Книгата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од авторката Сузана В. Спасовска, деновиве излезе од печат. Станува збор за магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во 2002 година. Рецензенти на изданието се професорите Венко Андоновски и Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет.
Во рецензијата за оваа книга, меѓу другото може да се прочита и следново: „Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканскиве, и потесно на македонските простори и второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата, туку за филолошката наука воопшто“.
Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Петар Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих.
Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила шест стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), „Пеперутка од пепел“ (2018, самостојно издание) и „Јазикот на светлината“ (2020, Македонија презент).





