Извадок од рoманот „Трамонтана“ од Наташа Сарџоска

Целиот живот мигрирам. Мигрирам од смисла во бесмисла. Мигрирам од значајност кон безначајност. Мигрирам од себе вон себе… Романот е издание на Издавачки центар ТРИ

Јас бев сеќавање. Бев остаток од нешто што го загубило своето име. Своето минато. Моето сеќавање не беше свет храм, туку беше празна руина и сведоштво на потраги по нешто што постоеше само во мојата глава, потраги што се задоволуваа од самата потрага и се заситуваа сами од себе и потем исчезнуваа и недовршени окончуваа. Никогаш и никаде не го наоѓав тоа што го барав. Моето тело беше музеј од скршени стакла, недосегливи химери, непостојани форми. Но во секој поглед и на секоја улица наоѓав состојби каде што можев да се скријам и да побегнам или да најдам изговор и така полесно да заборавам на себеси и на мојот личен неуспех. Тој неуспех ми беше наметнат. Но ми беше удобен. Затоа и го прифатив, како што го прифаќаат неуспехот луѓето што се откажуваат од себеси.

Целиот живот мигрирам. Мигрирам од смисла во бесмисла. Мигрирам од значајност кон безначајност. Мигрирам од себе вон себе. Целиот живот бегам од секаков облик на насилство. Бегам дури и од насилството на љубовта, од нејзините насилни темници, нејзините заумни талисмани, нејзините чинки и чари. Но тоа, насилството, секогаш наоѓа начин да посегне по мене. Во подземен воз. На улица. Во лоби. Секаде. Затоа одбрав да не дејствувам, да живеам нестварно. Отуѓено. Отсутно. Оддалечено. Јас живеам во сеќавањето. Иако моето сеќавање беше празно, токму таму го наоѓав моето упориште.

Некогаш се чувствував како да сум нечија нераскажана приказна, одговор на некое никогаш непоставено прашање, нераздолжен заем, како да требаше со моето постоење некому да нанесам правда, да, токму тоа, да нанесам, зашто и правдата како и неправдата се нанесува, но не се ни прашував кому ни каква, ниту поради која причина. Едноставно постоев како да требаше да распределам нешто некому. Се провирав низ животот како капка дожд која тече по мазни површини и која никогаш не се слева во вирот дождовна вода заедно со другите капки. Би можела дури и да кажам дека само тоа и го сметав за мој единствен личен успех и подвиг. Измолкнувањето. Извлекувањето. Но не се извлекував како дождовна глиста туку се издигнував над бурата како орел. Сама испарував кон небото. Не со вирот туку со широт. Сама се голтав и слевав со облаците. Кога самував, ако да тонев во жива вода и како од неа чудотворно да се враќав во реалниот живот.

Додека се возев во метро линијата број 13 – иако не ја сакав таа линија поради суеверниот број и поради миризбата на зачини и тешка храна од многуте Азијати и Арапи кои во неа редовно се возеа зашто таа одеше во северниот дел на Париз дури до иселеничката населба Сен Дени – затоа што беше валкано внатре, во мене се впиваше некаква нејасна и невидлива состојка, без боја и без мирис и без дејство, и на некаков за мене непознат начин ја продлабочуваше оваа состојба на летаргија, меланхолија и апатија. Таа беше глува состојка, а жубореше постојано во мене за да ме потсети дека во мене постојат амбиси и пештери, подземни води и невидливи премини. Низ неа растеа и се разлеваа, и потем се сушеа и пак растеа како печурки после дожд врз мазни површини, малечки процепи, променливи состојби, распределби на цените што ги плаќам, на неправдите што ги живеам, на поразот што ме голта секој ден, на победите што ми се потсмеваат, на падовите и понижувањата. Промашувањата.

Кога тонев, тонев целосно, се губев себеси. Затоа не градев врски. Попрво рушев мостови. Се напуштав себеси уште пред да тие ме напуштат. Ме вознемируваше должноста да давам. Не умеев да давам. Ниту да сакам. Да се грижам умеев само за себеси. Но дури ни тоа не умеев да го правам вешто. Не можев воопшто да замислам, ни насон ни најаве, да родам или да растам или да чувам дете. Не сакав да чувам во себе ништо. Не чував ништо. Не се чував ни себеси. Не сакав да се одвои дел од моето тело. Бев себично приврзана за моето тело. Не бев одговорна личност. Не придонесував за ништо и за никого. Немав чувство на полезност или корисност. Никому не правев добро. Ме немаше. Бев невидлива, без својства, немав траси ниту траги.

Сподели