Онлајн-предавање на Борис Гројс во МСУ

Да се биде уметничко дело: уметноста како себедизајнирање“ е насловот на онлајн предавањето кое Борис Гројс ќе го одржи вечерва во 19 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Гројс, филозоф, есеист, критичар, теоретичар на медиуми и водечки експерт за уметност и литература од периодот на советската ера, особено руската авангарда е професор по руски и славистички студии на Универзитетот во Њујорк и научен соработник на Универзитетот во Карлсруе за уметност и дизајн.

– Неговата работа вклучува радикално различни пристапи, преку францускиот постструктурализам до модерната руска филозофија. Неговиот опус убедливо е позициониран на пресекот помеѓу естетиката и политиката. Гројс е под влијание на голем број модерни и постмодерни филозофи и теоретичари, вклучувајќи ги Жак Дерида, Жан Бодријар, Жил Делез и Валтер Бенјамин – велат организаторите.

Предавањето се одржува во рамките на интердисциплинарната програма на онлајн предавања под наслов „Без/редие во светот на уметноста“ чиј автор е Тихомир Топузовски.

Гројс е автор на „Тоталната уметност на сталинизмот“ (1992), „Исчезнување на точката Москва“ (1994), „Уметност на инсталацијата“ (1996), „Инвенцијата на Русија“ (1995 година), „Илија Кабаков: Човекот кој полета во вселената од неговиот дом“ (2006), ,,Моќта на уметноста“ (2008), „Комунистички постскрипт“ (2010), „Историјата која станува форма: Московскиот концептуализам“ (2010), „Вовед во антифилозофијата“ (2012) и „Рускиот Космизам“ (2018).

Сподели