По успехот со „Налепница“, долгометражен филм за диџеј од јуручките села, интервју со Георги М. Унковски

Периодов сме во потрага по средства за мојот дебитантски долгометражен проект „Диџеј Ахмет“, кој ја раскажува приказната за едно момче од јуручките села во Македонија чиј сон е да стане диџеј, вели Унковски

Повеќе од 50 награди на меѓународни фестивали, учество на 180 фестивали, убави критики… Кој не би бил среќен со овој биланс за свој филм?! 2020 година беше тегобна, ама за режисерот Георги М.Унковски и за екипата што работеше на краткиот филм „Налепница“ (Sticker) беше полна со награди, признанија, убави зборови.
Унковски завршил фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер во САД, а магистрирал режија на ФАМУ во Прага, Чешка, во класата на Иво Трајков. За „Налепница“ вели:
– Не можам да кажам дека се надевавме на успех, тоа е тешко да се предвиди, но дадовме сѐ од себе да направиме квалитетен производ и посебно ме радува што нашиот труд е препознаен во меѓународни рамки.

Црниот хумор се чини ви е омилен. По тоа беше препознатлив „Пепи и Муто“, а и „Налепница“. Што беше клучно за огромниот успех на овој филм?

– Не би можел да кажам точно, меѓутоа би рекол дека сигурно има многу работи кои нѐ поврзуваат како луѓе, а човечките приказни и хуморот можат да бидат универзален јазик, посебно кога станува збор за филмот.

Сашко Коцев во сцена од „Налепница“

Со Сашко Коцев соработувавте и на двата кратки филма. Дали уште во пишувањето на сценаријата имате на ум дека пишувате улога за него?

– Често се случува за време на пишувањето да се има некој конкретен актер на ум. Но во случајот на „Налепница“, Сашко дојде на кастинг и ја доби улогата така што суштински придонесе ликот уште на самиот почеток да добие една друга димензија, воедно и актерски ја долови тенката линија помеѓу драма и комедија која беше клучна за филмот.

Ве ограничи ли пандемијата за да може да патувате повеќе и да го промовирате филмот?

– Пред сѐ, среќни сме дека успеавме да отпатуваме на „Санденс“ и да бидеме дел од тој фестивал. За жал, набрзо потоа ситуацијата стана многу потешка и во голем дел го пропуштивме фестивалскиот пат на „Налепница“. Огромен број фестивали се одржаа онлајн или во многу скратена форма. Секако дури и во оваа онлајн-варијанта запознавме огромен број луѓе и благодарни сме што во една исклучителна тешка година, успехот на „Налепница“ ни беше светла точка.

Георги М. Унковски

Колку е важно што светот, сепак, не дозволи уметноста да застане и се прилагодија, макар и со онлајн-изданија да ги вреднуваат актуелните филмски дела?

– Адаптација на ова време во кое веќе имаме заборавено што беше кино или филмски фестивал, е клучна. Иако многу фестивали почетно беа неподготвени, видовме огромен број примери и луѓе кои исклучително пожртвувано дадоа сѐ за фестивалскиот живот да продолжи. За уметниците ова беше исклучително важно, бидејќи фестивалите, и покрај сѐ, успееја да ги доближат нашите филмови до меѓународната публика.

Режиравте пет епизоди и од „Преспав“ во последните две години. Тоа е единствената сит-ком во Македонија на која ѝуспеало да живее пет сезони, а публиката бара уште. На што се должи успехот?

– Македонската публика е гладна за домашна содржина. Серијата „Преспав“ има прекрасен актерски ансамбл кој го најде патот до македонските гледачи кои навистина ги обожуваат ликовите. Успехот на „Преспав“ е одличен пример, меѓутоа има огромна потреба за атмосфера во која ќе има простор за многу повеќе серии и многу пообемна телевизиска продукција.

Велат после неколку кратки филма, нормално е режисер да цели кон долгометражен филм. Дали можеби веќе подготвувате игран филм?

– Неодамна обезбедивме поддршка од Агенцијата за филм и во овој момент сме во потрага по меѓународни партнери за нашиот дебитантски долгометражен филм „Диџеј Ахмет“. Приказната е за Ахмет, момче од јуручките села во Македонија чиј сон е да стане диџеј. Ахмет во потрагата по себе, доаѓа во судир со конзервативната средина, очекувањата на својот татко и неговиот прв контакт со љубовта.

Кога би имале магично стапче, што би смениле во начинот на функционирање на Агенцијата за филм?

– За да биде македонската кинематографија компететивна и да го искористи својот капацитет, потребно е буџетот на Агенцијата да се зголеми повеќекратно со што би се зголемил бројот на продуцирани филмови, а не само индивидуалните буџети. Зголеменото финансирање е единствениот начин да можат да влезат нови автори, а авторите кои веќе творат да не мора да чекаат по четири, пет, па и повеќе години помеѓу своите филмови. Треба да се напомене дека зголемувањето на буџетите само по себе не може да гарантира успех, но може да создаде простор за развој на младите автори и генерално за развој на македонскиот филм. Дополнително, потребен е развој на фонд кој ќе финансира исклучиво домашна телевизиска играна програма, доколку воопшто сакаме да бидеме конкурентни на кој било начин со програмата на нашите соседи која моментално доминира на телевизиите. Според мене неприфатливо е една земја да нема телевизиски емисии за: филм/музика, топ листа или слично (нешто најосновно за една телевизија), а единствените успешни проекти да се оние кои имаат меѓународна поддршка.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели