Злато и сребро освоија младите информатичари на Балканската олимпијада

Златен и еден сребрен медал и олимписка пофалба освоија младите информатичари од Македонија на 28. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2021) што од 24 ноември од вчера се одржа во Шумен, Бугарија. Благојче Павлески од Прилеп, матурант во Приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје освои злато, Марко Танески, исто така од Прилеп освои сребрен медал, а Андреј Шекеров од Скопје освои олимписка пофалба. Добри резултати постигна и ученикот Тео Китановски. Тимот беше предводен од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
– Ова е највисокиот резултат во скоро 30-годишната традиција на ова натпреварување – велат организаторите.

БОИ 2021 се одржа онлајн, а учествуваа вкупно 37 средношколци од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и од Словенија. Тие покажале најдобри резултати во областа на компјутерските науки на годишните национални натпревари во програмирање. Нашиот тим традиционално се избира во целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава поддржан од ФИНКИ и од компаниите „Нетцетера“ и „Семос едукација“. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Според д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ и долгогодишен претседател на Балканската олимпијада, овој резултат е продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.
– Успехот се должи на напорите на Здружението редовно да работи со талентираните ученици и воведувањето на информатиката и темите од програмирање во основното и средното образование во првата половина на претходната деценија. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се игнорира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја – вели Јованов.

Дополнително, на Шуменскиот турнир, интернационален натпревар кој се одржува онлајн во паралела со Балканската олимпијада, Сара Стефановска од македонскиот јуниорски тим освои бронзен медал. Сара е ученичка од Крива Паланка запишана во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Таа за ова одличје се избори во конкуренција на 168 натпреварувачи од петнаесетина земји, велат од ЗИМ. Следната, 29. БОИ 2022, треба се одржи во Љубљана, Словенија.

Сподели