Покачувањето на минималната плата е добредојдена социјална мерка за подобрување на незавидната материјална положба на вработените со најниски примања, но сепак примената на оваа мерка треба да биде неминовно проследена со усогласување на постојните колективните договори. Неусогласувањето на колективните договори или неговото одложување недвојбено ќе доведе до сериозни недоследности и дисонанции во наградувањето на вработените во високото образование. Трудот на вработените што имаат различно ниво на образование и извршуваат работа со различна сложеност не може и не смее да се воедначува или девалвира, велат од Независниот академски синдикат (НАкС).
Тие приклучуваат како кон барањата на синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати и на СОНК за усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата и кон повикот за доследно почитување на Законот за минимална плата и соодветно анексирање на колективните договори.
– Загрижувачки е тоа што заради немање слух на надлежните министерства, кои треба да бидат социјални партнери на сите нивоа и да делуваат во согласност со законите и колективните договори, синдикатите мора да бараат заштита на правата и интересите на вработените преку јавно искажување на незадоволство, односно преку предупредувачки протест – велат од НАкС.
Тие го повикуваат Министерството за образование и наука да не ги игнорира барањата за дијалог со вработените во високото образование, туку веднаш да ги повика на преговори за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со усвоените измени и дополнувањата на Законот за минимална плата од февруари годинава. НАкС дава јасна и безрезервна поддршка на синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати кои денеска ќе излезат на предупредувачки протест.





