Св. Климент е еден од првите, најдаровитите писатели на старата словенска литература

Бидејќи новопокрстените Словени не ја разбирале христијанската вера, тој ја сметал за своја прва должност да им ја објасни во достапни слова на разбирлив јазик и во убава уметничка форма, пишува академик Петар Хр. Илиевски во книгата „Појава и развој на писмото“

Охридскиот книжевен центар се одликува со особености, типични за црковната, просветната и книжевната дејност на светите Климент и Наум Охридски. Со неа тие ја оформиле физиономијата и удриле траен печат на Центарот, кој ја продолжил нивната тројна работа – преводи, преписи и оригинални творби, пишува еден од најистакнатте класични филолози во Македонија, академик Петар Хр. Илиевски во книгата „Појава и развој на писмото“ (со посебен осврт кон почетоците на словенската писменост). Во чест на денешниот празник „Св. Климент Охридски“, патрон на Македонија, објавуваме дел од книгата, издание на Македонската академија на науките и уметностите.

Св. Климент и Наум доаѓаат во Деволскиот и Охридскиот крај прво како учители и на таа должност остануваат секој по седум години. Тргнувајќи од податокот во Климентовото житие на Теофилакт (гл. XVIII, 57) за големиот број на Климентови ученици, некои современи интерпретатори се изненадени што нема останати траги од училишните објекти, каде што се одржувала наставата. Се превидува фактот дека звањето учител во христијанската црква било специфично. Всушност, учителите главно, патувале кај учениците, а не обратно. Наставата, која билa пред сè со религиозна содржина, се извршувала во цркви и манастири.

Манастирите, „Св. Пантелејмон“ на Климента и „Св. Архангели“ на Наума, крај Охридското Езеро, биле два такви важни, не само црковни, а и просветни центри. На почетници овде им се давала основна писменост, а на избраните им биле раскривани подлабоките места од писанијата. Едни од нив биле ориентирани кон црковна дејност, а други кон книжевна. Нивниот број не бил мал, се набројувале до 3.500 вкупно.

За бројката од 3.500 ученици

Оваа висока бројка на ученици спонтано побудува прашање дали е реална, или е еден вид хагиографско преувеличување, објаснува Илиевски во фуснота.

„Паѓа в очи и распределбата по 300 ученици во секоја енорија, што покажува дека Климент имал 12 енории. И бројот 12 може да биде симболичен: Христос имал 12 апостоли, во Израел 12 племиња итн., како и седумката што означува „многу“ и „безброј“. Забележително е дека словенските првоучители за 23 години оспособиле околу 200 ученици, а св. Климент сам за седум години 3.500. Проблематичен е и податокот од Опширното житие во гл. XVIII, 59, каде што се вели дека своите ученици ги поставувал (ракополагал) за четци, ипоѓакони, ѓакони и свештеници. Пред самиот да бил ракоположен за епископ, св. Климент не можел да ги извршува тие чинодејства. Тоа можел да го прави подоцна, по 893 г., кога станал епископ, а хагиографот нив му ги припишува во периодот на учителството. И подоцна, како епископ, Климент не престанал да поучува и да оспособува подмладок. Можеби е пореално да се допушти дека високиот број на ученици бил во текот на целиот 30-годишен период (886-916) од неговата дејност во Македонија“, пишува Илиевски.

Во историјата на Охридскиот книжевен центар најстариот период со употреба на глаголица е најзначаен и недостигнат потоа. Светите Климент и Наум се занимавале со разновидна книжевна дејност. Со своите ученици организирале препишувачки центар, а самите, покрај преводачката работа, пишувале и оригинални состави, кои претставуваат класични творби на старата црковнословенска литература, составени според нормите на византиската поетика. Својата просветителска работа ја извршувале и преку богослужбите, заради кои било измислено и првото словенско писмо.

Икона на св. Климент Охридски / Фото: Wikipedia

За оваа цел тие биле вклучени во преводот на богослужбените книги уште за време на животот на нивните учители, а потоа продолжиле самостојно да работат врз нивното комплетирање. Тоа, пак, барало голема умешност. Преводот на службите требало да биде колку содржински точен, толку и метричко-ритмички усогласен со грчкиот оригинал, за да се вклопи наполно во традиционалниот црковен рецитатив и осмогласната мелодика. Преводот на богослужбите е обично анонимен. Само во каноните, кои се често оригинални, се допуштала поголема слобода и за авторско идентифицирање во акростихна подредба. Така, во почетокот на осумдесеттите години е откриен авторскиот потпис на св. Климент во четири канони: трипеснеци за Претпразненство на Рождество Христово, Канон за св. Евтимиј Велики, подоцна приспособен за св. Јоаким Осоговски, Канон за Ризата и појасот на св. Богородица, канони за општи служби за пророк, апостол, маченик, подвижник и др. Доскоро се сметаше дека св. Наум ја извршувал својата просветителска мисија, главно, по устен пат. Но, кон крајот на седумдесеттите и тој е откриен како автор на Канонот за ап. Андреј.

Св. Климент се смета за еден од првите, најистакнати, најдаровити и најплодни писатели на старата словенска литература. Изненадува големата разнообразност на неговите книжевни дела. Покрај преводите на богослужби и оригинални химнографски творби, служби и канони, тој е во најмала рака коавтор со св. Методиј на Панонското житие на св. Кирил и автор на Методиевото житие, како и на голем број слова, поуки и похвали со дидактичка и егзегетска содржина. Бидејќи новопокрстените Словени не ја разбирале христијанската вера, тој ја сметал за своја прва должност да им ја објасни неа во достапни слова на разбирлив јазик и во убава уметничка форма. Иако тоа се први самостојни творби, со практична религиозно-просветна намена и на јазик кој дотогаш немал писменост, тие можат да се споредуваат со најдобрите обрасци во византиската литература и беседништво. По зборовите на Туницки во нив „веќе трепери живата словенска душа“, па затоа тие биле така радо прифатени во целиот православен словенски свет. За своите ученици што се готвеле за свештеничка дејност, тој им составувал обрасци на поучни и похвални слова, кои (со промена на името) можат да се адаптираат за соодветни светители (пророци, апостоли, маченици итн).

На ист начин и со иста намена се составени и неговите општи канони. Од големиот број на нивните преписи (некои слова се документирани и во преку 200 ракописи), се гледа колку многу тие биле омилени и популарни. Најголема тежина св. Климент полагал на етичката страна: просветување преку добродетели. Неговите слова се конципирани со јасна практична цел за морално усовршување на луѓето, а во Преславскиот книжевен центар преовладува теоретско-богословска тематика, „академска, лишена од духот на народност“. Но, тоа не треба да се сфаќа во апсолутна смисла. Во словата на св. Климент има и длабоки егзегетски понирања, како што има и практична насоченост во некои поучни слова и на Јоан Егзарх, познат како богослов со теоретска и апстрактна наклоност.

Насловна фотографија: Pixabay

Сподели