Europe House Skopje во 2021: Големи поддржувачи на младите, добри домаќини на високи делегации

Приказната е објавена во рамките на серијалот „Умни млади“ што Умно.мк го реализира во соработка со Europe House Skopje

Со повеќе од 265 организирани настани во годинава што изминува, поддршка на младите на секое поле и инкорпорирање на вредностите на Европската Унија во секоја пора на нашето општество, Europe House Скопје ја завршува 2021 година. Зајакнати со уште два регионални центра во Крива Паланка и во Струмица, тие покажаа како треба да функционира една комплексна институција. Од организирање на посети на високи функционери, преку акции за заштита на планетата Земја, одбележување на светски денови на разни болести, поддршка на ранливи категории, до промоција на филм, музика, визуелни и сценски уметности, спорт, поддршка на стартапи, на гејминг-заедницата, на младите амбасадори во ЕУ, на едукација на младите за Унијата… Europe House во земјава годинава беше сеприсутна.

Од посетата на Урсула фон дер Лајен и средбата со млaдите европски амбасадори

Како функционира оваа комплексна институција разговараме со тимот на Europe House – мала група вредни, неуморни луѓе. Од есенва, лидер на тимот во Скопје е Вјоса Бериша. Осврнувајќи се на овој период, таа вели дека Europe House Скопје имаше многу различни активности, кампањи и настани и сите биле неверојатно успешни.

– Ако го земеме предвид времето во кое работиме, период на пандемија, мислам дека успеавме да допреме до целната публика, младите. Ги привлековме да бидат дел од нашите активности. Како врв би ја издвоила посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на Северна Македoнија во септември и изложбата „Денес изгледаш убаво!“ отворена во „Ист гејт мол“ по повод Меѓународниот ден на човековите права – вели Бериша.

Според неа, сиве овие активности се исклучително важни и влијаат на приближувањето и интеграцијата на земјава и регионот во ЕУ, зашто преку настаните што ги организираат пред сè ги промовираат европските вредности.

Вјоса Бериша (десно) и амбасадорот Дејвид Гир (во средина) на изложбата „Денес изгледаш убаво!“

– Ги зближууваме младите луѓе, им нудиме можност да се поврзат со еднаквите на себе во регионот и во Европа, им нудиме поддршка да се вклучат во различни важни настани и активности. Тие пак им овозможуваат гласно да го кажат својот став и да креираат подобра иднина за себе во Северна Македонија, регионот и во Европската Унија – вели Бериша.

За една година 265 различни настани

Вмрежувањето е една од клучните алки за едно семејство добро да функционира. Меѓусебната соработка е исклучително важна, а вмрежувањето создава врски кои се основа за понатамошна соработка. Розита Талевска-Христовска е дел од секторот за вмрежување и видливост. Таа смета дека светот во кој живееме е воден од меѓусебните односи.

Од промоцијата Erasmus+ и 3Kitchen

– Од моја перспектива, не би можеле ништо да направиме без врските што сме ги граделе низ целиот живот. Вмрежувањето е токму тоа – процес на интеракција со другите за да споделиме и размениме идеи, информации, да развиеме професионални или социјални контакти кои ќе придонесат кон раст и развој. Искуството ме научи дека сè е полесно кога имаш добра мрежа на професионалци кои ти даваат поддршка секогаш кога ќе затреба. Уште повеќе, вмрежувањето е процес на збогатување. Може да ти помогне да научиш вештини и драгоцени алатки што ќе ги употребуваш во секојдневната пракса – вели Талевска-Христовска.

Секој момент од денот ѝ е поврзан со вмрежување, било на работен или приватен план… И вели дека дефинитивно ужива во тоа. На крајот од денот околу себе гледа насмеани лица кои со поврзувањето го гледаат потенцијалот на можностите кои следат.

– Тоа за мене е главен двигател на тоа што го работам. 2021 година беше доста успешна во однос на ширење на мрежата на соработници на Europe House. Национално и интернационално поврзавме огромен број организации, институции и млади. Најомилен настан годинава ми е конференцијата што ја организираше и координираше Europe House Скопје во чест на „9 Мај“, Ден на Европа. Организиравме Western Balkan Youth Talks “Next GENeration Blueprint“, настан кој беше препознат и од Брисел. Преку оваа активност поврзавме организации и млади, сите Делегации на ЕУ и младите европски амбасадори од седумте држави на Западен Балкан – вели Талевска-Христовска.

Western Balkan Youth Talks “Next GENeration Blueprint“

Europe House Скопје годинава организираше повеќе од 265 настани во различен формат, на различни теми, за различна публика, вели Јана Петровска од секторот за настани и кампањи. За нив 2021 била особено динамична и инспиративна година.

– Успеавме да ја подигнеме свеста за ред значајни прашања, остварувајќи прекрасна синергија и со младите и со пошироката јавност. Би ги издвоила серијата кампањи во септември и октомври организирани по повод европските недели за мобилност, спорт и Европската година на железницата. Имавме фантастичен фидбек од учениците ширум земјава, а стотици граѓани се рекреираа на отворениот спортски ден во Скопје. Но, над сè би ја издвоила кампањата за Зелениот договор чии активности допрва следат, а се од примарно значење за сите нас. Нешто на кое сме исто така особено горди е изложбата фотографии „Денес изгледаш убаво!“ во Ист Гејт Мол која посетителите можат да ја видат до 10 јануари. На визуелно-креативен начин, изложбата слави 12 активисти за човекови права кои секојдневно и неуморно инспирираат, покажувајќи дека сите сме луѓе и сите сме еднакви – вели Петровска.

Од Европска година на железницата

„Ако сакаш да стигнеш брзо, оди сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, оди во друштво“

Сврзно ткиво на целиот тим е Моника Кирковска, проект асистент и офис менаџер. На прашањето колку е важна соработката во тимот, професионалноста и добрата енергија за да функционираат нештата и да не избегаат конците од рака, таа одговара со африканска поговорка: „Ако сакаш да стигнеш брзо, оди сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, оди во друштво“.

– Настаните се организраат на дневно ниво, без престан. Филтер сме за многу актуелни, минати и идни проекти за кои е потребно организираност, посветеност и меѓусебна соработка. Деновите се динамични, а исто и некои карактери меѓу нас, или луѓето со кои соработуваме. Но, сето тоа се балансира со останатите кои по природа имаат смирен дух, со што се создава една хармонична атмосфера и во Europe House и со соработниците. Секако заклучокот е дека целиот успех и непрекинатиот проток на работа е резултат на континуираната меѓусебна поддршка и соработка. А добрата и позитивна енергија е зачинот. Таа го мотивира тимот и понатаму да оди напред и да напредува и покрај сите предизвици – вели Кирковска.

Неодамна Europe House Скопје понуди симболични награди за 50.000-от следбеник на нивната страница на фејсбук. За да допрете до јавноста денес присуството на социјалните мрежи е исклучително важно. Марија Митева е дел од секторот за социјални мрежи. Според неа, денес речиси четвртина од светската популација е токму таму – на социјалните медиуми.

– Мора да ја земеме предвид природата на социјалните мрежи која се храни со интеракциите меѓу луѓето. Колку повеќе растат, толку помоќни стануваат. Благодарение на интернетот, гласот на маргинализираните може да биде слушнат, да повика на акција. Вмрежувањето е еден од најважните елементи во сегментот на социјалните медиуми на Europe House. Наша главна цел е да се споделат настани, иницијативи, светогледи, идеи и да се биде гласот на новата генерација која во Europe House има можност да се поврзе со најголемите европски професионалци и најдобрите практики – вели таа.

Митева објаснува дека без социјалните медиуми, социјалните, етичките, еколошките и културните прашања би имале минимална видливост.

– Зголемената видливост на овие теми ја префрла рамнотежата на моќта од рацете на неколкумина – во рацете на масите. За таа цел, иако во фокусот на нашата мрежа на следбеници е новата генерација ние сепак имаме мрежа од различна возрасна, расна, религиска и родова граница – вели Митева.

Засилување во Струмица и Крива Паланка

Europe House Скопје годинава работи со засилување – регионалните центри отворени во Крива Паланка и во Струмица каде се одржуваа многу настани. Ана Клесова е координатор на локалната мрежа и програмски менаџер на Europe House Струмица. Со оглед на тоа што постојат само 10 месеци, горди се на фактот што со активностите кои ги продуцирале успеале да ги анимираат младите не само во Струмица и струмичкиот микрорегион, туку и пошироко.

– Успеавме да ги поврземе нашите млади со нивни врсници и организации од Грција, Италија, Полска, Словенија, Романија, Шпанија, Германија, Шведска и останати држави на Европската Унија. Целта е локалните млади и организациите да се вмрежат, споделат искуства, добри практики, да соработуваат и креираат заеднички активности. Понатаму истите тие контакти и искуства да ги искористат за промовирање на европските вредности, европските младински цели и воопшто стекнување чувство на еднаквост на можности и визија за заедничка иднина – вели Клесова.

Таа додава дека со Europe House Струмица младите и организациите добиле место преку кое ќе се слуша нивниот глас, што ги охрабрува и мотивира да заземат една поинаква и поголема улога во идентификувањето и справувањето со предизвиците и да бидат носители на промени во нивните матични заедници, но и место каде што истите тие млади индивидуалци ќе добијат можности за нивен професионален и личен развој.

– Од многуте настани кои оваа година Europe House Струмица ги има организирано, неколку оставија голем импакт врз младите и заедницата. Од сите тие едукативни, спортски и културни настани би ги издвоиле серијата на работилници „Основи на фотографија“ и „Еко фотографија“ кои кулминираа со отворање на изложба со фотографии од учесниците на едукативните работилници. Сериите на работилници и изложбата поставена на шеталиштето на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица им пружи на младите фотографи можност за развој и едукација, но во исто време самата изложба поттикна дискусија и ја подигна свеста во заедницата за сето тоа што се случува со животната средина околу нас и остави простор за понатаму да се креираат уште повеќе настани кои ги адресираат прашањата за заштита на животната средина и го промовираат Европскиот Зелен Договор – вели Клесова.

Веќе една година работи и Europe House Крива Паланка. Според менаџерот на настани, Димитар Петровски, во изминатиов период тие се етаблирале во локалната заедница и во регионот како место кое ги поддржува младите луѓе, нивната креативност и идеи. Според статистиката, во изминатава година во Europe House Крива Паланка биле реализирани вкупно 141 настан, од кои тие биле иницијатори и организатори на 92 случувања. Од вкупната бројка, 26 настани биле органиизрани во соработка со други здруженија, а ги проследиле повеќе од 3.400 лица.

Под мотото “Inclusion Matters! We are all equal“, во The Countryside – зелен комфорт центар во Општина Ранковце го организизираа инклузивниот и милтимедијален настан по повод Светскиот ден на лицата со попреченост. Заедно со “Pink Support“ и Здружението „Хендикеп плус“, во убава атмосфера повеќе од триесет лица со попречености и нетипичен развој се дружеа со животни, вдомени од улица во Центарот. На настанот учествуваа повеќе од 80 лица.

– Благодарение на волонтер од Коњичкиот клуб „Анималс“ дел од лицата кои се движат во количка прв пат јаваа на коњ. Ни беше чест и задоволство што учествуваа и бугарскиот амбасадор во земјава и неговата сопруга и претставници на Делегацијата на Европската Унија. Тие нагласија дека ЕУ е Унија е на еднаквост и дека дека лицата со попреченост треба да можат подеднакво да учествуваат во сите области на животот – објаснува Петровски.

Младите уметници од Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје цртаа мурали на ѕидовите од Центарот и пренесоа силна порака за зачувување на еколошката средина и свет со инклузивност.

– Во активностите и настаните не беа вклучени само млади од Крива Паланка, туку и од целата земја и пошироко. Соработувавме со локалните, регионални и национални соработници, односно мрежата која ја градиме изминатиот период – здруженија, училишта, локални и национални институции, совети на млади, неформални групи, уметници, тренери, модератори, експерти итн. Планот е во следниот период да продолжиме да ја надградуваме нашата работа и да растеме заедно со нашите партнери во заедницата, во насока на промоција на позитивни вредности, европски идеали и практики од ЕУ – завршува Петровски.

ГАЛЕРИЈА

 

Фото: Europe House

Сподели