Претставата My name is Goran Stefanovski („Моето име е Горан Стефановски“), по текст на Бранислава Илиќ, а во режија на Бранислав Миќуновиќ, ќе биде премиерно изведена утревечер во 20 часот во Драмски театар Скопје. Поради големиот интерес и важноста на проектот, претставата ќе има уште две на 1 и 2 април.

Претставатa го поставува прашањето на релевантноста и актуелноста на современата човекова дилема во свет во кој „сè е на продажба и во време во кое интересите и моќта се поважни општествени категории од поединечното право на слобода и сигурност“.

– Оваа претстава не може да го надомести отсуството на еден од најзначајните драмски писатели и драматурзи од овој наш простор, но може да ни укаже дека она што ни се случува и како живееме денес, веќе е запишано во неговиот опус – рече Илиќ.

Бранислав Миќуновиќ

Режисерот Миќуновиќ, пак, посочи дека претставата е омаж на делото и описот на Горан Стефановски.

– Претставата се роди од мојата посветеност кон Горановото дело и од сеќавањето на нашето пријателство. Таа е моја исповед пред пријателот, мој сценски одговор на неговите драмски теми, моја посвета на неговиот опус кој, низ неколку негови драми, сакав да го претставам пред современата театарска јавност и уште еднаш да потсетам на тоа дека неговите катарзични теми се сè поактуелни. Драматично поактуелни. Преку чистењето на просторот на претставата од излишни илустрации и тргнувајќи од потребата да не се загубат неговите зборови за нашите национални, индивидуални и колективни страдања, сакав гледачите да излезат од претставата со длабоки емоции што ќе ги задржат во долго сеќавање. Ова, освен што е омаж за Горан, е и мој омаж за славата на Драмски театар – рече Миќуновиќ.

Тој се осврна и на состојбата во која се наоѓа Драмскиот театар и истакна дека театарот заслужува во нов сјај да ја продолжи својата слава. Сценографија за претставата е на Александар Дениќ, а авторската музика на Влатко Стефановски. Улогите ги толкуваат: Биљана Драгиќевиќ –Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитриова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски, Саша Димитриевска.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.