„Приватност во јавност“ во „Мала станица“

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Приватност во јавност“. Изложбата опфаќа различни медиуми: фотографија, видео, дигитална анимација, инсталација на уметници од земјава и од Србија. Куратор на проектот е Светлана Младенов од „Визарт“, Нови Сад.

– Преку проектот уметниците ставаат детали од интимниот живот и субјективните искуства во центарот на нивното истражување и на тој начин придонесуваат за уште посилна емоционална врска со другите. Семејство, дом, непосредна околина, поглед низ прозорец или од тераса, пријатели, дејства од секојдневниот живот преведени преку уметнички дискурс зборуваат за еколошки, геополитички, социолошки и антрополошки проблеми, проблеми на засолниште, осаменост, номадизам, нестабилна социјална меморија, авто – меморија… – објаснуваат организаторите.

Од Србија учествуваат: Силард Антал, DISTRUCTURE, Стеван Којиќ, Весна Перуновиќ, Милета Поштиќ, Наташа Теофиловиќ, Драган Војводиќ, на кои им се придружуваат осум наши уметници, со кратки видеа под заеднички наслов „Уметнички дневници во изолација“, снимени лани, на покана на Националната галерија и кураторот Ана Франговска – Атанас Ботев, Искра Димитрова, Роберт Јанкулоски, Верица Ковачевска, Моника Мотеска, Кристина Пулејкова, Дијана Томиќ, Вана Урошевиќ.

Изложбата се отвора во соработка со Македонскиот центар за фотографија.

Сподели