Дури 62,7% од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина.
305 ученици од три скопски училишта со мешан етнички состав беа вклучени во квантитативно истражување што го реализира тинк тенк организацијата „Аналитика“, со цел да се утврдат видовите насилство на кои се изложени учениците. Беа опфатени: „Здравко Цветковски“, „Зефљуш Марку“ и „Шаип Јусуф“.
Една од намерите на анкетата е и да се согледа улогата на наставниците во превенција и дејствување при насилно однесување во училиштата, но и на останатите чинители во образовниот систем, како што се психолошко-педагошката служба, надлежните институции и родителите.
Наодите од истражувањето, даваат поразителна слика за тоа колку и во каков облик се јавува насилството. Дури 62,7% од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Најголем број од нив го препознаваат физичкото насилство кое во голема мера е највидливо, според учениците во висок процент е присутно психичкото и сајбернасилството. Високи 70% од учениците се сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но истото не го пријавуваат од бројни причини, меѓу кои не знаењето кому да пријават или како да пријават, а да останат анонимни.

Бојана Мијовиќ-Христовска
На прашањето „Дали сметате дека наставниците посветуваат доволно време за едукација на учениците за превенција и справување со насилството?“ висок процент, односно 82,3%, одговориле дека наставниот кадар посветува најмногу време на ваква едукација.
Речиси во сите училишта постои кодекс на однесување, како и кодекс за постапување при насилство. Но сепак, истиот не е препознаен или не е презентиран на учениците на начин на кој би требало.
Кај 43% од учениците доминира одговорот дека насилството е најчесто прекинато од страна на наставниците во училиштето, што посочува на важноста на улогата на наставниот кадар во креирањето на безбедна училишна средина.
Бојана Мијовиќ Христовска од „Аналитика“ вели дека согласно истражувањето, високи 83,6% покажуваат дека девојчињата се почестите жртви на родово базираното насилство во училиштата. Родово базираното насилство како и родовата рамноправност сè уште претставуваат една од најгорливите теми во нашата заедница, па и во училиштата. Кога зборуваме за нашето општество, можеме и да додадеме дека родово базираното насилство се третира како табу-тема, отсуствува едукација, како и помош и поддршка на младите девојки.
Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“ смета дека за да се спречи насилното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата. Од добиените одговори забележуваме дека 60% од учениците посочуваат на ниска соработка и вклученост помеѓу родителите, наставниците и стручните служби во училиштата. Родителите се најмногу заинтересирани за успехот на нивните деца, а многу помалку за училишната клима и вонучилишните активности кои имаат за цел да ја поттикнат креативноста на учениците, да развијат вештини кај нив и да создадат безбедна и здрава околина.
Спасова додава дека е потребно на учениците да им се овозможи да учествуваат во донесување на правилата во училиштето, бидејќи и на тој начин тие ќе партиципираат и подобро ќе ги разберат и почитуваат истите.
Потребно е стручната служба да работи на развој на конкретни програми за подигање на свесноста за постоење на насилството, на многу повисоко ниво. Потребна е едукација на учениците за превенција од насилство, што ќе придонесе во намалување на насилството во училиштата. За таа цел, клучно е континуирано да се вложува во личниот и професионалниот развој на наставниот кадар и стручните служби во училиштата, со цел истите да стекнат и развијат поголеми вештини и компетенции кои би придонеле во креирањето на подобра училишна клима.
Истражувањето е изработено во рамки на проектот „Развој на култура на мир и превенција на насилство, како основни вредности во образовниот систем во Република Северна Македонија”, што го спроведува Аналитика – Скопје, со финансиска поддршка од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Северна Македонија.
Насловна фотографија: Pixabay





