„Трето дете“ демографски неисплатливо – само 1000 до 2000 деца во Македонија за една деценија

Има податоци дека огромни пари беа потрешни на рекламни кампањи. Оваа политика во Македонија 10 години беше на сила, а бројот на трети деца е незначително зголемен, вели Кристијан Фидановски, докторанд по социјални политики на Универзитетот Оксфорд

Политиката „трето дете“ спроведена во Македонија од 2009 до 2018 година е економски и демографски неисплатлива, луѓето нема да ја „изедат“ планетата и наталитетот на светско ниво ќе почне да опаѓа, а климатските промени не треба да ги спречат младите да имаат потомство. Ова се дел од поентите на Кристијан Фидановски, докторанд по социјални политики на Универзитетот Оксфорд, на дискусијата „Дали пронаталитетските држави се пронаталитетски на ист начин?“ која синоќа се одржа на фејсбук-страницата Кантарот.мк. Дебатата за наталитетот отвори многу интересни прашања и аспекти што ја засегаат и нашата земја и светот. Средбата ја модерираше проф. Никола Стиков, а беше организирана како трета отворена С(ц)иеста на Фондацијата „Кантарот“.

Никола Стиков (лево) и Кристијан Фидановски

Фидановски е политиколог, но научниот фокус му е во демографијата. Сè уште не се смета себеси за дијаспора иако долги години не живее во Македонија. Роден и пораснат во Скопје, последните две години од средното образование ги завршил во меѓународното училиште „Светски обединети колеџи“ во Италија. Потоа заминал во Лондон каде студирал три години, па се преселил во Вашингтон на магистерски студии, на Универзитетот „Џорџтаун“. Иако општата именка е политикологија, станува збор за интердисциплинарни источноевропски студии кои интегрираат економија, социологија, јазици и култура.
– За жал, Источна Европа на Запад често се сфаќа како Русија и регионот, но во мојот случај имаше фокус и на Балканот. Во Вашингтон бев на Катедрата за меѓународни односи – вели Фидановски.

Таму се презаситил од големи геополитички прашања – Америка, Русија, Трета светска војна. Драматичните, сензационалистички пристапи го обесхрабриле да продолжи да се специјализира во меѓународните односи, па решил докторатот да му биде на некоја друга тема – анализа на политики кои најмногу влијаат врз животот на просечниот човек.
– Мислев дека тука ќе бидам покорисен. Наталитетот е тема што не е многу експонирана во јавноста, но не е толку неважна. Тука ќе можам да градам експертиза без да се очекува од мене да бидам редовно присутен во јавноста и често да давам прогнози. А како тема ќе станува сè поактуелна – вели Фидановски.

До 2100 година светското население ќе почне да се намалува

Стиков наведе дека многу млади луѓе денес си го поставуваат прашањето: Дали е етички да се има дете во околностите во кои е светот денес. Иако потенцира дека ова не дел од неговата специјалност, Фидановски се согласи дека и самиот често го слуша ова прашање.

– Забележувам дека кај малдите има анксиозност кон иднината заради климатските промени – големото прашање на нашето време. Тоа не треба да биде причина да се нема дете. Бројот на жители на Земјата не го детерминира директно степенот на климатски промени – објаснува тој.

Иако во последните 150 години бројот на светската популација вртоглаво расте, доаѓа време кога ќе почне да опаѓа. Низ историјата, демографски гледано, бројот на светското население е монотона, здодевна приказна. Светот расте многу бавно, постепено.
– Но, експанзијата почнува кон крајот на 19 и прва половина од 20 век и во 1968 година ја достигнува најголема брзина. Популацијата сè уште расте и се зголемува. Но, како што светот се развива, наталитетот почнува да опаѓа. Бројките се високи само во земјите во развој. Во Западна Европа наталитетот веќе е опаднат драстично, а тоа ќе се случи и во Источна Европа. Така, полека треба да се префрламе од загриженост поради преголема населеност, кон грижа поради брзото стареење на населението – објаснува Фидановски.

Тој смета дека во демографијата мора да се размислува општествено – да се земат предвид многу елементи од условите за живот и секојдневието на една држава, регион, општествени околности и сл. Фидановски се осврна на Томас Роберт Малтус (1766-1834), англиски научник кој гледајќи го вртоглавото растење на светското население, го проектирал тој раст до бесконечност, со теза дека бројот на населението ќе биде неодржлив на планетата. Но, како се развивале државите, се подобрувале условите за живот, морталитетиот станал низок, се намалувал и бројот на деца.

– Следбениците на теоријата на Малтус не земале предвид дека повисокиот степен на развој значи помалку деца и дека наталитетот природно, органски ќе се избалансира. Таква е ситуацијата во Кина со агресивната политика за едно дете. Многу демографи прогнозираат дека во Кина наталитетот природно ќе се намалеше – објаснува Фидановски.

Најважни елементи што го диктираат бројот на светското население се наталитетот, морталитетот и миграцијата. Сите три може да бидат еднакво важни, а различни се во сите региони. Во моментот просечна стапка на наталитетот во светот е 2,4. За да се одржи константен број жители на планетата потребно е 2,1 деца по семејство. Во Источна Европа, вклучително и во Македонија, стапката на депопулација се засилува и поради високиот процент на иселување.
– Дали на средината на 21 век или на крајот, цело наследние на планетата ќе почне да се намалува. Дотогаш бројот на населението во Африка и Азија ќе продолжи да расте. Од едно до друго место има огромни варијации. Во моментот најнизок наталитет има во Јужна Кореја и Јапонија, каде просечната стапка е под 1. Оваа состојба е многу загрижувачка – вели Фидановски.

Европа е во фаза на депопулација

Во поглед на креирањето на пронаталитетските политики, Фидановски се осврна на кампањата „трето дете“ актуелна од 2009 до 2018 година.

Од кампањата за трето дете во 2014 година / Извор: Youtube

– Ова се претежно политички определби на конзерватините политичари. Македонија не е опфатена, бидејќи веќе неколку години не се спроведува оваа политика кај нас. Сепак, има податоци дека огромни пари беа потрошни на рекламно кампањи. Оваа политика во Македонија 10 години беше на сила, а бројот на трети деца е незначително зголемен. Пред 2009 година имало тренд на опаѓање на бројот на трети деца, па со политиката на трето дете малку е зголемен, од минус станал плус. Но, од оваа мерка се родени помеѓу 1000 и 2000 деца и таа се однесува исклучиво на трето (или четврто) дете. Не влијаела на прво или на второ дете – објаснува Фидановски.

Интересен е податокот дека во време на пандемијата од ковид-19 на светско ниво се родени 15 милиони бебиња помалку, а бројот на смртни случаи изнесува околу 20 милиони. Во моментот цела Европа е во фаза на депопулација бидејќи просечна стапка на наталитетот е под 2 и бројката од 2,1 неопходна за одржување на константата. Фидановски вели дека во Европа има големи варијации.

– Просечната стапка во Британија е висока, но таму голема улога има и миграцијата. Како држава таа никогаш не спроведувала пронаталитетски политики, видејќи не се меша во ова прашање, го третира како индивидуален избор. Стапката во Франција е традиционално висока, но таа како држава има пронаталитетски политики. Италија, Шпанија и Источна Европа се со најниски стапки на наталитет, главно поради политиките. Иако многумина би очекувале во Јужна и во Источна Европа да има силни пронанталитетски политики, такви не постојат – објаснува Фидановски.

1 стар човек на 4 работоспособни

Во однос на наталитетот и работоспособното население, идеалниот сооднос е 1 стар човек на 4 работоспособни. Некои држави го имаат постигнато. Во Македонија сè уште не е алармантно бидејќи неколку децении подоцна почнал да опаѓа наталитетот, но одиме во тој правец. Кај државите кои последни влегоа во ЕУ, Бугарија и Романија, иселувањете е уште поизразено.

Дел од истражувањата на Фидановски е Унгарија, каде ги анализира пронаталитетските политики. Прелиминарните истражувања покажуваат дека најчесто се неефективни, малку ефективни, или многу малку „исплатливи“ – чинат многу, а ефектот е незначителен.

Политиките во однос на наталитетот се различни – од пари, заголемена грижа за децата, до породилно отсуство за двата родитела и слично.
– Во однос на големината, обемот на финансиска поддршка, државите малку одвојуваат за детски додаток, отприлика една третина од она што е неопходно. Некои земји го зголемуваат и повеќе од тоа што треба, веројатно за да ги мотивираат и тие што не сакале, да се предомислат и да имаа дете. Кај нас оваа беше екстремна мерка – само трето дете беше субвенционирано, а тоа не е економски издржливо. Претпоставуивам дека распределбата математички не им држеше вода, но намерно таргетираа 3-то и 4-то дете. Веројатно конзервативните политичари знаат дека така луѓето ќе гласаат за нив – објасни Фидановски.

Во балансирањето на системите голема улога има и населението што се пензионира. Со зголемувањето на животниот век во Европа се зголемува и границата за пензионирање, но тоа се политички најнепопуларни одлуки.
– Во Македонија жените се пензионираат две години порано од мажите, а во просек живеат 4 години подолго. Веројатно ова треба некако да се индексира – како расте животниот век, да се додава некој месец плус за одење во пензија. Ова е повеќе прашање на политичка волја – вели Фидановски.

Тој завршува со ставот дека државите биле доста креативни во однос на наталитетот. Сепак, тој би сакал да се помалку „монетарно ориентирани“.

– Во однос на состојбите со градинките, во Македонија и не е така лошо. Германија имаше голем проблем со ова прашање, посебно во западниот дел. Ако роди дете, жената останува дома, си дава отказ од работа. Дури сега малку е подобрена состојбата. Јас сепак сметам дека пресудно е да се обезбеди општество во кое човекот ќе се чувствува удобно да живее и да сака да има деца. Ако некој се исели од својата земја во репродуктивна фаза, ќе има деца надвор и неговите деца ќе имаат деца надвор – завршува Фидановски.

Сподели