Претставки по однос на работата на училиштата, раководствата и вработените се доставуваат до Државниот просветен инспекторат како надлежна институција за спроведување надзори и контроли, велат од МОН
Половина од колективот на Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје побара од министерката за образование и наука Мила Царовска да го разреши в.д директорот Филип Фидановски. Веќе шест месеци откако е на оваа позиција, вработени постојано апелираат дека Фидановски имал некоректен однос кон нив. Тој ги негира обвинувањата на своите колеги, со кои работи во изминатите 13 години и вели дека не знае на што се должи ваквиот однос. Од МОН велат дека надлежен за вакви проблеми е Државниот просветен инспекторат.
Дeновиве повеќе медиуми објавија писмо потпишано од 19 вработени во училиштето во кое работат 45 лица. Во писмото испратено и до редакцијата на Умно.мк вработените порачуваат дека училиштето ќе претрпи непоправлива штета ако Фидановски остане директор. Тие апелираат до Царовска да го разреши Фидановски „поради отсуство на достоинствена комуникација со колективот“.
„Односот е понижувачки и навредлив при лична или општа комуникација со вработените, а тоа се манифестира во присуство на ученици и родители. Нарушено ни е основното човечко достоинство. Прави поделби на политичка основа, дел од вработените се под огромен притисок и постојана закана дека ќе бидат деградирани, преместени во други училишта или прогласени како технолошки вишок“, пишува меѓу другото во писмото.

Фидановски за Умно.мк вели дека со соочува со бојкот уште од првиот ден на раководната позиција. Претходно 13 години работел како професор во истото школо и вели дека немал никаков проблем со колегите, а неговиот однос до денес бил непроменет. Според него, револтот се должи на повеќе причини, најмногу затоа што сакал да воспостави подобар ред и да се подобри квалитетот на наставата во училиштето.
– Кога дојдов, затекнав една поинаква ситуација која што се косеше со основните принципи и начела на почитување на законот, во однос на претходното работење во училиштето. Јас сакам да се работи, сакам ова школо да оди напред. Имам визија што треба да се промени. Добар дел од вработените во школото не сакаат да излезат од досегашната удобност. Дури и кога ќе ги наречете наставници, тие се навредуваат, а, впрочем, и во целокупниот образовен систем, наставниците се наставници. Јас дојдов во ова училиште од Факултетот за ликовна уметност како наставник со академска титула, и тоа нема никакво значење во однос на работата во училиштето и во извршување на функцијата директор – вели Фидановски.

Филип Фидановски
На прашањето до МОН што ќе преземат во врска со нарушените меѓучовечки односи во Средното уметничко училиште, тие одговараат дека претставки по однос на работата на училиштата, раководствата и вработените се доставуваат до Државниот просветен инспекторат како надлежна институција за спроведување надзори и контроли.
Проблемите во школото траат подолго време. Вработените претходно реагираа и дека имало правни пропусти во изборот на Филиповски за в.д. Од МОН велат дека тој е назначен законски.

Професори бараат министерката Царовска да го разреши в.д директорот Фидановски (фото: МОН)
– Во Законот за средно образование, член 91, став 3. се наведува дека за директор може да биде избрано и лице кое не положило испит за директор, но е должно истиот да го положи во рок од една година од денот на изборот за директор – велат од МОН.
Фидановски е еден од поддржувачите на реформите во образованието. Тој во своето обраќање во Собранието и со свој личен став ја поддржа реформата во основното образование и укажа на многу нешта што треба да се променат во целокупното уметничко образование.
Фидановски е и актуелен претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.





