Русе Арсов даде оставка од в.д директор на МКЦ

Русе Арсов, в.д. директор на Младинскиот културен центар во Скопје даде оставка од функцијата. Тој три и пол години раководеше со институцијата под надлежност на Град Скопје. Во соопштението до јавноста тој ги наведува причините за својата одлука. Во продолжение интегрално го пренесуваме соопштението:

Би сакал да соопштам дека денес се повлекувам од функцијата Вршител на должност Директор на Јавната установа Младински културен центар. По три ипол години, премногу љубов, страст и жар, не издржа срце јуначко, па од здравствени причини ќе морам самиот да се повлечам од оваа функција.

Вчера беше претежок ден за сите нас. Најпрво од медиуми дознавме дека сме криминалци и дека има предлог за тоа да бидеме гонети. А потоа и дека наградата за успешното работење изминатиот период е претставена преку намалување на буџетот за програма за 50 отсто. Последните три и пол години МКЦ реализираше: најубави кинопроекции на кров на ГТЦ, во Парк, на Езерце, а го направивме и најголемото кино на отворено со проекцијата на „Исцелител“ во Градски парк. Отворивме нова градска летна сцена во Паркот МКЦ, отворивме три графити и стрит арт галерии, а цртавме мурали и во Ибни Пајко. Ја поведовме иницијативата „Култура во време на корона“, која беше пример и поттик и за другите регионални метрополи, МКЦ стана членка на ФИАФ, стана членка на Лајвјуроп. Беше дел од уште неколку европски проекти и програмски соработки, а беше домаќин и на Урсула фон дер Лајен. Секако ги реализравме фестивалите, МОТ, Синедејс, Здраво Млади… Ги реновиравме и тоалетите во МКЦ. Само во 2021 година и покрај пандемијата, организиравме повеќе од 650 реализирани настани. Пополека стануваме препознатливи и по поддршката на независната театарска сцена… Ги донесовме Лиза Жерар во Филхармонија, Љубомир Мелник во Пошта…

И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох, судбо клета! И додека ги градевме убавите работи, четири години континуирано се дружевме и со Финансиска полиција, и со Јавно обвинителство, и со разни ревизии… Се вадеа документи, се уништуваа животи… а на крај едно по едно обвинувања завршуваа како неосновани.

Затоа ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам.

Денес се повлекувам само од функцијата вршител на должност директор. Но, останувам во МКЦ, имам уште еден одличен повод за тоа – да помогнам заедно да го направиме јубилејот кој толку гордо го чекаме – 50 години МКЦ. За следниот директор само да го охрабрам: Не грижи се, МКЦ не е загубар!

МКЦ и покрај пандемијата, кога сериозно беа намалени приходите од влезници и производи, и кога сериозно беа намалени дотациите за режиските трошоци, успеа со максимум од своите можности да ја даде својата поддршка на целата независна сцена – и на крај повторно да ги плати сите свои сметки и да забележи позитивно финансико работење. Па така, во следната јубилејна година да пренесе сопствени средства во висина од 4.000.000 денари и уште толку се’ уште ненаплатени побарувања. За оние кои раководат културни институции јасно им е дека ова е сума за почит, на што сме посебно горди.

Ја користам оваа прилика, да им се заблагодарам на сите мои колеги кои и после сите притисоци успеаја да останат најголеми професионалци. Другари, фала ви на довербата и поддршката!

И бидејќи никогаш претходно не го направив ова, фала и на сите соработници, гости и пријатели, кои јавно ја даваат својата поддршка на нашето работење, но и кои не потпаднаа на сите клевети и лаги и гадости кои беа за мене и за нас како МКЦ јавно изнесувани.

Бидете здрави, живи, среќни и весели. И МКЦ – среќен јубилеј 50 години!

Сподели