Ако го тргнете зборот од речник, мислите дека нема да се користи? Да ги тргнеме тогаш и „се тепа“, „војна“, „криза“, вели д-р Елка Јачева-Улчар

Речникот е една отворена книга и треба да се збогатува и надградува, а не да се кастри – категорична е Јачева-Улчар

Дигиталното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик ја разбранува јавноста. Ромското здружение „Аваја“ брзо изреагира дека речникот е дискриминирачки, затоа што во него се содржи зборот циган и други изведени од таа основа. Зборовите брзо беа отстранети, а редакцијата на Толковниот речник најави дека во наредниот период ќе прави ревизија на повеќе лексеми во речникот.
Дали воопшто се отстранува збор од речник? На темава разговаравме со д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте П.Мисирков“. Таа е автор на зборот циган кој ја крена ромската јавност на нозе деновиве и посочува дека воопшто не е во ред да се бришат зборови од речник.

– Не е во ред да се бришат зборови од речник. Ова е авторско дело и не треба да се чепка без согласност на авторот. Мене никој не ме консултирал за тоа дали да се тргне од Речникот зборот Циган, иако јас сум авторката на речничката одредница во 6. том од печатеното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик. Другите зборови со основа циган- се во авторство на колешката Елизабета Ралповска. Дали била таа консултирана – не знам. Јас не сум член на редакцијата, само сум автор. Во самото појаснување за зборот Циган стои дека е погрден назив за Ром. Мене ваквата ситуација ме плаши, зашто со ова се отвораат портите утре секој да може да реагира и да брише зборови, а тоа е недозволиво – вели Јачева-Улчар.
Според неа, речниците имаат и вулгарни зборови, затоа што постојат и се користат, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не.

Елка Јачева – Улчар

– Ако го тргнете зборот од речник, мислите дека нема да се користи? Ајде да ги тргнеме тогаш и зборовите „се тепа“, „се бие“, „војна“, „криза“, сите зборови што имаат негативно значење. Не постои речник којшто е конечно затворен, речничкиот фонд се збогатува постојано со тоа што се јавуваат постојано нови називи. Речникот е една отворена книга и треба да се збогатува и надградува, а не да се кастри – категорична е Јачева-Улчар.

Според докторот на филолошки науки Емин Ниами, кој јавно реагираше, треба да се има на ум дека едно вакво лексикографско издание не претставува прирачник за (не)употреба на зборовите, ами дава опис на нивните значења кои се одбележани во определени контексти (најчесто во литературата, но и во публицистиката итн).
– Доколку продолжи ваквата практика, со право ќе сметам дека тоа е кршење на начелото за професионалност и на научната етика, што може да доведе и до анатемисување на научниците, па и нивно палење на клада – вели Емил Ниами, доктор на филолошки науки.

Тој додава дека во лексикографските изданија, особено кога станува збор за толковен речник, се одбележуваат сите лексеми кои постојат во јазикот, без оглед на тоа дали се во активна или во пасивна употреба, дали се архаизми, историзми, во кој стилски пласт се употребуваат итн. Имено, одредниците „циганчи се“, „циганштија“ и „циганштилак“, на кои реагираа одредени здруженија, во речникот се проследени со скратениците „разг.“ и „пејор.“, односно разговорно и пејоратив, со што јасно се определува сегментот на нивната употреба. На овие одредници, како непожелни се додадени и други, за кои се бара да бидат исфрлени од речникот. Одредницата „курва“ е исто така проследена со скратениците „разг.“ и „пејор.“, одредницата „педер“ со „разг“ и „грубо“, одредницата „педераст“ со „грубо“ итн.
– Фактот што определени зборови не се општоприфатливи во секојдневната комуникација, не значи дека не постојат и не значи дека не треба да бидат опишани во едно вакво лексикографско издание. Чинот на исфрлање е чин на цензура, која е категорија забранета со Уставот, згора на тоа што станува збор за сериозен научен и лексикографски труд – вели тој.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели