Сакаме децата да дојдат на Саемот на книга, сите деца, од секаде

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) и годинава ќе додели награди за најдобри постигнувања во областа на издаваштвото помеѓу два саема, во осум категории

Со акцент на детската литература, 14 големи издавачки куќи, членки на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ќе се претстават на Саемот на книга кој од 3 до 9 мај ќе се одржи во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Секоја издавачка куќа ќе ја донесе својата целосна понуда, досегашните изданија, новите книги и своите најзначајни автори. Со своите 14 членки, МАИ ќе пополни половина од изложбениот простор.

Годинава Саемот на книга се враќа повторно во традиционалниот термин, напролет. Според Наташа Атанасова, секретар и лице за односи со јавноста на МАИ, сите членки на Здружението ја поддржале одлуката да се одржи во мај.

Наташа Атанасова (од минатогодишниот Саем на книга)

– Со оглед на тоа што минатиот саем беше во септември 2021 година, враќањето на мајскиот термин значеше покусо време за издавачите да се подготват за ова издание. Но, тие му се радуваат на саемот исто како и посетителите и затоа последниов месец ги вклучија сите мотори. Во секоја редакција се работи напорно за да се издадат што повеќе нови наслови пред саемот, да се договорат промоции на новите изданија со присуство на авторите и на на големи писателски имиња од странство – вели Атанасова.

Македонската асоцијација на издавачи активно работи во текот на целата година. Здружението е формирано во 2016 година на основа на заеднички идеали на издавачите за подобрување на издаваштвото како сектор и на стремежот да се зголемува културата на читање во Македонија. Здружението е формирано од пет издавачки куќи, а денес во него членуваат 14 издавачи од цела земја.
– МАИ заедно со организаторите на Саемот на книгата, оваа година решивме акцентот да биде на литературата за деца. Сакаме сите деца од земјава да дојдат на саем, да запознаат автори, да видат колку нови и убави книги се издаваат кај нас, да си поминат убаво, да го паметат саемот како место каде што сакаат пак да дојдат и следната година да се вратат – вели Атанасова.

Секоја издавачка куќа со сите напори и креативност се труди да се претстави во најдобро можно светло. Сите што имаат изданија за деца работат на организирање интересни настани за децата и за нивните родители. МАИ во соработка со платформата Наука за деца, во промо-центарот на Саемот ќе организира две работилници за деца од 6 до 8 години. Во нив на децата ќе им се објасни процесот на печатење книги, мешање бои и сите начини како од книгата за да се дознаат интересни работи од областа на природните науки.

Организиторите на Саемот веќе најавија групни посети од училиштата од цела земја. Атанасова вели дека се подготвени да ги реализират планираните активности.

 

– . Сакаме децата да дојдат на саем, сите деца, од секаде. Дете се задојува со книга за да му влезе во крвта, да ја сака и да му треба во животот, да чита и да биде и попаметен и подобар човек. Ако на децата не им ги доближиме книгите, ако не ги донесеме на ваков настан, сме изгубиле сите. Најмногу тие, но и ние како заедница, како општество. И тоа не е нешто што треба да се остави за утре. Вратите на саемот се отворени за сите деца и дури и настаните да се одвиваат како што не посакуваме, односно штрајкот да продолжи. На децата не треба да им се одземе правото да дојдат кај книгите, да прошетаат меѓу нив, да разговараат со другарчињата и со родителите за книги, да си одберат нешто по свој вкус – вели Атанасова.

Здружението и годинава ќе додели награди за најдобри постигнувања во областа на издаваштвото помеѓу два саема, во осум категории. Според Атанасова, интересот за наградите на МАИ од година в година расте. За наградите одлучува независно жири во кое членуваат тројца професионалци, познавачи на книжевноста и културата и на графичкиот дизајн. Оваа година наградите ќе бидат доделени на почетокот на саемот, на 4 мај.

– Независната комисија влева доверба кај сите натпреварот е фер и наградите ги добиваат најдобрите апликанти во конкуренцијата. Годинава повторно имаме осум категории, со тоа што најголем интерес има за категориите „најдобра книга за деца“ и „најдобро ликовно-графички уредено издание“. Издавачите веќе се многу свесни дека визуелната содржина на книгите е подеднакво важна како и текстуалната. А кога станува збор за децата, таа е пресудна за да се привлече вниманието на децата, да им го шармира окото додека приказната им го скокотка срцето и умот и во голема мера да придонесе да се вљубат во книгата од најмала возраст – вели Атанасова.

По пандемијата од ковид-19 ова ќе биде прв Саем на книга што ќе се одржи во поопуштени услови. На прашањето каков удар им зададе корона-кризата на издавачите, Атанасова вели:
– Корона-кризата нè однесе на саем на отворено за да биде побезбедно. Првата година тоа значеше носење маски и немање ниту еден гостин од странство на саемот. Лани беше забранет влез за луѓе без сертификат за прележан ковид или за вакцинација. Тоа секако беше загуба и за посетителите и за издавачите.

 

Годинава имаме саем во нормализирани услови, но во меѓувреме цените на хартијата и сè останато вртоглаво пораснаа и издавачите водат вистинска борба да ги одржат цените на книгите пристапни за сите. Од друга страна, загубата значи отворање пат за работа. Ако не можеме да го вратиме тоа што сме го загубиле, можеме да работиме на други нешта. Луѓето за време на пандемијата добија повеќе слободно време и почнаа да читаат повеќе. Им недостасуваа настани во живо и имаат потреба за што повеќе дружење. Затоа, издавачите Саемот на книгата го гледаат како најзначајниот настан за сите во земјава, бидејќи ни овозможува да се сретнеме со нови книги, а тоа значи со нови автори и со цели нови светови, како и со други луѓе со кои ќе помуабетиме, ќе си дадеме понекоја препорака за добра книга, ќе споделиме импресии и душевно ќе се наполниме – вели Атанасова.

Фотографии: Македонска асоцијација на издавачи

Сподели