Изложба на дела од Мерсад Бербер, еден од најреспектираните уметници од поранешна Југославија утревечер во 19 часот ќе биде отворена во уметничката галерија „Ел Греко“ во Скопје. Ќе бидат претставени 23 графички листови. Изложбата ќе биде поставена до 20 декември.
– Бербер на нашите простори за последен пат е претставен пред речиси 40 години. Тој е еден од ретките во поранешните југословенски простори кој постигнал меѓународна кариера. Неговите дела се наоѓаат во бројни меѓународни колекции (јавни и приватни), меѓу кои и галеријата „Тејт“ во Лондон – велат организаторите на изложбата.
Мерсад Бербер (1940-2012) е роден во Босна и Херцеговина. Постигнал одлични резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, од графиката, која му е специјализиран медиум, до сликарство, цртеж, илустрација, сценографија, костимографија итн. Неговата виртуозност во цртачката техника му ги овозможила успешните манипулации во сите останати техники и медиуми, со помош на која успевал да постигне деталност, мунициозност и прецизност, која ретко кој модерен уметник знаел да ја долови.
Бербер се појавува на ликовната сцена во 60-тите години на 20 век и веднаш почнува да постигнува врвни резултати, да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биеналиња и триеналиња за графика, кои постепено му го трасираат интернационалниот подем и видливост во кариерата.
Насловна фотографија: Дело од Бербер (Галерија „Ел Греко“)





