Печатената верзија на учебниците во основно и во средното образование е неопходна во наставата, но тоа не ја исклучува и важноста на дигиталната форма. Тоа е во согласност со постоечкиот Закон за учебници, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на првата конститутивна седница на Националната комисија за учебници формирана од Владата.
На присутните на состанокот што се одржа во МОН тој рече дека е отворен за соработка и секогаш ќе биде достапен за надминување на евентуални ситуации и проблеми што би се појавиле во текот на работењето.
– Важно е да се работи тимски, зашто само така ќе стасаме до успешни резултати – рече Шаќири.
В.д. директорката на Педагошката служба, Вангелија Велева укажа дека процесот на создавање на еден учебник е долг и гломазен, најчесто заглавен низ лавиринти што не зависат од вработените.
– Должност и обврска на МОН и на Педагошката служба е да помогнат во процесот на продуцирање квалитетни учебници – рече Велева.





