Деветтоодделенецот Дамјан Давков, ученик во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип освои максимални 100 поени на Државниот натпревар по математика за трета година средно образование. Но, поради тоа што тој сè уште е во основно образование, неговото учество не се вбројува во официјална конкуренција.
Првото место го освои Мајкл Георгиевски, ученик во гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, со освоени 96 поени. Второто место, со 73 поени, го освои Алек Танасковски од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје , трето место освоија осум средношколци, а беа доделени и четири пофалници.

Сојузот на математичарите на Македонија вчера ја објави и листата на ученици кои добија покана за да се натпреваруваат за 29. Македонска математичка олимпијада, што ќе се одржи на 28 април на Природно-математичкиот факултет во Скопје. И Дамјан Давков е поканет да се натпреварува.





