Во сабота почнува „Агенда 21“ новото еколошко шоу со Весна Петрушевска и Игор Џамбазов

Како да ги ублажиме проблемите кои му се закануваат на човештво, загадувањето на воздухот, дивите депонии, климатските проблеми се во фокусот на новото еколошко шоу „Агенда 21“ кое во сабота во 20 часот премиерно ќе биде прикажано на телевизијата „Телма“. Нова епизода ќе биде емитувана секоја сабота во истиот термин, а репризите ќе бидат во неделите. Водители на поуто се актерите Весна Петрушевска и Игор Џамбазов, придружувани од младите актери Кристијан Ѓоргиев, Анастасија Митровска и Јована Миладинова. Тие на интересен и забавен начин ќе презентираат факти, ќе разменуваат мислења за најгорливите еколошки теми и заеднички ќе трагаат по соодветни решенија за ублажување на климатските промени, глобалното затоплување и уништувањето на природата. Идејата е шоуто да ги едуцира гледачите за актуелната состојба со животната средина во Македонија и за опасностите од глобалните климатски промени и да даде насоки како секој поединешно може да повеќе да се грижи за природата, што може да сторат институциите и компаниите.

– Направивме емисија налик на „домашна седенка“ со поширокиот круг на семејството. Секоја епизода од „Агенда 21“ е тематска. Првата епизода е посветена на загадениот воздух и дивите депонии. Истражувавме многу, собравме податоци од различни извори, излеговме на терен и снимивме голем број диви депонии низ земјава. Не постои суштество кое може толку да ја загади планетата колку човекот. И не треба да замижуваме пред тоа, туку да се занимаваме интензивно со оваа тема ако сакаме да имаме здрав живот и здрави генерации – рече Петрушевска во гостувањето на Утринската програма на „Телма“.

Еколошкото шоу „Агенда 21“ е во продукција на КМК. Проектотого подготвувале две години, свесни за големата тежина на темите кои ги обработува.

– Откако започнавме да снимаме во градовите и селата, уочивме дека грижата за животната средина ни е на ниско ниво. Навистина е загрижувачки да гледате депонии големи колку цели села, а истите тие се „комшии“ на нашите урбани и рурални општини. За жал, сето тоа ние како граѓани го „консумираме“ преку воздухот и почвата. Треба да преземеме акција уште денеска – потенцира Виолета Дамевска-Ѓоргиева, продуцент на проектот.

Сподели