Горан Стефановски: Горд сум на нашата жилавост

На 27 април 1952 година во Битола е роден Горан Стефановски. Великанот почина на 27 ноември 2018 година. Во негова чест ви пренесуваме извадок од „За нашата приказна“ – неговата пристапна беседа по повод примањето за член на Македонската академија на науките и уметностите во 2006 година

„За нашата приказна“

Дозволете ми да ви кажам овде некој збор за приказните, за нивната смисла и значење, за материјалот од кој се прават, за тоа колку често сесмешно, тажно и опасно спротиставени една на друга…

Еве некои од состојките на нашата приказна на кои сум длабоко горд:

Горд сум на нашиот жив принцип на парадоксалност : Антилогика не како ирационалност, туку како принцип на живот. Слобода на итарпејовска јуродивост, итрина, снаодливост. Слобода на глупоста. Обратност на перспективата. Свест дека животот не може да се сфати со ум, ниту може рационално да се иецрпи неговата смисла.

Горд сум на нашите ритуали на живеење. Фамилија, прочка, слава, амкање со јајца, прегрнување, отворена емоционалност, прифаќање, помирувачка моќ, игривост, телесност, тактилност, затворање очи на песни, зурли и тапани, сарма, лубеница, пинџур и бурек, внатрешни лавиринти на заедништво и кругови на љубов, некаква постојана детска радост и возбуда околу мали нешта.

Горд сум на светата строгост и сведеност на нашите икони и фрески. Кај и да чепнеш палимпсеста на раскошен дух, ризници на заумна уметничка артикулација. Божествена патина.

Горд сум на нашата сериозна историја на паметење, питомост и кроткост и почит за различноста, Талмуд школи во Скопје и Битола, мудрост на соживот, извесна историска резигнација и зрелост, увид дека животот е сериозна појава, дека има смисла да се зборува само за метафизика, само за смислата сама.

Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот. Знам дека ме има според нападите со кои работам да ме снема. Знам дека сум според упорноста со која се трудат да не сум. Мојата жилавост излегува од аванот во кој ме толчат и тиганот во кој се крчкам. Токму тој аван и тој тиган се моите места на моќ.

Се разбира овие македонцки работи се меч со две острици, термините кои ги употребувам се контаминирани, можат да налеат масло на оган. Страста која ja имаме е и храна и отров, може да ни го стопли домот и да ни ja запали куќата, погонско гориво и за љубов и за омраза. Нашите најдобри особини лесно знаат да ни го свртат грбот и да работат против нас. Но, во нашите проблеми се нашите решенија. Дедо Цепенко нѐ учи: Кај што паѓа чоек, таму и станува.

фото: Јутјуб

Сподели