Ако студентите развијат вештини за интердисциплинарни истражувања (на пример менаџмент и книжевност) добиена е една битка против агресијата
Студентите треба да се запознаат со различни уметности и жанрови, да посетуваат повеќе културни настани и да бидат креативни. Сакаме да се запознаат и со интердисциплинарни истражувања и самите да вклучат такви истражувања во своите дипломски, магистерски, докторски тези и идни истражувања, велат проф. д-р Мира Беќар од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј и проф. д-р Ивана Трајаноска од Универзитетот „Американ Колеџ“ од Скопје. Тие по петти пат ја организираа манифестацијата „Студентска музичка пролет“ која почна на 11 април, а заврши завчеравечер.

Од онлајн-предавањето на Ивана Коцевска
– Другата цел е на кампусите да се роди живот. Навистина студентите немаат никави клубови, социјални насочени активности. Доаѓаат, слушаат предавања и заминуваат (како на работа). Загрижува кога ќе сфатите дека на 20-21 година не посетиле Балет, Опера, Музеј на современа уметност, Филхармонија, а не се проблем финансиите, бидејќи имаат и попусти и бесплатен ден во музеите. Не би требало целиот социјален живот да е сконцентриран во кафеана и дискотека – вели Беќар.
Манифестацијата почна со гостинско предавање на проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска од Факултетот за музичка уметност која говореше за танцот во македонскиот фрескоживопис и визуелно ја доближи оваа врска помеѓу танцот и религијата до студентите. Проф. д-р Хајди Харт од САД, интедисципинарна истражувачка и кураторка во Институтот „Сикстиејт“ во Копенхаген на специфичен начин зборуваше за „правењето музика додека светот гори“.

Потоа се случија два настана: концерт на Мухамед Ибрахими и онлајн-предавање на балерината, кореографка и педагог Ивана Коцевска за настанувањето на едно танцово дело, како и за проектите во кои учествувала. М-р Мариглен Демири ја претстави својата магистерска теза за „Адорно и субверзијата во и на музиката“, а се одржа и предавање и музички перформанс на концертната пијанистка и професорка на ФМУ, Ема Попивода. Гаро Тавитијан (младиот) имаше онлајн-предавање за музичкиот менаџмент, а проф. д-р Марјан Бојаџиев зборуваше за македонската рок сцена. Традиционално, настанот беше затворен со онлајн-студентската трибина на која студентите ги претставија своите таленти за пишување проза и поезија, преведување, танц, пеење, свирење на некој инструмент и други хобија. Активно учествуваа Теадора Стефановска, Искра Андрееска, Наташа Бандулиева, Елена Божиновска, Марко Мијовски и Марија Нешиќ, студенти од Филолошкиот факултет и на УАКС.

Од онлајн-предавањето на Гаро Тавитијан (младиот)
– Повеќето настани се одржаа онлајн, но на концертот на Мухамед Ибрахими кој настапи во живо, салата беше полна. Нам, пак, ни се исполни душата кога видовме полн амфитеатар по две години – вели Беќар.
Според својата концепција, „Студентска музичка пролет“ нуди разновидни настани – концерти, музичко-сценска дејност, предавања, перформанси, рецитали. На прашањето колку е ова важно за младите луѓе, особено во време на агресија од некултура на секој агол, Беќар одговара:

Од завршната студентска трибина
– Многу интересно прашање. И значајно. Младите не гледаат на турбо фолкот и на специфичните текстови од одредени жанрови или на присутната реторика по медиумите како на агресија. Делува дека ние професорите и родителите гледаме на сè тоа како на форма на агресија. Она што за нас значи вдахновување и продуховеност преку концерт на класична музика или опера, за нив може да значи здодевност. Се менуваат работите, но има уметници како Попивода, која преку електронска музика им ги доближи на студентите македонските народни песни и ритми како „Зајди, зајди“. Со други зборови, повозрасните генерации треба да наоѓаат начини на интердисциплинарен начин да доближат нешто вредно до помладите, а не да критикуваат „младите врска немаат“ и „во наше време беше најдобро“. Ниту повозрасните треба да се заглавени во одбрана на вредностите во кои веруваат, ниту младите треба да бидат тврди кон запознавање на спојот на старото и новото. Но, некој таа генеза мора репетитивно да ја објаснува – децидна е таа.

Мариглен Демири ја претстави својата магистерска теза за „Адорно и субверзијата во и на музиката“
Според неа, ако студентите развијат вештини за интердисциплинарни истражувања (на пример менаџмент и книжевност) добиена е една битка против агресијата. Беќар и Трајанова нагласуваат дека вмрежувањето со студенти од други домашни и странски универзитети значи работа на заеднички интердисциплинарни проекти и запознавање со нови пристапи кон студирањето и размислувањето.





