Џијан Емин му подари љубов на Скопје. За колкумина наши музичари можете да кажете дека на еден настап може да имаат повеќе од 3 улоги?! Меѓу малкутемина пиедесталот го држи Џијан Емин – музичар, композитор, диригигент…
На синоќешниот концерт „Диши љубов“, Емин дишеше со својата публика – истовремено пеејќи, свирејќи гитара, диригирајќи на Магичниот состав на виолини и на вокалистки. Не заборавајќи ги и своите соработници на сцената – Гоце Стевковски на тапани, Дарко Мучев на бас гитара, Драган Гиновски на гитара и Ади Имери, гитара.
„Диши љубов“ е концерт што долго тлеел кај него и музикологот Тина Иванова, актуелна директорка на Филхармонијата. И како што најчесто се случува, делото треба да созрее, да го дочека вистинското време за да се случи. Прекрасно беше чувството да се упатите кон сала (од пред недела дена со 75 отсто дозволен капацитет), по подолго време со толку публика гладна за нешто ново.

Одличните текстови на Тина Иванова низ неколкуте песни што ги изведе Емин нè вратија на 90-тите години и златното време на музиката во Скопје, но нè потсетија на денешницата, отворајќи ги темите на воздухот во градот, љубовта што ја нема… Овде веќе лежат неколку хитови кои неминовно е да бидат објавени и да живеат меѓу публиката.
Видеопроекциите на Емил Петров дадоа посебен белег на концертот и го направија комплетно доживување. „Диши љубов“ ни подари многу љубов.
(С.Ѓ.)







