Мисијата на „Стела“ е да им го олесни пристапот до високо образование и економско омоќување на жените и девојките, па водени од тоа ги охрабруваме девојките и жените да се вклучат во која било област што нив им е од интерес – вели Наташа Димова, проектна координаторка во Здружението за еднакви можности Мрежа Стела од Скопје.
Женското претприемништво се нагласува како патека за зголемување на платените економски активности на жените. Претежно фокусот е поставен на самите жени (на пример, преку обуки за градење на самодовербата, изработување на бизнис планови и др.) сепак без доволно градење на ресурсите неопходни за жените да преземат свои бизниси, вели Наташа Димова, проектна координаторка во Здружението за еднакви можности Мрежа Стела – Скопје.
Каде е местото на жената во нашата земја? Колку таа добива шанса да се надградува, да се осмелува да создаде свој бизнис, но и да се квалификува во нови области, како што е подобрувањето на дигиталните вештини, кои денес отвораат големи можности. Здружението „Стела“ редовно одржува обуки, разговори, гради мрежа и се труди да им помага на жените. Велат, кога немаат свој активен повик, ја пренесуват пораката и од останатите, како актулениот повик на Сеавус eдукативниот и развоен центар, во кој девојки и жени можат да добијат стипендија за онлајн-изучување на дигиталниот маркетинг.
Оваа можност се реализира во соработка со RECONOMY, регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Impact Foundation и други организации вo земјите од Источното партнерство и Западен Балкан.

Наташа Димова
Каде е местото на жената во нашето општество? Што вели вашето искуство, особено во последните неколку години колку што работите токму на проблематиката за унапредување на пристапот до образование, можности за претприемништво и социјални промени?
– Македонија има висока стапка на невработеност, жените особено имаат многу мало учество на пазарот на трудот, голема економска неактивност и некомпатибилност меѓу достапните и бараните профили за слободни работни места. Индустриите во коишто доминираат жените се карактеризирани со ниски плати и не се одразува високото образование и вештините што жените ги стекнуваат. Причините за оваа ситуација се во сооднос со нестабилните економски и општествени услови во земјата, некомпатибилност со достапните и потребните профили на пазарот на трудот и постоечките традиционални норми. Женското претприемништво се нагласува како патека за зголемување на платените економски активности на жените. Претежно фокусот е поставен на самите жени (на пример, преку обуки за градење на самодовербата, изработување на бизнис планови и др.) сепак без доволно градење на ресурсите неопходни за жените да преземат свои бизниси.
Колку е важно во денешно време жените да се здружуваат и да следат одредени активности, обуки за подобрување на нивниот статус?
– Солидарноста е особено важна и во професионалната средина. Доколку жените би чувствувале поголема поддршка за своите професионални одлуки, работите би биле поинакви. Во услови на недоволна формална поддршка за развивање на вештините кај девојките и жените, секако многу е важно да се гради неформални мрежи на солидарност, поддршката, знаење и искуство.

Дигиталните вештини се повеќе од важни. Ги охрабрувате ли девојките и жените да се вклучуваат во такви курсеви, обуки, академии и да си дадат шанса за нов почеток на нивните кариери?
– Мисијата на „Стела“ е да им го олесни пристапот до високо образование и економско омоќување на жените и девојките, па водени од тоа ги охрабруваме девојките и жените да се вклучат во која било област што нив им е од интерес. Секако тоа значи и рушење на стереотипите и предрасудите за дигиталните вештини и информатичко образование како области доминирани/наменети за мажи. Изминатата година „Стела“ организираше и неколку обуки и настани за девојки и жени за јакнење на нивните вештини (дигитални вештини, технологија и онлајн-бизниси, STEM E-TALKS), а секојдневно споделуваме успешни приказни и можности на нашите социјални медиуми и контакти, на пример неодамна ја споделивме иницијативата на СЕДЦ за стипендирање на девојки од внатрешноста.
Се охрабруваат ли жените да зборуваат за проблемите за кои се соочуваат и може ли да направите споредба помеѓу ситуацијата во главниот град и помалите места?
– Изминатите години организиравме околу 20 средби во заедниците низ целата земја. Овие средби за нас беа од особено значење затоа што отворивме дискусија во помали заедници на теми кои не се толку застапени во јавноста и поттикнавме да се споделат искуства кои претходно немале можност/не сакале да ги споделат (сексуално вознемирување, недостаток на поддршка од семејството, економски, социјални и културни бариери). Она што се покажа е дека на девојките и жените им е потребен безбеден простор за да може да зборуваат и споделат искуства. Кога ќе се почувствуваат сигурни тие зборуваат за секаков вид на проблеми и пречки, и тогаш не е битно дали сме во Скопје, Башино или Вруток.

На што сте фокусирани периодов?
– Нашата главна и постојана активност е менторството односно Менторската мрежа која е отворена за сите, па ги охрабруваме сите девојки и жени да ни се придружат како менторки и/или менторирани. Пред неколку дена го објавивме повикот за заинтересирани девојки за менторирање, пракса, добивање информации и сл., па во наредниов период ќе се обидеме да им помогнеме на регистрираните девојки и да ги поврземе соодветно. Исто така, се обидуваме да допреме и до компании и организациите за заедно да ги адресираме препреките со кои се соочуваат девојките и жените и да придонесеме кон креирање на охрабрувачка околина за девојки и жени кои се економски неактивни. И последно, но не помалку важно, секојдневно работиме на подигање на јавната свест за состојбата со девојките и жените, родовата еднаквост итн.





