Зошто „Ода на радоста“ на Бетовен е химната на Европа?

Денот на Европа, 9 Maj е воспоставен во чест на сеќавањето на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на Унијата. Освен националните химни на секоја од земјите-членки, една композиција е прогласена за официјална химна на ЕУ – финалниот став од Бетовеновата Деветта симфонија, компонирана во 1823 година, насловена „Ода на радоста“. Германскиот великан се инспирирал од истоимената поема на Фридрих фон Шилер напишана во 1785 година.
Химната не ја симболизира само Европската Унија, но и Европа во поширока смисла. „Ода на радоста“ ја изразува идеалистичната визија на Шилер сите луѓе да бидат браќа, визија која и Бетовен ја споделувал.
Советот на министри во Стразбур ја прогласи „Ода на радоста“ за химна на 18 јануари 1972 година, а во 1985 година, ЕУ-лидерите ја прифатија како официјална химна на тогашната Европска заедница (од 1993 година – Европска Унија). Химната нема зборови, се состои само од музиката. Во универзалниот јазик на музиката, оваа химна ги изразува европските идеали за слобода, мир и солидарност.

Европската химна нема намера да ги замени националните химни на ЕУ земјите, но да ги слави заедничките вредности. Химната се изведува на официјални церемонии на ЕУ и генерално на сите видови настани од европски карактер.
Фридрих Шилер ја напишал поемата „За радоста” во 1785 година како „славење на човековото братство“. Подоцна поетот ја презирал нејзината популарност и ја отфрлил како типичен „лош период на возраста“. По неговата смрт, песната станала текст за хорската изведба на Деветтата симфонија од Лудвиг ван Бетовен, стои на „Википедија“.

Портрет на Бетовен од Јозеф Карл Штилер (1820)

Предлогот го дал грофот Ричард Николаус вон Куденхоф-Калерги уште во 1955 година. Од диригентот Херберт фон Карајан било побарано да напише три инструментални аранжмани – за соло пијано, за дувачки инструменти и за симфониски оркестар, а тој диригирал при изведбата за нејзиното официјално снимање. Притоа направил минимални промени во композицијата, посебно во врска со темпото.
Денеска на глобално ниво се одбележува и Денот на победата над фашизмот. Со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, на 9 мај 1945 година беше ставен крај на Втората светска војна.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели