Книгата „1000 зошто, 1000 затоа“, објавена во време на Југославија, имаше куси и разбирливи објаснувања на секакви интересни прашања. Ви претставуваме интегрални делови од книгата, издание на „Вук Караџиќ“ од Белград од 1986 година
Моливот, во форма каква што ја имаме денес, постои околу 200 години. Но, пред 500 години, во еден рудник во Камберленд, Англија, откриен е графит и веројатно уште тогаш почнале да се прават некои груби, уште неусовршени моливи.
Во Нирнберг, Германија, прочуеното семејство Фабер во 1760 година започнало со производство на моливи; употребувале графит во прав, но тие моливи не биле најдобри. Најпосле, во 1795 година почнале да се произведуваат моливи од графит помешан со некои воидови глина; од тоа се правеле стапчиња, кои потоа се печеле во печка. Таа метода е основна за производство на сите денешни моливи. Моливите содржат графит кој кога ќе помине по хартијата, остава трага.
Во производството на моливи сувиот сомелен графит се меша со глина и вода. Колку повеќе глина има, толку моливот е потврд, а колку повеќе има графит, моливот е помек. Таа тестена мешавина се пропушта низ преса од која излегува во форма на тенки, мазни нишки. Таа се исправа, се сече на парчиња со определена должина , се суши и се става на во огромни печки да се испече.
Во меѓувреме се подготвува и омотот за моливот. Од кедрово или борово дрво се прават половинки со длабнатина во кои ќе лежат графитните стапчиња. Кога ќе се испечат, графитните стапчиња се ставаат во тие длабнатини, а дрвените половинки се лепат. Со пила потоа се сечат моливите, а потоа со машина се измазнува нивната површина и им се дава конечен изглед.
Денес се произведуваат многу видови моливи за различна употреба. Можете да купите црни моливи до 19 степени на тврдост и јачина, или шарени моливи во многу различни бои. Постојат моливи со кои се пишува по стакло, ткаенини, целофан, пластика. Има моливи чија трага не се брише дури и по многу години откако била изложена на разни атмосферски влијанија.





