Страхил Петровски, визуелен уметник: Уметноста сепак не е само за во студио. Таа мора да живее

За мене е од особено значење комуникацијата со публиката и љубителите на уметноста. Пред сè, конечно да излезеш од комфорната зона – студиото, да се „соголиш“ целосно пред нив

Во последните години тој е сеприсутен на настаните поврзани со ликовната уметност во Македонија. Нема изложба, промоција на монографија што поминува без визуелниот уметник Страхил Петровски. Иако долги години изложува самостојно и негови дела се застапени во многу групни претставувања, кариерата како да му тргна во нагорна линија кон крајот на 2019 година со изложбата „Еха од иднината“ во Националната галерија на Македонија (објект „Мала станица“). Следуваше голема изложба во Њујорк, а годинава имаше и неколку јавни настапи во живо. Во меѓувреме стана дел од тимот на Факулетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Во интервјуто за Умно.мк Петровски зборува за творењето во време на пандемија, за уметноста и како се живее од неа, за состојбите во културата во Македонија.

По изложбата во „Мала станица“ и потоа во Њујорк, светот запре. Како влијаеше тој период предизвикан од пандемијата на Вас како уметник?

– По реализирањето на изложбата „Еха од иднината“ и изложбата „Action/Reaction/World“ во Mакедонскиот културен центар во Њујорк, практично за неполн месец по враќањето од Њујорк, светот запре… ДА! Ни се случи „глобална хаварија“, би ја нарекол „биолошка војна/пандемија“!?, која сите ние ја почувствувавме на своја кожа во кој било контекст да земете, но најмногу ги погоди тие што ја загубија оваа битка со вирусот… Дали може сето тоа да влијае врз уметникот и неговото творештво? Може, и влијаеше во сите области, но во доменот на уметноста мислам дека не беше во толкава мерка. Барем за мене како визуелен уметник, покрај психолошкиот притисок и стравот кој беше присутен постојано, некако успеав да го надоместам/победам со креативност на повеќе полиња. Мора да признам, покрај тоа што, генерално, ние уметниците во суштина сакаме да се изолираме постојано во студио, сепак во тој период ми фалеше дружењето со пријатни луѓе.

Се правеа и сè уште се прават обиди за виртуелни изложби за некако да се надомести и доближи уметноста и културата до публиката, но сепак, за мене како автор физичкиот контакт и присуството на публика на каков било културен настан е незаменлив. Работев со дежурства на повеќе проекти, работев онлајн-настава со моите студенти од Факулетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет и секако најголемиот дел од времето го поминував во моето студио, каде што произлегоа бројни идеи и идни проекти. Дел од нив веќе ги реализирав, а останатите се во фаза да бидат реализирани.

Перформанс на „Бела ноќ“ во Скопје, потоа перформанс на промоција на книга во Кинотеката на Македонија. Како е да се создава уметничко дело „во живо“, пред публика? Има ли опасност од недостиг на инспирација и потенцијално бело платно?

– Апсолутно не! Да ми го поставевте ова прашање пред неколку години (во студентските денови и во периодот потоа, додека се барате себеси), можеби ќе одговорев со да. Меѓутоа, од оваа дистанца, покрај толку многу работа и наталожено искуство, изложби и проекти во земјата и странство, секако дека не. Напротив, со огромно задоволство ги прифатив поканите да учествувам на манифестацијата „Бела ноќ“ со моја изложба, видеопроекција „Занемени“ (Muted) во Градскиот парк (Школка) и поканата за перформанс по повод промоција на книга во Кинотеката на Македонија. За мене е од особено значење таа комуникација со публиката и љубителите на уметноста. Пред сè, конечно да излезеш од комфорната зона – студиото, да се „соголиш“ целосно пред нив (што воопшто не е едноставно, напротив…) и да создаваш уметност овде и сега, во дадениот момент.

Таков мултимедијален настан „Сите бои на џезот“ се случи уште во 2018 година во Уметничката галерија во Куманово и подоцна со уште неколку претставувања. Кога станува збор за мултимедијални настани, јас со задоволство ги прифаќам, нормално не сите, но, генерално, да. Некако ми е важна таа енергија од публиката која придонесува во процесот на создавање на делото in situ, се чувствува блискост, размена на енергии, се случува една чудна симбиоза и во таа насока сакам да ја приближам уметноста до сите луѓе и различни категории на граѓани. Конечно, уметноста сепак не е само за во студио. Таа мора да живее…!

Колку е важно уметноста да излезе од ателјето на уметникот, да биде до публиката во моментот на создавање?

– За мене е исклучително важно; за некого можеби не, во зависност од личноста и карактерот на уметникот. Порано можеби повеќе бев интровертен по тоа прашање, но во последните години некако почнав почесто да ги практикувам јавните настапи, ако може така да ги наречам, ако мислите на перформансите!? Но во суштина уметноста треба да биде жива, да го живее тој „живот“ или пат надвор од студиото. За мене како визуелен уметник тој набој на енергија и енергијата од публиката кога ќе се спојат во некаква симбиоза навистина ми значи. Па и ние уметниците сме обични луѓе нели, не сме вонземјани, само можеби „посебни“ во однос на поразлично перцепирање и поимање на стварноста која нè опкружува, па сообразно на тоа и така се однесуваме и размислуваме.

Годишната програма на Министерството за култура или преку локалната самоуправа, државата останува единствена мецена на ликовната уметност и на културата, воопшто. Како живее денес еден активен уметник во Македонија? Може ли да егзистира само од оваа дејност?

– За жал, така некако стојат работите. Културата е на стаклени нозе, уметникот и уметноста уште повеќе! Јас не знам како егзистираат самостојните уметници и како се издржуваат во вакви услови на глобална криза и во една сиромашна земја, каде што работите очигледно се поставени погрешно уште од самиот почеток со децении наназад; во држава каде што се нема ама апсолутно свест за културата, генерално, културното наследство, образованието и што ли уште не. Многу погрешни политики, погрешни чекори, секакви стратегии, каде личното е пред колективното, каде неписменоста ни е на највисоко ниво, хипокризијата и анархијата и што ли уште не, да не набројувам. Mора многу работи во сите области на општеството да почнеме да ги редефинираме и да ги поставиме на здрави нозе, итно, и тоа прво во сопствениот двор.

Факт е дека уметникот се бори за егзистенција, владее општа незаинтересираност за и околу уметноста; јас практикувам да кажам дека сме во некаква ментална импотенција по тоа прашање. Не може да се живее само од уметност, можеби на запад да, но овде состојбите се поинакви. Овде просто мора да си вработен во некоја сродна институција со сигурни приходи, па донекаде да си дозволиш и да продуцираш уметност. За годишните програми одамна не се заморувам, сметам дека финансиите кои ги добиваме оттаму за реализација на изложбите се недоволни, а во однос на локалната самоуправа не сакам ни да разговарам, владее општа апатија и немање чувство за вредност и квалитет.

Од друга страна, глобалната мрежа понуди многу можности за самостоен пласман. Што е потребно за еден ликовен уметник да се пробие на домашната, а како да стигне до меѓународната сцена?

– Точно дека глобалната мрежа нуди многу можности, но и таму состојбата не е нешто подобра. Пандемијата си го направи своето, глобална криза е во сите сфери па и на арт-маркетот. Има можности, не дека нема, преку веб-платформи, веб-галерии, веб-локации за уметност, но малку е потешко за презентирање и консумирање, како продавањето на делата и уметноста глобално сфатено.

Тие си имаат свои услови кои мора да се почитуваат, повеќето веб-локации се плаќаат, саемите за уметност исто така се плаќаат, така што за да продуцираш уметност и да живееш од уметност, навистина ти се потребни огромни финансии за да ги покриеш елементарните трошоци, а не па да зборуваме за некоја поголема заработка. Но некако се снаоѓаме, уметникуваме…

Како може државата да го помогне овој процес?

– Не гледам некаков напредок во овој процес, а тоа важи и за децении наназад, (иако сум оптимист по природа) не знам навистина… Но, мислам дека најпрво мора да си ги решиме круцијалните работи дома, да поставиме здрави темели, каде образованието и културата, покрај останатите сегменти кои се и тоа како важни за едно нормално и стабилно општество, ќе бидат на врвот на пирамидата, како основа за натамошно успешно развивање и напредување. Кажано се речникот на информатиката, нам не ни е потребен рестарт на општеството, потреба ни е реинсталација на менталната матрица.

Фотографии: Владо Кипријановски

Сподели