„И јас сум тука“: Големината на човекот е да имаме срце отворено за слабиот

Со предрасудите се борам скоро 19 години и верувајте е многу напорно и тешко. Предрасудите постојат во секој сегмент на ова општество, кај да се свртите, од семејство, од градинки, училишта, болници, институции, а главни причини се неинформираноста и стравот од различностите. Предрасуда е кога бабата на внуче во парк му вели, ,,Тргни се, не гледаш детето не е во ред!… Предрасуда е кога раководители на образовни институции велат ,,ние немаме можност да го примиме вашето дете, оти е преполно, а не е… Предрасуда е кога доктор вели: „Не очекувајте многу од вашето дете…“ – рече Љубица Тимова, мајка на Виктор Тимов, еден од 20-те лица со посебни потреби вклучени во изложбата „И јас сум тука“, што беше отворена во Пионерскиот дом во Гевгелија.

Изложбата е дело на Тоше Огњанов, кој бешо задолжен за фотографиите и на Сребра Ѓорѓијевска, која ги напиша приказните, застапени и во книга. Изложбата ја отвори Мирјана Крстева-Масетти, ликовна уметница и одговорна за ликовна дејност во Пионерскиот дом.

Предрасуда е кога професор на катедри за специјални едукатори вели: „Лицата со аутизам скоро па и ништо не можат да научат, постигнат“, а не е така, ене го син ми писмен е… Еден доктор кој и самиот е татко на лице со попреченост еднаш одамна ме посоветува вака: „Не ги кријте дома децата, одете во ресторани, кафулиња, дозволете им да трчкаат, да испуштаат крици, така правите добро за останатите а се навикнат, да ги гледаат, да ги слушаат и постепено да ги прифаќаат.

Истовремено, беа промовирани книгата „И јас сум тука“, посветена на овие лица, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот. Ѓорѓијевска не го криеше задоволството што после Скопје, Гевгелија е вториот град во Македонија каде доаѓа оваа изложба.

На настанот се обрати и отец Димитар Ташев, основач на Центарот „Мајка Тереза“ и татко на Ѓорѓи, кој исто така е дел од изложбата.

-Центар „Мајка Тереза“ згрижува 75 деца. Кога пред една година се сретнавме ми рековте дека целта ви е да низ фотографија и насмевка да се допре до луѓето и да се подигне свеста. Најтешкото нешто во животот не е болеста, туку чувството да си осамен, да бидеш отфрлен, вели Мајка Тереза. Најтешко е кога чувствуваш дека твоето дете не е прифатено. Можеби ние како луѓе во тој момент не сме свесни што им правиме на тие што се слаби, а со изложбата сакаме да придонесете да се подигне свеста. Големината на човекот е да имаме срце отворено за слабиот. Тогаш се покажува нашата големина. Се надевам дека Гевгелија веќе може да се пофали и дека нашите деца има напредок. Центарот е нивен втор дом. Претходно на нив гледаа со други очи. Оваа изложба ја чувствуам на посебен начин од другите изложби на кои сме биле, оти е збогатена со нешто што не може да се опишува –  вели отец Ташев.

 

Сподели