Проблемот на недовербата во вакцинацијата кај одредена популација е повеќе недоверба во политичките елити во светот, но тоа не смее да се изедначува со науката
Пишува: Проф. д-р Ратко Дуев, универзитетски професор
1. Историјата сведочи за многу катастрофи со кои се соочил човекот, што морал да ги издржи за да преживее. Така проучувањето на епидемиите е незаменлив дел од проучувањето на човечката историја и научените лекции во минатото можат да бидат непроценливи за иднината. Човекот се соочил со многу опасни болести предзивикани од вируси и бактерии како чума, колера, грип, полио, тифус, туберкулоза, сипаници итн. Посведечени се и во праисторијата во Старото камено време, древниот Египет и во Стариот завет. Пандемиите се јавуваат со појавата на урбаните центри и концентрација на голем број на луѓе во градовите, развојот на економиите што води до зголемување на трговијата и патување на населението. Војните се најчеста причина за појава на пандемии поради масовен траспорт и групирање на војниците, што во голема го зголемил бројот на жртвите од Шпанскиот грип по Првата светска војна. Пандемиите го преполовувале бројот на жители во светот во одредени периоди во текот на историјата. По откривањето на Американскиот континет од Европјаните, само за неколку децении исчезнало 90 отсто од домородното население, чии организми немале вроден имунетит за вирусите кои ги донеле освојувачите.
Како и денес, така во минатото луѓето преземале исти мерки за заштита од зараза: социјална дистанца, карантин, зголемена хигиена и дезинфекција, подобрување на санитарните услови, заштита на дишните патишта, посебни мерки за погребување на жртвите.
2. Големите пандемии влијаеле врз историјата и направиле големи промени на текот на цивилизациите. Губењете на работоспособното население доведувало до пустош: колапс на економијата, трговијата, земјоделието. Запирале или започнувале војни, се губеле војни, доведувале до промена на водачите на народите, уништување и трансформирање на структурата на државите, заострување на политичките и социјалните тензии, олеснување на колонизацијата и освојувањата. Неминовно пандемијата доведува до нарушување на безбедноста на населението. Лажните вести носеле опасност од неразумни ставови барање на жртвено јагне како причина за ширење на заразата. Социјалните психози во потрага по виновник се јавувале поради непознатото потекло на болеста, како на пример погромот на Евреите или мигрантите од Италија за време на епидемијата на детска парализа предизвикана од полиовирусот во Њујорк итн.
„Чумата во Азот“, Никола Пусен (насликана за време на големата чума во Италија од 1629 до 1631 г.) / Фото: Wikimedia Commons
3. Со развојот на науката, особено медицината и користењето на сознанијата за болестите, човекот успеал да пронајде лек за спас од голем број болести. Со откритието на пеницилинот од страна шкотскиот микробиолог и лекар Александар Флеминг во 1928 г. исчезнуваат бактериските пандемии како чумата, тифусот, колерата и многу други инфекции. Во 1796 г., британскиот лекар и научник Едвард Џенер ја открива вакцината за сипаници што за човекот означува спас од најопасната болест во историјата од неговото постоење. Со развојот на вакцините исчезнуваат голем број на вирусни пандемии. Пандемиите предизвикале поголемо внимание во сите заедници кон подобро планирање на урбаните центри, подобување на санитарните услови (водовот и канализација), особено кон личната и јавната хигиена.
Едвард Џенер ја извршува својата прва вакцинација против сипаници од Џејмс Фипс (1796 г.) / Фото: Wikipedia
4. Долго време луѓето верувале дека епидемиите се „божја казна“ предизвикана од недоличното однесување на поединци и заедници. И во најстарото книжевно дело во Европа, Хомеровата „Илијада“ (8 век пр.н.е.), во првите стихови поетот пее за главниот мотив на поемата, предизвикана од непочитување на царот Агамемнон на верското право, што предизвикало казна за Ахајците, богот Аполон со своите стрели „лоша болест на војската отпуштил, гинеле луѓе“ и „гореле огнови чести за многуте мртовци везден.“ По совет на пророкот Калхант тие морале да го смират гневот на богот за да помине болеста, во спротивно ахајската војска ќе доживеала пораз и покрај многугодишните напори да го освојат градот Троја.
5. Атинската чума во 430 г.пр.н.е. ја опишал Tукидит во своето дело „Историја на пелопонеските војни“. Од болеста загинал и Перикле, најголемиот стратег и водач во историјата на Античка Грција. Болеста довела до колапс на атинската војска. Се верува дека болеста била донесена од Етиопија од трговските и воените бродови. Се претпоставува дека епидемијата била предизвикана од тифус. Според сведоштвата, преживеаните кои стекнале имунитет се грижеле за болните. Најголеми жртви, како и денес биле лекарите. Верувале дека болеста има божествено потекло што се пренесува преку воздухот. Епилогот е доминација на Спарта, погубно за хеленскиот свет во сите негови димензии, исчезнување на демократијата, која иако повторно ќе се врати многу послаба во некои период на републиканскиот Рим.
„Чума во антички град“ (околу 1650-1652 г.) / Фото: Wikimedia Commons
6. Јустинијановата чума од 541 до 549 г. ќе предизвика сериозни потреси во Европа. Подетално за пандемијата сведочи византискиот историограф Прокопиј во своите дела „За војните“ и „Тајната историја“. Се смета дека чумата се појавила во Кина и преку Индија и Блискиот Исток пристигнала во Константинопол, главниот град на Византиската Империја. Од чумата загинал и самиот император Јустинијан. Чумата заразила 30 отсто од населението. Единствена обрана биле верските обреди кои се покажале бескорисни. Чумата влегла во градот преку трговските бродови, веројатно со стаорците на бродовите кои превозувале жито од Египет. Единствени делотворни мерки, она што е и денес познато, биле социјалната дистанца и самоизолацијата. Прокопиј обвинува дека тоа го правеле самите луѓе, а не било преземено како вонредни мерки од администрацијата на императорот. Чумата предизвикала голема паника и потреси во Империјата, нанесувајќи големи штети на економијата, војската и на сите аспекти на животот во Византиската Империја и пошироко.
Прокопиј наведува дека „целиот човечки род е близу до уништување“. Од денешен агол наводите на авторот можат да се толкуваат дека владеењето на Јустинијан било неправедно и хировито, човек кого го контролираат неговите страсти, како и неговата сопруга Теодора и дека Бог не е задоволен од таквото однесување. Причината е „Божји гнев, апокалипса“, а луѓето пателе како колатерна штета. Болеста се повторувала во повеќе наврати до 8 век.
Епилогот е околу 100 милиони луѓе кои го загубиле животот. Првата пандемија на чума се смета за најсмртоносната пандемија во историјата на човекот. Научниците ја означуваат како „Крајот на антиката“ и почеток на, како што се нарекува раното железно време во Егејот, „Мрачно доба“. Во 555 г. Византија управувала со најголем дел од цивилизациите во Медитеранот, Блискиот Исток и Европа, но во наредните два века нема да ги издржи налетите на многуте племиња и народи, нејзината територија драстично ќе се намали што ќе го означи и крајот на Рим.
Фото: Фото: Wikimedia Commons
Фото: Wikipedia
7. „Црната смрт“, или како се нарекува во нашата народна традиција „црната чума“, се јавува во 1350 г., најсмртоносната пандемија која ја погодила Европа и голем дел од светот, која довела до големи геополитички промени во Европа, Азија и Африка и драстично намалување на европската популација. Болеста ја предизвикува бактеријата Yersinia pestis која ја пренесуваат болвите и глодарите. Потекнува од областите околу Каспиското Езеро па преку Средна Азија, Цариград и медитеранските пристаништа навлегла во Европа. Траела 7 години од 1347 до 1354 г. Се проценува дека болеста однела од 100 до 200 милиони животи. Египескиот научник Ал-Макризи сведочи дека откако започнала пандемијата многубројни племиња кои живееле во Средна Азија исчезнале без траги од лицето на земјата.
Трговците ја ширеле болеста особено преку „Патот на свилата“ од Кина. Во некои градови биле обвинети Евреите дека ја загадуваат водата, други пак верувале дека причина за болеста е ширењето на воздухот од мочуриштата, а повторно најголем дел луѓето верувале дека чумата е божја казна. Затоа свештениците биле најмногу изложени на чумата, што довело до голема смртност и до 50 отсто меѓу свештенството.
Во Венеција секој патник морал да остане 40 денови во изолација пред да му биде дозволено да влезе во градот. Постоеле неуки лекари за чума и надрилекари. Државите им плаќале огромни суми за жртвите од чумата. Поради недоволно медицинско знаење за болеста и причините не можеле да им помогнат на болните, а најчесто нуделе и лажни лекови.
Епилог: распад на британскиот феудален систем бидејќи пандемијата ги променила економските прилики и демографијата на островот; Англија и Франција биле толку онеспособени од чумата што и двете земји повикале на прекин на меѓусебната војна; запрено е истражувањето на Викинзите на Северна Америка поради пустошењето на населелението на Гренланд, со што ја изгубиле силата да војуваат со домородното население; конечен пад на Цариград и подем на Отоманската Империја.
Жителите на градот Турне ги погребуваат жртвите од чумата во 1353 г. / Фото: Wikipedia
8. Сипаниците се најопасна болест од постоењето на човекот, која од 1492 г. речиси го истребило домородното население во Америка. По доаѓањето на Шпанците на Карибите, Европјаните со себе донеле и болести како малите и големите сипаници и чумата. Домородците претходно не биле изложени на овие вируси што предизвикала нивно уништување, дури 90 отсто од населението на северниот и на јужниот континент умрело од оваа болест. По доаѓањето на островот Хиспаниола, Кристофер Колумбо наишил на народот Таино, со 60.000 жители. Во 1548 г. бројот на жителите на островот изнесувал помалку од 500. Слично сценарио се повторило во целата Америка.
Епилогот е што до 1520 г. моќното царство на Астеките било целосно уништено од малите сипаници. Болеста го десеткувало населението способно за работа и војување, полињата останале празни, ниту имало кој да се спротивстави на шпанските колонизатори.
„Триумф на смртта“ од Питер Бројгел Постариот (1569 г.) / Фото: Фото: Wikimedia Commons
9. Во 1918 г. се појавил нов вид на грипот H1N1 кој ја предизвикал пандемијата на „Шпанскиот грип“, катастрофа кој се нарекува „најголемиот медицински холокауст во историјата. Со мутациите, вирусот предизвикал голема смртност во три бранови: во пролетта 1918, есента 1918 и зимата 1919 г. Првиот и третиот бран биле прилично благи, но вториот бран резултирал со катастрофални загуби со смртен исход на околу 50 милиони жители, со горна граница до 100 милиони смртни случаи.
Пандемијата сериозно ги пореметила општествата и економијата, се затвoрале училишта и претпријатија, што довело и до банкрот на наголемиот дел од нив. Причина за брзото ширење е Прва светска војна, лошите услови за војниците на фронтовите и масовното движење на трупите, потоа самата индустријализација која довела до пренаселеност на урбаните средини што ја влошило инфраструктурата на градовите.
Пандемијата ги натерала државите за итно подобрување на јавното здравје, што довело до напредок на медицината, планирање на јавното здравје и поголема меѓународна соработка на тој план. Анализите предвидувале дека треба да поминат 40 г. за појава на нова глобална пандемија, а дотогаш земјите требало да се подготват и да ги спречат катастрофалните последици кои ги носат пандемиите. Но, дали човештвото успеало да се подготви?
Фото: Wikipedia
Епилогот е страшен. Најголема смртност вирусот предизвикал меѓу младата популација, што значело загуба на најважниот ресурс за секое општество, а тоа е човечкиот ресурс кој не може да се надополни за една година. Следела светска економска криза, „Големата депресија“ како логичен резулатат од губењето на работоспособното население, колапсот на економијата, меѓународната трговија, банкротот на многуте препријатија поради мерките за заштита на населението и карантините. Државите се свртеле кон спасот на своето население и економија со што меѓународната сцена останала празна. Ретко кој го почитувал договореното меѓу победниците и поразените по Првата светска војна. Резултатот на ваквата состојба е појавата на фашизмот, во услови кога останатите држави, иако ја согледале опасноста од него, биле немоќни и слаби да преземат какви било мерки да го запрат неговиот подем во Европа. Епилогот е познат: следува страшна војна во која животот ќе го изгубат околу 60 милиони луѓе, а за првпат во историјата, најголемиот број од жртвите ќе бидат цивили.
10. Дали човештвото денес живее според поуките кои ги извлекол од историјата? Денес живееме во екот на пандемијата предизвикана од коронавирусот која започна на крајот на 2019 г. и почетокот на 2020 г., речиси еден век по завршувањето на пандемијата од „Шпанскиот грип“. Во време на глобализација, третманот на болеста и мерките за превенција на глобално ниво, водени од Светската здравствена организација, редно е да се запрашаме дали денешните генерации подобро се справуваат со пандемијата и со проблемите предизвикани во здравството, економијата, менталното здравје, образованието и безбедноста?
Мерките за заштита и денес се исти како и оние на нашите предци низ историјата: карантин, социјална дистанца, самоизолација, заштита на дишните патишта, зголемена хигиена. Исто и поуките: решавање на урбаната инфраструктура, подобрување на санитарните услови и хигиената во градовите, обезбедување чиста вода за пиење, поголеми инвестиции во медицината и останатите науки, солидарност и соработка со другите народи за заедничко решавање на проблемите. Денес, со развојот на медицината, со најголемите откритија како вакцините и пеницилинот, јавното здравје е на многу повисоко ниво. Технолошкиот развој, дигитална технологија овозможија да се надминат дел од проблемите преку работа и учење од дома. Светската наука се обедини во пронаоѓање на лек и вакцина за побрзо да се надмине пандемијата, да се спасат што повеќе човечки животи и светот да се врати во нормална состојба. Допрва следи борбата за справување со здравствената и економска криза, нарушеното ментално здравје, падот на квалитетот на образованието, и големите општествени промени на глобално ниво.
Главна дилема и предизвик пред денешните генерации е дали, за разлика од нашите претци, успешно се справуваме со пандемијата и последиците од неа? Дали не е нарушена безбедноста на граѓаните? Дали се справивме со предизвикот? Дали за разлика од минатото геополитика и идните промени ќе бидат во полза на човештвото за првпат во историјата? Националната безбедност зависи од способноста на државите да го заштитат јавното здравје пред големиот број на раселување на луѓето и заканата по човековите права и слободи. Но за жал, државите поединечно ги решава здравствените и економски проблеми, изостана солидарноста и меѓународната соработка, како на пример со вакцините и правичната распределба низ светот. Оштетените буџети од големите трошоци за спас на работните места и претпријатијата ги намалија воените буџети. Корпорацијата „Ранд“ (Rand Corporation) проценува дека буџетот на Министерството за одбрана на САД ќе се намали за 350 до 600 милјарди долари во наредните години како последица на рецесијата предизвикана од ковид-19. Понатаму доведе и до промена на приоритетите на државата за трошење на финансиите за други намени. Високите трошоци придонесоа за повлекување на сојузниците од Авганистан. Жални беа сцените од медиумите, после толку инвестиции земјата се врати во состојба каква што беше пред интервенцијата и падот на режимот на Талибанците („Учениците“).
Пандемијата донесе и нови предизвици поради користење на дигиталните платформи и комуникации, нови видови на сајбер криминал. Социјалните медиуми станаа средство за лажни вести и пропаганда за време на кризата. Работата од дома не е замена за вистинската работа. Од пракса знаеме дека компанијата „Јаху“, првиот и најпопуларен пребарувач на интернет, некогаш трета по заработка во светки рамки, беше прва компанија во светот која од практичи причини воведе работа од дома. Каде е сега компанијата?
Проф. д-р Ратко Дуев
Она што загрижува е зголемениот отпор кон вакцинацијата. Најголемата поука од историјата е зголемено инвестирање во науката и медицината, со што човекот успеал да победи голем број болести. Пеницилинот и вакцините се најголемата придобивка за цивилизацијата од таа борба. Доколку не постоеше вакцината за сипаници, спас од најопасната болест во историјата на човекот, денес светот ќе броеше десекратно помалку жители. Можеби и јас немаше да постојам. Со вакцините и пеницилинот се искоренети болести како чумата, тифусот, колерата, туберкулоза, детска парализа, сипаници и многу други инфекции. Колку побргу светот целосно се имунизира толку побргу ќе излезе од кризата, а и ќе се намали опасноста за човештвото од појава на нови негативни сили кои ќе ја злоупотребат кризата за свои цели што во минатото донеле големи катастрофи за цивилизациите. Проблемот на недовербата во вакцинацијата кај одредена популација е повеќе недоверба во политичките елити во светот, но тоа не смее да се изедначува со науката. Како научник јас верувам во науката, во спротивно ќе појаснам со познатата мисла на филозофот Сантајана: „Тие кои не учат од историјата се осудени да ја повторуваат.“ Се надевам дека не нè очекуваат епилозите погоре споменати.
11. Нов епилог наместо заклучок? Текстот е дел од пленарното предавање „Uticaj pandemije na civilizacije i njihova sigurnost kroz istoriju“ одржано за време на Меѓународната научна (хибридна) конференција „Pandemija Covid-19 – odgovor nauke na izazov stoljeća“, 4-5. октомври 2021 г., во организација на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии, при Универзитетот во Сараево, БиХ, при што имаше голема дискусија околу моите заклучоци. Дилемата беше дали Европската конвенција за човекови права овозможува избор на човекот за вакцинација и во кој случај државата заради заштита на населението и самото општество може да наложи вакцинација како во случајот со појавата на вирусот Вариола вера во 1972 г. во поранешна Југославија, кога за еден месец биле вакцинирани 18 милиони луѓе. Мојот став беше дека навлегување во правна расправа носи одолговлекување на кризата, продлабочување на економската криза, а тоа носи скриена опасност од дестабилизација на светот. Се намалува и имунизацијата со веќе прифатените вакцини што може да доведе до враќање на заборавени и исчезнати болести и вовед во нови пандемии.
Денес сме сред дополнителна криза предизвикана од војната во Украина и сериозна дестабилизација на Европа. Како и во минатото, последиците од долгата криза ги оневозможуваат европските земји да реагираат посериозно на меѓународен план, притиснати од финансиските проблеми предизвикани од пандемијата. Во медиумите наидов на термин „Античка Русија“ кој ме застрашува. Таков поим не постои, но знам на што се однесува, на една многу далечна заедничка европска историја. Ме потсетува на минатото и какви сè страдања тие измислени митови му донеле на човекот. Како и во минатото, одредени сили ја користат состојбата за нови позиционирање на своите интереси кои се економски и политички, што, за жал, не му носат ништо добро на човекот и на современата цивилизација.
Поуките од минатото ни се познати, но жално е што сме осудени да ги повторуваме.