедница што живее во населбата Баир, општина Битола. Проектот го доби своето име според населбата Баир, каде што живеат 95 отсто од ромската популација во општината. Проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА 2 програмата и ќе се спроведува до крајот на 2023 година.

Проектот е развиен од COSV италијанска хуманитарна невладина организација во партнерство со ПРЕДА Плус фондација и Општина Битола, во соработка со  Јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженерство.

Филиза неодамна се вработи во Домот за доенчиња и мали деца 7 месеци. Работата си ја сака премногу. Секој нов ден ја прави среќна кога ќе успее да изнуди насмевка на детските лица. Особено на овие деца со посебни потреби кои често со нивните зборови за животот, знаат да ја направат тажна. Таа сака да ги ангажира децата на некоја спортска активност што тие ја сакаат. А Филиза сака спорт, како ученичка била активна во тимските спортови одбојка и кошарка, па ги учи децата на игра.

Слободното време го посветува на семејството кое ѝ е значајна поддршка, на дружењето со другарките на неодминливото кафе на Широк Сокак, а секако најдраги и се миговите кои ги минува со нејзиниот дечко, кој со огромна поддршка и љубов се однесува кон сите нејзини амбиции за да успее.

– Прави го она во што веруваш и верувај во она што го правиш. Сè останато е расипување на вербата и губење на времето – е нејзината порака.

Сподели