ЗЏМ Биг бенд беше мек како свила, но „удираше и јако“ кога требаше

Хрватските медиуми не штедат пофални зборови за концертот што завчеравечер се одржа во големата сала на „Ватрослав Лисински“ во Загреб каде светската ѕвезда Курт Елинг настапи со македонскиот состав ЗЏМ Биг бенд (Здружение на џез музичари). Годинашниот добитник на наградата „Греми“ за албумот „Secrets Are the Best Stories” и омилен пејач на Барак Обама бил одушевен од нашиот музички состав.

Според Хрвоје Хорват од Вечерњи, „Елинг во Загреб одработи вистински тим-билдинг со ЗЏМ Биг бенд, со чии членови одржаа само две проби, но звучеа како да имаат многу настапи заедно зад себе. Дел од ова се должи и на проверените и непроменливи аранжмани што ги интерпертира Елинг“.

Концертот на Елинг беше најавен како најголемо гостување годинава. Настапот беше во рамките на 12. Загреб џез фестивал. Според Зоран Стајчиќ, едноставноста на концертот се огледувала во тоа што Елинг само за оваа прилика беше придружуван од ЗЏМ Биг бенд.

– Станува збор за оркестар кој имаше забележителни настапи посветени на музиката на „Битлси“ и на „Рејдиохед“, а во една прилика имаше соработка и со Зиги Фајгл. На сцената на „Лисински“, ЗЏМ Биг бенд беше мек како свила, но „удираше и тврдо“ кога тоа се бараше. Малку е да се каже дека Македонците беа беспрекорни и нè „извозеа“ низ фасцинантиот настан во секој поглед. Според изборот на компзициите, ова беше концерт на надежта – песни за тешки времиња и тешки одлуки, но свртени кон подобра иднина. Штета што „Лисински“ не беше полн, не поради Елинг, но поради тие што ја пропуштија комбинацијата на перфекционизам и оптимизам – пишува Стајчиќ.

Борис Абрамовиќ на musicbox.hr напиша дека „концертот го отвори ЗЏМ Биг Бенд, за кој уште во првите тактови можеше да се заклучи дека се работи за музичари што добиле можност да ја поделат сцената со врвна џез ѕвезда“.

– Тие оваа прилика ја искористија на најдобар можен начин. По воведот им се придружи и ѕвездата на вечерта и започна прекрасна џез вечер. Врвната синергија помеѓу Елинг и ЗЏМ Биг Бенд ни подари извонредно музичко доживување. Македнскиот Биг Бенд во секој случај ја оправда довербата што Курт Елинг ја укажа (по секоја песна ги претставуваше солистите од бендот, а изговорањето на имињата и презимињата звучеше речиси како скет-пеење) – пишува музичкиот критичар.

Фотографии: Ненад Георгиевски

Сподели