Голема ретроспективна изложба на дела на македонскиот сликар Данчо Кал’чев ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Музејот на Град Скопје. Ќе бидат изложени 40-ина дела изработени во изминатите три децении.

Меѓу денес малкутемина навистина посветени македонски сликари, сликари коишто сликарството го сфаќаат како сериозна професија и животна определба, Данчо Кал’чев секако зазема доминантно место, пишува ликовниот критичар Златко Теодосиевски во воведот на изложбата.
– Кал’чев го смета сликарството за „(…) сериозна, тешка и одговорна работа“ којашто не трпи импровизации, самоволие и забава. Впрочем, и неговото досегашно целокупно сликарство сведочи за комплетна посветеност на еден вистински сликарски мајстор кој ништо не препушта на случајот или првичната импресија, туку гради Слика со голема почетна буква, создава дела со специфична пластична (синтаксна) и семантичка структура, јасно препознатлива во современото македонско сликарство. Дали (и) тука, во „враќањето“ кон ваквиот однос кон сликарството, започнува „вечното враќање“ на Данчо Кал’чев? Веројатно – пишува Теодосиевски.

Данчо Кал’чев е роден во 1957 година во Скопје. Во 1979 година завршил Педагошка академија, во класата на сликарот Ванчо Георгиевски, а потоа дипломирал кај проф. Димитар Кондовски на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1984 година. Живее и работи во Гевгелија. Неговата последна голема изложба беше реализирана во 2009 година во Музејот на Град Скопје.
– Точно е дека развојните фази во сликарството на Кал’чев, колку што се можеби интуитивни, уште повеќе се и длабоко промислени/осмислени – плод на специфичен и заокружен концепт. Кога денес ретроспективно ги согледувате неговите дела се чини дека уметникот уште на почетокот знаел каде сака да стаса и како. Од секој циклус извирале нови и нови поттици, или поправо речено притоки што се преточувале/соединувале во наредниот циклус, создавајќи така еден симбиотичен творечки круг со високи естетски вредности. Секако, да не заборавиме: говорејќи за „стилот“ во рамките на сликарството на Кал’чев говориме за неговата развојна внатрешна еволутивна логика којашто резултира во еден впечатлив oeuvre, но не и за припадност кон некое стилско движење или група. Таа негова развојна внатрешна еволутивна логика ги осмислува и компонира синтаксните и семантичките структури во една целост, во еден концепт својствен само на мал број сликари мајстори! – дополнува Теодосиевски.

Дали неговата материја и новите галактички визии ултимативно ќе се вратат на прапочетокот, во првото зрнце праматерија, останува да видиме, дополнува Теодосиевски.
– Но, она што е сигурно е дека колку и да говориме за крајот на сликарството – а тоа го правиме речиси веќе цел еден век – секогаш ќе се појави уметник како Данчо Кал’чев, кој блескаво ќе нè демантира, кој извонредно ќе покаже дека сликарството сè уште има што да каже!





