Со музика, насмевки и донации отворен Етно-клубот на ПМФ

Паркот кај Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје вчера беше полн со насмевнати луѓе. Сите дојдоа да му дадат поддршка на новиот Етно-клуб што го отворија студентите и вработените на Институтот за етнологија и антропологија. Ги забавуваа членовите на бендот The Rolling Ethnos, составен од студенти по етнологија и антропологија н кои им се придружи и Вера Милошевска-Јосифовска, вокал на групата „Љубојна“.

Идејата е Етно-клубот да биде место каде ќе се одржуваат предавања, работилници и промоции, но и место за дружење. Поддршка на ИЕА им дадоа и колеги од другите институти на ПМФ. За време на двочасовното дружење беше одржана и донаторска акција од која треба да заживее клубот. Така присутните моѓеа да купат разгледници и граничници за книги креирани од фотографот Сашо Алушевски. Тие се направени со посебна рана фотографска техника, цијанотипија, која со помош на посебна емулзија и сончева светлина создава фото-отпечаток во специфична сина боја.

На продажба беа и беџови со пролетни мотиви дизајнирани од академската сликарка и графичка дизајнерка, Елизавета Матјушенко од Украина. Поради војната во нејзината татковина таа е во Македонија со своето семејство. Половина од дпонираните средства за беџовите се наменети за неа.

Заинтересираните можеа да набават и планер дизајниран од Еда Старова Тахир, кој ги содржи сите државни, религиски и народни празнувања во Македонија.

Александра Ростовски, поранешна студентка на ИЕА и соработничка преку Црвениот крст на Град донираше свои ракотворби – ланчиња направени од ленти од стари памучни маици.

Фото: Институт за етнологија и антропологија

Сподели