„Зоки Поки“ и на српски јазик, втората сезона неизвесна

Десетте епизоди од првата сезона на „Зоки Поки“ ќе се емитуваат и на националната телевизија во Србија, „РТС“, известува продуцентската куќа „Кино око“. Продуцентот Роберт Насков вели дека е голем предизвик серијата да се прикажува на РТС, телевизија која негува висок квалитет на продукција, посебно во последните години, кога во Србија расте бројот на квалитетни телевизиски серии.
– Со нетрпение ја очекувам реакцијата на децата од соседна Србија – вели Насков.
„Зоки Поки“ премиерно се емитуваше на првата програма на нашиот јавен сервис МРТВ од мај до јуни 2020 година. Веќе е најавено емитувањето на серијата и низ цела Скандинавија, односно на националните телевизии „SVT“ во Шведска, „NRK“ во Норвешка, „DR“ во Данска и „YLE“ во Финска.

– Емитувањето на овие значајни национални телевизии во Скандинавија и соседна Србија е од историско значење за македонската кинематографија. Но, и покрај големиот меѓународен успех, снимањето на втората сезона е сѐ уште во неизвесност – велат од „Кино око“.

„Зоки Поки“ е снимена според истоимената книга на Оливера Николова од 1963 година. Режисери во првата сезона беа Александар Поповски, Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, а сценариото го напишаа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска. Музиката е на Александар Пејовски, Александар Митевски и Игор Василев-Новоградска.

Улогите ги толкуваат: 11-годишниот Матеј Настевски, Сашко Коцев, Даниела Иваноска и Сабина Ајрула-Тозија.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели