И Македонија дел од европската кампања за поддршка на лицата со аутизам

Македонското научно здружение за аутизам и годинава ќе се приклучи во онлајн-кампањата заедно со „Аутизам Европа“, што се спроведува ширум Европа со насловот „Среќно патување низ животот“. Идејата е да се нагласи дека е потребен холистички пристап во текот на целиот животен век за да се осигуриме дека лицата со аутизам можат да ги уживаат своите права и да живеат среќни и исполнети животи.

Кампањата „Среќно патување низ животот“ има за цел да ги истакне грижите и желбите на лицата со аутизам и нивните семејства во однос на различни клучни прашања, како што се: пристап до образование, вработување, соодветна поддршка за инклузија, самостоен живот, пристапност и политичко учество.

– Следната седмица на нашите социјални медиуми Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм ќе бидат споделени многу банери и постери со интересна содржина за лицата со аутизам, авторитетите и сите останати лица кои ги засега оваа проблематика. Луѓето што сакаат да ја подржат кампањата можат слободно да ги споделуваат овие пораки користејќи го хаштагот #AutismDay2022 – велат од Здружението.

Сподели