Проф. д-р Владимир Петрушевски: Кој вели дека квалитет ќе добиеме ако се обединат наставни предмети?!

Во светот (колку што мене ми е познато) реформи се прават со многу широки консултации на сите чинители во образовниот процес… Вклучително експерти и политичари

„Јас сум еретик и од тука ќе искажам ерес. Јас сум против реформи“, рече проф. д-р Владимир Петрушевски на излагањето во Собранието каде тој, во името на Природно-математичкиот факултет од Скопје кажа што мисли за најавените реформи во основното образование. Тој зборуваше отворено дека најмалку од сè ни се потребни избрзани реформи. За повеќе предизвици во македонското образование и наука, разговаравме со проф. Петрушевски, кој во последните две децении беше редовен професор на Институтот за хемија во Скопје, каде докторирал под менторство на академик Бојан Шоптрајанов. Главни подрачја на неговиот научен интерес се истражувања во областа на образованието по хемија, особено кон методиката на хемиското експериментирање. Објавувал во списанија во Македонија и во странство, бил декан на ПМФ (1997–1999), проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во претходниот состав.

Проф.д-р Петрушевски заедно со академик Владица Цветковиќ

Реформи на образованието му требаат, ама не избрзани и неаргументирани, се согласија сите релевантни институции засегнати од новините. Може ли цел образовен систем воопшто да се реформира за неколку месеци?

– Длабоко сум уверен дека тоа не е можно. Никогаш, а камоли за нов концепт за основно образование! Односно, може – ама тогаш и резултатите ќе бидат уште полоши! Башка, како видоа дека борбата за квалитет оди преку обединување на предмети? Од каде следува тоа? Чие високоекспертско мнение е ова?

Јавна дебата имаше исклучително малку по ова прашање, барем не таква во која ќе учествуваа сите важни чинители на реформи во образованието. МОН се фали со ставови на поединци, но за жал, ја нема поддршката на релевантните институции и здруженија. Зошто никако не сакаме да почнеме да се слушаме меѓу себе?

– Јавна дебата? Тоа беше она, кога ќе ти дадат 10 минути да си кажеш што ти лежи на срце, па потоа ќе те пофалат – ако им се допаѓа или ќе те поплукаат – ако дискутираш погрешно, по нивни мерила? Зошто не сакаме? Веројатно се обидуваме да извлечеме „добар резултат за себе“. Ова е важно прашање: политичко и стручно. Така и треба да се третира, не со наметнување на политичарите. Верувам дека последниве знаат што би сакале, ама коректно е да се консултираат и стручните лица, на сите нивоа. Во спротивно, се знае каде ќе заврши работата. Ако она „за себе“ е малечка множина (како што е) многу подобро би било „за сите“. Е… такви политичари ни требаат.

Проф.д-р Петрушевски заедно со своите студенти на настанот „Хемиски спектакл“

Вашето излагање беше аргументирано и впечатливо, предизвика реакции. Што му недостига на нашиот образовен систем за да бидеме подобри? Кога би имале одврзани раце, на што вие би посветиле внимание?

– На една единствена работа – деполитизација на образованието. Ова е многу тешко, бидејќи ресорот образование е кокошка што несе златни јајца (има многу можности да се види конкретен ќар од донации, кредити, заеми и сл.), ама на крајот, без солиден производ, сета работа ќе биде јалова. Државата ќе подосиромаши, кредитите ќе треба да се вратат, неколку десетици луѓе ќе профитираат, а учениците/слушателите ќе назадуваат (наместо проектираното напредување). Типичен пример во кој постои „плурализам на интереси“ во мал размер!

Науката и поддршката за неа од страна на државата секоја година е сè поочајна. Можат ли универзитетските професори и научната фела воопшто на некој начин да ѝ го свртат вниманието на државата?

– Еве, гледате и самата. Се обидуваме на различни начини, долго време во континуитет! Далеку сме од времето (2003–2006) кога проф. Виктор Стефов беше раководител на секторот наука во МОН (во владите на Црвенковски/Костов/Бучковски). А и тогаш имаше забелешки дека „се давало само на хемичари“ (аргумент што беше измислен за дискредитација на Стефов).

Речиси нема институт во рамките на ПМФ кој, буквално, не ја моли државата за да добие подмладување на кадарот. Декември 2019 година излеговте и јавно на протести за да се чуе вашиот глас. Се смени ли нешто по ова прашање во 2020-та?

– Се смени! Добивме (како ПМФ) значителен број „места“ (асистенти, виши лаборанти, лаборанти). Бев толку одушевен кога ова се случи (на самиот почеток на мандатот на министерката Царовска) што брзоплето изјавив (на мојот фејсбук-ѕид) дека Мила Царовска е најдобриот министер за образование од редовите на СДСМ. Секоја брзоплетост се казнува! Казната стигна како студен туш, со новиот концепт за основно образование. Ама мислам дека може да ми се прости. Кај мене се работеше за вродена младешка еуфорија! Ќе пораснам и ќе научам да не истрчувам ко прле пред магаре…

Како да ги заинтересираме младите да не ја напуштат науката, да сакаат да студираат природни науки?

– Хмм. Веројатно ќе треба да ги споиме предметите биологија, географија, физика и хемија и во средните училишта!

Како се реализираше наставата на Институт за хемија во пандемиската година? Како Вие ја доживеавте онлајн-наставата и дали Ви беше проблем да се прилагодите?

– Колегите беа релативно успешни, ако се земе предвид дека онлајн-наставата е само сурогат за вистинска настава. За курсот Историја на хемијата (изборен) им посочив литература и им зададов задолженија на студентите (подготовка на семинарски работи), па работата се заврши. Другиот курс е многу сериозен: Хемиско училишно експериментирање, задолжителен курс за идните наставници по хемија и тој не може да се изведе онлајн. Неопходно е да се работи во лабораторија, па така и работевме (концентриран курс во тек на една седмица), на крајот на семестарот. За среќа, имаше само петмина студенти, па немаше сериозни проблеми!

Се вели дека уметностите им помагаат на децата за подобро да ги совладаат и математиката и другите науки. Во реформите на МОН се предлага по еден час ликовно и музичко за целото основно образование. Сметате ли дека ова е уште еден нелогичен предлот?

– Зарем смеам да одговорам одречно на вака поставено и сугестивно прашање?!? Простете, се мајтапам по малку, а работата е многу сериозна. Мислам дека, на ова прашање, авторите на концепцијата дибидус ги утнале работите, а не се работи за поранешни повторувачи! Откако во Собранието го прочитаа списокот на тимот, гледам дека сите се некакви стручњаци (барем во својата област). Ама си зеле право да решаваат и за работи што не се од нивната област, што е прилично аматерски пристап. Во светот (колку што мене ми е познато) реформи се прават со многу широки консултации на сите чинители во образовниот процес… Вклучително експерти и политичари. Фактот што не консултирале ниту еден универзитетски наставник од областите за кои седнале да вршат прекројувања, како да говори дека тие, всушност, знаат дека така не може. Зошто тогаш постапуваат така? Би требало тие да одговорат… да не нагаѓаме ние! Влијание ли е од „авторитети“? Интерес ли е (личен)? Нешто трето? Нешто четврто? Во секој случај, јас многу се плашам од брзата кучка…

Пишувате куси раскази инспирирани од вашите деца. Дали можеби подготвувате нова книга?

– Да, во подготовка ми е нова книга. Доколку се најде издавач што (со помош од државата) ќе ги покрие трошоците, таа ќе ја здогледа „виделината на денот“ во текот на оваа година. Ако пак не, ништо страшно. Нема да биде прва книга што е напишана и не е објавена! Еве, една наша книга (со колешката Марина Стојановска) дреме во архивата на МОН, бидејќи тие распишаа конкурс… Конкуриравме и во рекордно време подготвивме материјал, за учениците да имаат од каде да учат. Потоа информираат дека конкурсот ќе се поништи! Што треба сега? Да се судиме? Ама ова е друга тема… Значи, имам напишано своевидно продолжение на првата книга за моите деца, а дали ќе се објави – ќе решат надлежните!

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели