Пари – 27 века на територијата на денешна Македонија

Музеите трагаат по свои нови општествени ролји обидувајќи се да се прилагодат на рапидните технолошки промени, како и на последувателните социјални и културни ефекти, вели Катерина Христовска, раководителка на Музејот на Народна банка

Пишува: Катерина Богоева

Нашите умови ги препознаваат националните пари со многу поголема брзина, отколку што ги препознаваат зборовите од мајчиниот јазик. Тоа е еден неверојатен невробиолошки и културен феномен. Тие всушност поседуваат повеќеслојни комплексни карактеристики, заради што парите на минатите цивилизации се и една посебна материјална култура со уметничка вредност, вели Катерина Христовска, раководителка на Музејот на Народна банка. Поставката од неодамна е повторно отворена за посети. Христовска објаснува што значи оваа поставка за македонската култура, како се справи Музејот со изминатите две години, кои се новите истражувачки проекти и што се подготвува за пошироката публика.

Музејот на Народна банка на Република Северна Македонија од неодамна повторно е отворен за посетителите. Колку музејската поставка и во овој пандемичен период го привлекува вниманието на јавноста и во што се состои нејзината атрактивност?

– Парите се привлечни за луѓето сами по себе. Изминативе 5.000 години суверено ја извршуваат функцијата на материјален и апстрактен стандард за чување, мерење и изразување вредност. Нè опскрбуваат со различни чувства/спознанија блиски до елементарните еволутивни императиви за опстанување и суштински ги олеснуваат нашите општествени интеракции и преговарања. Превенираат конфликти, на некој парадоксален начин. Кога се средство.

Постојана музејска поставка, Народна банка

Историографски зборувано, прекршителната точка во нивното постоење најверојатно се случила на почетокот од 6 век пред новата ера, кога стануваат метални плочки со стандардизирана тежина, произведувани во контролиран процес и уредени во логично-фракциониран и функционален систем од повеќе деноминации.

Претстави на нивните аверси и реверси, пак, заедно со вербалните инскрипции, кои се нешто подоцнежна додавка, ја означувале засебноста на суверенот кој ја овозможил и ја озаконил нивата употреба. Тие несомнено ја обезбедувале препознатливоста на одделните деноминации за употреба внатре во заедницата, но ја означувале, ја демаркирале и засебноста на заедницата во процесите на размена надвор од неа. Парите се, во таа смисла, агенси на споделен, колективен идентитет. И денес. И што е интересно, нашите умови ги препознаваат нашите национални пари со многу поголема брзина, отколку што ги препознаваат зборовите од нашиот мајчин јазик, на пример. Тоа е еден неверојатен невробиолошки и културен феномен.

Триобол на пајонското племе Дерони, 500-480 г. пр.н.е. / Нумизматичка збирка на НБ

Токму заради ваквите повеќеслојни карактеристики, парите на минатите цивилизации се посебна материјална култура со уметничка вредност. Во нив е кондензирана голема количина антрополошки, економски, но и политички значења, заради што, како музејски предмети, освен што се примарни историски и археолошки извори, поседуваат и голем изложбено-наративен потенцијал.

Историјата на македонското монетарно минато официјално започнува кратко по појавата на првите метални пари на сцената од светската историја, во Мала Азија, во Кралството на Лидјаните. На крајот на 6 век пр.н.е. на овдешниве простори, во источните и јужните делови, се појавуваат најстарите локални сребрени парични изданија на древните пајонски племенски заедници. Овие примероци со исклучителна културно-историска вредност ја зголемуваат приказнораскажувачката атрактивност на нашиот Музеј, кој започнува токму фокусирајќи се врз некои уникатни и многу ретки монетни изданија со зооморфни претстави.

 Тетробол на пајонското племе Дерони, 479-460 /450 г. пр.н.е. / Нумизматичка збирка на НБ

Паралелно со можноста засебно да се искусат овие артефакти, многу е важно да споменам дека музејската поставка се обидува јавно да ги објасни и преиспита овдешните долготраечки и комплексни општествени процеси, кои и со своите континуитети, и со дисконтинуитетите, вклучувајќи ги корелациите и каузалностите на одделните историски акции, на некој начин, учествувале во обликувањето на нашата заедничка сегашност.

Тоа е уникатна сторија за историско-монетарните особености на оваа комплексна македонска раскрсница, и во географска и во историографска смисла. Еден интересен пример би бил немирниот 13 век. Во тоа столетие, македонските простори би можеле да се квалификуваат како најфреквентната менувачница за пари помеѓу светот на источната вселена/екумена и западниот орбис, имајќи предвид дека во паралелен оптек биле парите на Византија, на Никејското Царство, на Латинското Царство, на Солунското Царство, на Епирското Депотство, на српската и на бугарската средновековна држава, на Венецијанската Република, Кралството на Сицилија, Унгарија, по исклучок, и на изданијата на германските и француските кралеви, вклучително и на парите на крстоносците, и на секакви тогашни копии и фалсификати…

Претстава на Македонија во мапата Табула Поjтингеријана, 13 век, копија на римскиот изгубен оригинал од 1 век пр.н.е.

Ограничувачките протоколи не ги спречуваат посетителите да одвојат од своето време и да ја посетат постојаната поставка и во вакви околности. Во оваа, јубилејна дваесетта година од нејзиното постоење, тоа е добра и одважна порака, не само спроти пандемијата, туку и во врска и со многу други состојби имплицирани од „духот на нашето време“. Придобивање на интересот на поединецот за музеите е навистина важен успех насреде оваа огромна продукција на информации, кои сè почесто конзумерски вреват, а сè помалку звучат. Музеите трагаат по свои нови општествени ролји обидувајќи се да се прилагодат на рапидните технолошки промени, како и на последувателните социјални и културни ефекти. Нивната основна задача, се надевам, ќе остане зачувана. Во рамки на културата, да ја одржуваат хомеостазата на општеството.

На кои начини Музејот се прилагодува на новата состојба? На веб-страницата на пример, може да се видат кратки видеоматеријали за парични изданија кои биле произведувани на територијата на современата македонска држава. Што друго по електронски пат и во високо естетизираниот простор на музејската поставка им се нуди на посетителите?

– По првичното инстиктивно повлекување пред налетот на оваа привременост, со институционална поддршка, направивме обиди да „отвораме“ алтернативни патишта до јавноста. За најзначајните и најлуксузните предмети од Збирката изработивме еден вид видеобелешки, кои, во основа, се кратки биографии на монетите изданија произведувани во македонските градови во античкиот, во средновековниот и во отоманскиот период. Во соработка со Општина Центар одржувавме интерактивни часови со учениците од осум основни училишта и тоа беше ефектен начин да им ги однесеме содржините на нашиот Музеј во нивната секојдневна настава. На взаемно задоволство, некои од нив возвратно нè водеа низ сопствените збирки на парички, значки итн. во таа интензивна Седмица на музејска едукација, од 17 до 21 мај минатата година.

Парите на градот Стоби, видеобелешка / Youtube

Оваа година ќе изработиме уште две кратки едукативни видеа, но и документарно-уметнички филм за историјата и дизајните на современиот македонски денар. Исто така, интензивно работиме на подготовката на поголем изложбен проект, кој би бил проследен со неколку настани, за кои се надевам ќе е можно да ја предизвикаат јавноста на повеќе начини, вклучително и преку социјалните мрежи, што би бил уште еден обид за прилагодена комуникација. Би организирале, при тоа, и една јавна „ин ситу“ дискусија поврзана со идејата и процесите на утврдување единици вредност, но низ призмата на различни професионални и лични светогледи.

Заинтересирани ли се домашните образовни институции за едукативните музејски содржини?

– Повеќе од само заинтересирани, и тоа е инспиративно за нашата работа. Покрај видеоматеријалите за едукација и популаризација на културното наследство и на музејската дејност, годинава Народната банка објавува трето издание на книшката за деца на училишна возраст „Македонските убавини во твојот паричник“, посветена на аверсните и реверсните претстави на македонското тековно издание на книжни пари, воведено во 1996 година.

Патот на монетите: од земја до витрина, едукативно видео за конзерваторската физичко-хемиска заштита на монетите

Со оглед на актуелната криза во различни сфери на живеењето во земјава, каде е ставен фокусот на истражувачката работа на Музејот на Народна банка за времето коешто следува?

– Кризата не го измести научно-истражувачкиот фокус. Оваа година Народната банка ќе ги објави „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на НБ“, привршуваат истражувањата поврзани со наодите на трезори на пари од византискиот пост-1204 година период откриени на македонско тло, очекувам дека ќе успееме да презентираме три други истражувања на претстојниот 16. Меѓународен нумизматички конгрес и дека нашиот Музеј ќе биде дел од поопсежно меѓународно истражување за среброносните рудни ресурси во поширокиот регион на јужниот Балкан во доцно-архајскиот и нивната експлоатација во функција на паричната продукција.

Катерина Христовска

Како гледате на случувањата на полето на културата во Македонија во периодот на пандемијата на ковид-19 од која светот глобално е затекнат?

– Ќе одговорам лично, иако за донесување конечни оцени е рано, посебно и заради фактот што пандемијата не е единствената траума низ која поминуваме последниве години – и како поединци, и како заедница. Би сакала да бевме некои „Маријани што го водат народот“, попрепознатливо пречекорувајќи ја „барикадата“, но ми се чини дека не наметнавме некој референтен јавен дискурс во таа насока, па макар и како поддршка на нечии други напори, со исклучоците за почит. Би ја издвоила работата на Музејот на современата уметност, кој според мене, можеби најзабележливо возврати на овие вонредни околности. Да, го чествувавме Блаже Конески. Жарко Башески имаше изложба во Приштина. Симон одржуваше концерти некаде по светов. Постоеше збир од вредни инциденти. Некои поголеми стратешки превиди, исто така, не ѝ дадоа ветар во грбот на македонската култура. Нив не би требало да ги повторуваме.

Дел од трезор со златни статери, крај на 4 век пр.н.е, Нумизматичка збирка на НБ

https://www.nbrm.mk/poseta-na-muzejot
https://www.nbrm.mk/visit-the-museum

Сподели