15-годишната тинејџерка Ерато Нора Кардула е дел од изложбата „И јас сум тука“, што е отворена во Кинотеката, а чија цел е борбата со предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост

Таа е деветтоодделенка во основното училиште „Гоце Делчев“ во Скопје. Ерато Нора Кардула има аутизам. Има 15 години и живее со своите родители Зоран и Домника, со постарата сестра Теано и нејзината баба. Ерато многу сака да се дружи. Се радува кога е во училиште опкружена со многу деца, вели нејзината мајка Домника.

Ерато Нора Кардула

– Сака кога имаме гости, кога излегуваме на прошетка. Особена радост уште од најмала возраст ѝ претставува одењето во маркет, со посебен акцент на одделот за чоколада и бонбони. Ако нешто многу сака да прави, тоа е да си купи чоколадо и гумени бонбони – вели Домника.

Ерато Нора беше пресреќна и скокаше од радост кога го виде својот портрет изложен во холот на Кинотеката. Таа се натажува и се фрустрира кога не може вербално да се изрази. Нејзиното семејство многу добро ја разбира кога комуницира со нив на нејзиниот јазик, но велат дека тоа понекогаш не е доволно.

– Taa сака да биде меѓу луѓе. Се мисли дека лицата од спектарот не сакаат дружба, гушкање, бакнување, но тоа не е случај со Ерато. Таа сака дружење. Сака да слуша музика и да гледа видеа на нејзиниот мобилен телефон. Сака да оди на море, каде што вистински ужива – споделуваат нејзините родители.

За жал, како и многу други деца и млади со некаква попреченост, и Ерато била изложена на непријатни ситуации. Била во ситуација кога не била прифатена, но имало и ситуации кога го имала целото внимание.
– Реакциите на средината кон неа се различни, од непријатни до многу пријатни. Била во ситуација кога не била прифатена до ситуации каде го имала целото внимание. Сме имале и прилики каде била навредувана од деца на нејзина возраст, но на наша и нејзина радост многу повеќе ситуации каде била со љубов и внимание опкружена. Ерато можеби нема да го разбере во потполност лошиот збор упатен кон неа, но со сигурност ќе ја препознае негативната енергија и ќе се дистанцира од таквите луѓе – вели Домника.

Пандемијата негативно влијаела врз нејзиниот развој и однесување. Како семејство, првично имале дилеми како ќе се приспособи на мерките што беа во сила.
– На наше задоволство, многу лесно се приспособи на носењето маска, дезинфицирањето каде што беше потребно и подавањето тупаница наместо ракување и гушкање. Но неодењето на училиште толку време ја направи анксиозна и повлечена. Секако, влијание имаше и максималното намалување на нашите контакти со роднините и пријателите – велат родителите на Ерато.

Ерато е среќна каде што има шаренило околу дуќани, излози, реклами, а нејзина омилена храна ѝ се макарони, помфрит и чоколадо. Најубаво ѝ е дома, а надвор од овој круг, дефинитивно најмногу се радува на братучетка ѝ Зоја, која е нејзина врсничка.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.